Кога ќе ги погледнеме овие податоци, навистина ќе сфатиме дека сето она што го правиме за одбрана на македонскиот идентитет за некои 40-50 години можеби ќе биде залудно бидејќи природниот прираст во земјава се намалува. Ќе дојде време кога нема да има доволно деца за смена на генерациите, така што ќе нема кому да му се пренесе колективната меморија, предупредуваат социолозите
Загрижувачка мапа на Илон Маск за плодноста во Европа, Македонија на дното
Во време кога македонскиот народ се бори да го зачува сопствениот идентитет, многу поопасна закана од нападите од соседите е намалувањето на природниот прираст на населението во земјава, која веќе се категоризира во групата земји со ниска стапка на фертилитет, односно плодност.
Имено, неодамна американскиот мултимилијардер Илон Маск сподели мапа што ги прикажува стапките на плодност во европските земји на социјалната мрежа Икс, на која Македонија е со коефициент 1,48, што означува ниска плодност. Стапка на плодност значи коефициент што го покажува бројот на деца родени по жена во плодниот период од животот, од 15 до 49 години. Коефициентот на стапка на фертилитет над 2,1, е тој што е доволен за замена на генерациите.
– Или Европа ќе почне да има големи семејства или ќе продолжи да умира – напиша Маск.
Европа старее, намалениот фертилитет се компензира со зголемен број домашни миленици
Бројките се поразителни за повеќето европски земји. Огромното мнозинство европски земји имаат ниска стапка на фертилитет. Франција, Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Бугарија и Молдавија се снаоѓаат подобро од просекот, односно влегуваат во категоријата земји со недоволна стапка на фертилитет. Единствено Косово на оваа мапа се издвојува во зелена боја со стапка на фертилитет од 1,9. Највисок процент на фамилии со деца е забележан во Словачка (35,6 отсто), Ирска (31) и во Кипар (28,6).
Од друга страна, во земјите на Европската Унија сѐ поголем број фамилии му даваат приоритет на чувањето домашни миленичиња во споредба со одгледувањето деца. Податоците на Евростат за 2024 година откриваат дека во ЕУ имало речиси 202 милиони домаќинства, но само 47,6 милиони (23,6 отсто) од нив имаат потомство, додека 76,4 проценти се без деца. Статистиката покажува дека околу 91 милион европски домаќинства (46 отсто) имаат домашни миленици. Овие трендови се пресликуваат и во Македонија, каде што за сметка на намалениот фертилитет, се зголемува бројот на домашни миленичиња.
Социолозите ги објаснуваат ваквите феномени од повеќе аспекти, почнувајќи од несигурните времиња, здравствените проблеми, како и тенденциите луѓето сѐ помалку да сакаат да преземаат одговорност.
– Кога ќе ги погледнеме овие податоци, навистина ќе сфатиме дека сето она што го правиме во одбрана на македонскиот идентитет за некои 40-50 години можеби ќе биде залудно бидејќи природниот прираст во земјава се намалува. Ќе дојде време кога нема да има доволно деца за смена на генерациите, така што ќе нема кому да му се пренесе колективната меморија. Многу работи влијаат врз намалениот фертилитет, почнувајќи од лошите состојби во државата, економската несигурност на граѓаните, сѐ потешкото стекнување сопствен дом, кариерата, светските превирања… Граѓаните не се имуни на ваквите состојби и затоа потешко се решаваат за потомство. Дури и ако се решат, семејствата се со по едно дете. Ако на сето ова се придодадат и глобалните трендови, либералните политики на кои семејството не им е приоритет, тогаш се зголемува бројот на бездетни семејства – велат социолозите.
Егзистенцијални, здравствени, глобалистички причини
за намалениот фертилитет
Според нив, исклучително голем проблем е и фактот што поновите генерации се соочуваат со намалена плодност од здравствени причини.
– Има некој необјаснив феномен на намалена плодност кај поновите генерации, така што ако во минатото стапката на деца добиени со вештачко оплодување беше ниска, денес таа драстично расте. Тоа говори дека постои некаква здравствена причина зошто паровите немаат деца и е намален фертилитетот, но истражувањата треба да го утврдат тоа. Добро е што државата презема некои чекори за бесплатно ин витро оплодување на паровите што имаат проблеми – истакнуваат социолозите.
Тие додаваат дека на намалениот фертилитет влијаат и глобалните случувања и текови, а она што се случува во Европа, буквално се пресликува и во Македонија.
– Обрнете внимание на телевизиските реклами што се пласираат и ќе забележите дека во повеќето од нив луѓето живеат сами, семејствата се претставени со едно дете, задолжително има некое домашно милениче, дружбите се сведуваат на пиво и грицки додека се следи некој спортски натпревар. Тоа е тој глобалистички корпоративен пристап, поединецот во прв план, а семејството само како заднина. И тоа секој ден се гледа, се всадува во психата на луѓето и тоа се претставува како универзален начин на функционирање. На корпорациите им се потребни работници посветени 24 часа на работата, а не на семејството. Затоа расте бројот и на млади што воопшто не стапуваат во брак или на бракот гледаат како на нужно зло. Се отиде дотаму да се бришат и половите меѓу луѓето. Дури и разводите галопирачки растат. Од друга страна, потребата за друштво се компензира со голем број домашни миленичиња – објаснуваат социолозите.
За нив излезот е во посериозниот пристап на државата кон младите генерации, кои треба да бидат мотивирани да создаваат семејства.
– Ако се средат состојбите внатре во државата, ако младите имаат сигурна и добро платена работа, ако државата субвенционира купување станови и куќи, односно ако им гарантира сигурна иднина, нема зошто македонските семејства да немаат две, три или и повеќе деца. Децата треба да бидат плод на љубов меѓу две индивидуи што сакаат заеднички да ја надградат таа љубов така што ќе создадат нов живот, наместо на раѓањето деца да се гледа и од некои кругови тоа да се претставува како на принуда на жената да биде само машина за раѓање. Семејството е основата на секое здраво општество, а државата мора да се погрижи сето ова да го стимулира и помага доколку сакаме идни македонски генерации што ќе го негуваат сопствениот македонски идентитет и во некои идни времиња – заклучуваат социолозите.
„Евростат“: Македонија – трета во Европа според иселувањето
Функционална држава е брана за иселеничкиот бран
Масовното иселување од земјава продолжува со несмалено темпо, а тоа го потврдува и најновото истражување на „Евростат“, кое покажа дека од сите европски земји Македонија е трета по иселување.
Несомнено на ваквиот негативен тренд влијаеја децениите лошо раководење со државата, немањето систем, невладеењето на правото, партизацијата на институциите, високата корупција, етнизацијата, некомпетентноста и сите аномалии што произлегуваат од ваквите состојби.
Истражувањето на „Евростат“ покажа дека во споредба со 2011 година, од земјава се иселиле 11,4 отсто од населението. Најголема емиграција се бележи во Албанија, а по неа е Бугарија. Зад Македонија се Босна и Херцеговина и Хрватска. Од друга страна, бројот на населението на Албанија е намалено за 18 отсто на крајот од 2024 година, споредено со 2011 година.
Од земјите во регионот речиси сите се зафатени од бранот на емиграција, единствено Црна Гора успеала да го задржи своето население, кое е речиси непроменето, односно бележи зголемување од 0,6 отсто.
Овие податоци од истражувањето на „Евростат“ јасно покажуваат дека ниту членството во Европската Унија, ниту, пак, ефективните пристапни преговори не влијаат врз одлуката на граѓаните да останат во својата татковина, туку во прашање е нешто друго.
– Од податоците на истражувањето може јасно да се види дека голема емиграција има и од земјите од регионот што се членки на ЕУ. Бугарите масовно емигрираат на Запад, Хрватите исто така, ништо подобра не е состојбата ниту со Србија, Романија, Албанија… Затоа не треба да се чудиме зошто и со Македонија тоа е случајот, односно зошто граѓаните масовно се селат. За да се спречи оваа негативна појава, треба да се изгради функционална држава каде што секој ќе се чувствува сигурно, ќе биде добро платен, ќе има квалитетно здравство и образование, чиста средина, добра инфраструктура, силна економија, во која ќе владее правото, ќе се цени стручноста, мерит-системот, нема да има корупција, криминал или барем тие ќе бидат сведени во некои разумни рамки. Во таков случај, прашање е дали некој би си ја напуштил сопствената земја. Ние скоро почнавме, но треба сега да истраеме да направиме функционална непартиска држава, тогаш е висока веројатноста дека ќе прекине иселувањето, а длабоко верувам и за дел од оние што си заминале, дека ќе се вратат – коментираат аналитичарите. С.Т.