Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со јасни пораки за време на посетата на скопје
- Генералниот секретар на Алијансата нагласи дека Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан, регион што повторно влегува во фокусот на стратешките анализи
Во време кога безбедносната архитектура на Европа повторно се преиспитува, пораките од Скопје и од седиштето на НАТО се јасни, одбраната повеќе не е апстрактна бројка, туку политичка и стратешка обврска.
Генералниот секретар Марк Руте ги поздрави македонските заложби за достигнување на прагот од пет отсто издвојувања за одбраната, како што беше ветено. Во неговиот настап на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова немаше простор за дипломатски нијансирања, туку пораката беше директна и недвосмислена.
– Ова не е период да седиме мирно, сите сојузници мораме да направиме повеќе, мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и ова е клучно за да ги постигнеме нашите цели и целосно да ги подготвиме активностите на НАТО, а резултатот е поголема безбедност, поголем економски раст и повеќе работни места – истакна Руте.
Несомнено зад оваа формулација на генералниот секретар се крие пошироката стратегија на Алијансата, одбраната да не се третира како трошок, туку како инвестиција што генерира стабилност и развој.
Од два до пет отсто – симболика и обврска
Руте подвлече дека Македонија веќе издвојува повеќе од два отсто од БДП за одбраната, што, според него, претставува „огромен напредок“. Констатирајќи дека нашата земја дава повеќе од два отсто за одбраната од својот БДП, тој истакна дека тоа е „огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне издвојување до пет отсто како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО“. Во своето обраќање во јавноста, Руте ја поздрави поддршката на нашата држава за Украина. Според него, во актуелниот геополитички контекст, поддршката за Украина и засиленото присуство на источниот фронт на Алијансата се тест за кредибилитетот на секоја земја членка.
Западен Балкан, безбедност без вакуум
Генералниот секретар нагласи дека Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан, регион што повторно влегува во фокусот на стратешките анализи.
– Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО се посветува кон заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците – потенцираше Руте на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, додавајќи дека Алијансата може да смета на нас, како членка на НАТО за да си го одиграме својот дел. Во ваквите изјави, „безбедносен вакуум“ не е само теоретска категорија, туку предупредување дека секое отсуство на ангажман остава простор за други влијанија, што меѓу редови е порака и до македонските власти, дека земјава нема да биде оставена надвор од евроинтеграциските процеси.
НАТО како заедница на вредности
Од македонска страна, претседателката Сиљановска-Давкова го стави акцентот на кохезијата и заедничките принципи.
– Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамките на НАТО да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО – рече македонската претседателка.
Таа додаде дека Алијансата не е само воен сојуз туку „заедница на споделена одговорност“ и заедничка визија, нагласувајќи дека земјата го спроведува планот за инвестиции во одбраната.
– Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност – посочи претседателката.
ЕУ како конечна гаранција
Безбедноста, сепак, не беше сведена само на воената димензија. Според Сиљановска-Давкова, најголемата гаранција за мирот и стабилноста на Западен Балкан останува европската интеграција во рамките на Европска Унија.
– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност туку и за безбедноста на Европа во целина, се нашето членство и членството на Западен Балкан во ЕУ – нагласи претседателката.
Упатените пораки имаат двојна димензија, одбранбените проценти се важни, но уште поважно е стратешкото позиционирање. Во време кога глобалните линии на поделба се продлабочуваат, малите држави немаат луксуз на неутралност, тие мораат јасно да ја дефинираат својата страна и да инвестираат во неа.
Генералниот секретар на НАТО во врска со војната во Иран децидно изјави: „Нема вклучување во иранската војна“, но се случи ирански дрон во британска воена база…
Дали нападот врз британската база ќе значи вклучување
на Алијансата на Блискиот Исток?
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, непосредно пред посетата на Македонија јасно порача дека Алијансата нема да се вклучи во актуелниот конфликт на Блискиот Исток. Исто така, и на заедничката прес-конференција со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, тој нагласи дека НАТО како организација не е страна во судирот, истовремено предупредувајќи дека Иран претставува безбедносна закана и за Европа. Неговата порака беше двојна: деескалација и дистанца од директно учество, но и јасна демонстрација на подготвеност за одбрана на територијата на сојузниците.
Нападот врз британската база: Билатерален инцидент или напад врз Алијансата?
Само што изјавата на Руте пред посетата на нашата земја одекна во јавноста, следуваше информацијата за напад со дрон од типот „шахед“ врз британска база на Кипар. А потоа, следуваше клучното прашање: Дали нападот автоматски го активира членот 5 од Северноатлантскиот договор? Познато е дека членот 5 предвидува дека оружен напад врз една членка се смета за напад врз сите.
– Како и за многу прашања, реалноста е покомплексна. И правната и политичката реалност станаа „растегливи“. Прво, иако базите на Кипар што ги користи Велика Британија имаат посебен статус (суверени базни подрачја под британска јурисдикција), тоа не значи автоматска колективна воена реакција – тврдат наши соговорници.
– Активирањето на членот 5 не е еден автоматизам, туку е потребна политичка одлука на Северноатлантскиот совет, и тоа со консензус на сите членки. Второ, дури и кога членот 5 е активиран, секоја земја одлучува каков тип поддршка ќе даде… Некоја членка воена поддршка, друга логистичка, трета разузнавачка или политичка. Тоа не мора да значи заеднички „возвратен удар“ – вели нашиот соговорник, упатен во документите и процедурите на НАТО, додавајќи дека историјата покажува дека членот 5 е активиран само еднаш, и тоа по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. Секој нареден случај е внимателно разгледуван токму за да се избегне автоматска ескалација со невидени размери.
Членот 4 – поверојатна опција?
– Во вакви ситуации почесто се активира членот 4 од договорот, кој предвидува консултации кога некоја членка смета дека нејзината безбедност е загрозена. Ова би ѝ овозможило на Велика Британија да побара координација и заедничка процена на заканата, без формално влегување на НАТО во конфликт – вели нашиот соговорник, правејќи разлика помеѓу можноста за „национална реакција наспроти полна НАТО-интервенција“. Имено, француската одлука да испрати противракетни системи и фрегата, како и грчкото распоредување авиони и поморски сили, се национални одлуки на сојузнички држави! Тоа не претставува формална операција на НАТО. Земјите членки можат самостојно да реагираат заради поддршка на свој сојузник од Алијансата или, пак, за заштита на сопствените интереси. А тоа значи дека Алијансата како целина НЕ влегува во војна, тврди нашиот соговорник, додавајќи дека токму тука лежи суштината на изјавата на Руте, а таа е дека „НАТО како институција не е страна во блискоисточниот конфликт, но останува подготвено да ја брани својата територија ако се утврди дека е извршен оружен напад во смисла на договорот“!
Дали Техеран го тестираше членот 5?
Дилемата околу Кипар ја отсликува тенката линија по која се движи Алијансата. Сега НАТО се обидува да демонстрира кредибилна одбрана и одвраќање, без да стане директен учесник во регионален конфликт. Засега, нападот врз британската база повеќе ќе се третира како „инцидент со сериозни безбедносни импликации“ и ќе има „национален одговор на некои од земјите членки на Алијансата“, а нема да биде „поттикнувач за колективна одбрана“.
Дали ќе се третира како тест на членот 5 ќе зависи од правната квалификација на настанот, политичката процена на Лондон и од консензусот меѓу сојузниците. Со други зборови, изјавата на Руте и случувањата на Кипар не се нужно контрадикторни. Тие ја рефлектираат сложената архитектура на НАТО како сојуз што се обврзува на колективна одбрана, но внимателно одмерува кога, како и за кого ќе се активира таа обврска. П.Р.
































