Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија и градот Охрид, основоположник на Македонската православна црква, прв словенски епископ, прв епископ велички. Тој бил божји светител, учител на црквата и евангелизацијата, народен просветител, творец на многу корисни книжевни дела, пред сѐ слова – похвали, педагог, a бил и сејач на културата и уметноста…
Во пресрет на празникот Свети Климент Охридски – чествување на најголемиот македонски светител и чудотворец
В недела е верскиот и државен празник Свети Климент Охридски, кој се почитува како заштитник на Македонија и градот Охрид, основоположник на Македонската православна црква, прв словенски епископ, прв епископ велички. Свети Климент Охридски бил божји светител, учител на црквата и евангелизацијата во Македонија, народен просветител, творец на многу корисни книжевни дела, пред сѐ слова – похвали (посветени на: општохристијанските светители Св. Ѓорѓи. Св. Тома, Св. Антониј…, на Богородица, на настаните од животот на Исус Христос…), педагог, бил сејач уште на културата и уметноста… Со своите учења, сесрдно и со љубов, им го пренесувал словото божјо на луѓето. Животот им го посветил на Бога и на народот.
Се верува дека Свети Климент Охридски е личност, Македонец, која е најмногу поврзана со македонскиот народ. Тој е најголем македонски светител, просветител и учител, со кого почнала евангелизацијата во Македонија.
Свети Климент Охридски (роден во 836 година, умрел во 916 година во Охрид), заедно со Светиот Горазд, се смета за еден од најистакнатите извршители на Моравската мисија (со која почнало да се шири христијанството), која ја предводеле сесловенските рамноапостолни просветители и учители Светите Кирил и Методиј. Свети Климент Охридски има историски, немерливи, заслуги во зацврстувањето на примената и ширењето на христијанизацијата на Словените, преку новиот јазик, словенскиот.
По упокојувањето, пак, на неговиот првоучител Методиј, Моравската мисија го доживува својот неуспех, а неговите ученици, на чело со Светите Горазд и Климент, биле предадени на нечовечки страдања и прогонство. Но божјата промисла и во оваа пригода покажала дека страдањето на учениците на светите браќа и нивниот прогон е за просвета на балканските Словени и за нивно духовно нахранување со Евангелското слово на разбирлив словенски јазик. Како што некогаш апостолот Павле беше испратен од ангелот во Македонија така и овој пат Свети Климент од страна на благоверниот цар Борис е испратен во охридските краишта, во областа Кутмичевица. Најпрвин со своето учителствување, а потоа со епископското дело прави преродба во овие периферни области, а бројката од три илјади и петстотини негови воспитаници сведочи за самопожртвуваната макотрпна работа на овој голем ерарх.
Достигнувајќи длабока старост и изнамачен од многугодишните трудови, кои вродиле со обилен плод, заспива во Господа во 916 година, во манастирот на охридскиот Плаошник, токму на 27 јуни, во денот на манастирската слава. Овој манастир во текот на целиот Климентов престој во овие краишта бил неговото омилено пребивалиште и тивко пристаниште.
За најголема придобивка од делата на Свети Климент Охридски експертите теолози го сметаат тоа што, откако тој во 886 година го основал првиот, и тоа словенски, Универзитет во Европа – Охридскиот универзитет наречен Светиклиментов, од таа Охридска книжевна школа, како подготвени излегле три илјади и петстотини негови ученици. Во охридскава книжевна школа се користела глаголицата, а не кирилицата.
Свети Климент со љубов им пристапил и ги ширел двете најголеми евангелски заповеди – љубовта кон Бога и кон луѓето. За секое прашање ги користел Библијата и учењето на светите отци. Како што говорел, на собири и на поединци, така и – со огромен и ненадминлив успех – дејствувал, им помагал и живеел – во сѐ се раководел од Христа и од Евангелието. На сите, не само на неговите ученици, секојдневно, покрај тоа што ги просветувал, им давал личен пример и барал од нив да ги исполнат главните човечки и христијански цели: да љубат секого, да бидат добри и човечни, да ја практикуваат и ја шират верата. Тој ги проповедал Христа и Евангелието во секоја пригода и насекаде. Учениците го слушале како да им е татко и, ширејќи го неговото дело, тие се формирале како личности и како проповедници на христијанството.
За значењето на Свети Климент Охридски можеби најмногу говорат следните зборови на неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на неговото промотивно Слово (во октомври 2016 година) на промоцијата на книгата „Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија“, која беше објавена во 2016 година, по повод 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент, а на која уредник е неодамна блаженоупокоениот дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј.
– Пред нас е едно навидум мало дело, поради форматот, но многу големо поради својата актуелност, значење, содржина… Полека поминува 2016 лето Господово, година во која се удостоивме да го одбележиме многу значајниот настан за нашиот духовен и национален бит – илјада и стогодишнината од упокојувањето на најголемиот духовен, но и национален великан по кој се препознаваме и како црква и како народ и како држава – Светиот Климент Охридски.
Покрај сите други собитија и настани, подготвени во чест на Свети Климент во оваа славеничка година, еве, го одделуваме, со особен интерес и потреба за истакнување, и делово што е пред нас „Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија“, во издание на Македонската православна црква. Навистина, за Свети Климент може многу да се говори, и содржински и временски, но она што е значајно во неговата личност, а што е и суштествено за претставувањето на најновото издание на издавачката дејност „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија, се токму светоста и култот на охридскиот светител и чудотворец. Несомнено, историските, книжевните и уметничките споменици сведочат дека Свети Климент уште веднаш по своето блажено упокојување во Господа бил прославен од Бога, а Црквата во Охрид многу брзо го развила и неговиот култ преку создавање житијни творби, богослуженија, како и иконични и фрескописни претстави. Почитувањето на Свети Климент како светител започнало најверојатно по неговата смрт (916 година), под влијание на неговиот свет живот и чудата што ги вршел, кои се основни критериуми за утврдувањето на нечија светост, на што укажуваат неколкуте агиолошки дела од различен тип – изјави, во почетокот на Словото, архиепископот г.г. Стефан.
Св. Климент, охридскиот чудотворец, низ вековите бил и останал најголемиот духовен авторитет со кој се идентификува нашата помесна црква, пишува во својот вовед во оваа книга Виктор Недески, кого, во споменатото промотивно слово, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го опиша како „младиот и надежен теолог“.
„Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“. Оваа евангелска порака се поставува како највисок императив на човековото постоење. Иако е упатена до целото човештво, малкумина се оние што ја достигнале мерката Христова и во кои црквата препознала свети и охристовени личности. Меѓутоа божјата промисла устроила светоста да процути во сите краишта на земјата, и меѓу сите народи Бог испратил свои избрани садови со цел никој да не биде лишен од можноста да ја познае евангелската вистина.
Нашиот народ бил удостоен со многумина вакви проповедници и сведоци на благодатта, кои низ вековите ја разгорувале верата во Македонија и неуморно ја обработувале нивата Господова сè со цел да даде што е можно пообилен плод во Христа. Меѓу нив, пак, несомнено најсилно заблескал Свети Климент, охридскиот чудотворец, кој низ вековите бил и останал најголемиот духовен авторитет со кој нашата помесна црква се идентификува. Иако заспал во Господа пред точно илјада и сто години, споменот за него не избледел ни најмалку од сеќавањето на благоверниот народ, кој за неговата духовна големина пее и раскажува до денес“, пишува во горенаведениот темелен вовед во оваа книга Виктор Недески, кој сега е професор и продекан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Традиционален осми Светиклиментов научен собир
Во чест на светецот многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (Соборниот храм) го носи името на Свети Климент Охридски, исто така се вика Националната и универзитетска библиотека на Македонија, потоа Универзитетот во Битола и многу други, меѓу кои е и Православниот богословски факултет (ПБФ) „Свети Климент Охридски“ од Скопје.
ПБФ „Свети Климент Охридски“ од Скопје традиционално го одбележува својот патрон, годинава денеска (6 декември, петок), при што помеѓу другото ќе го одржи и традиционалниот, осми, Светиклиментов научен собир.
Неделава ПБФ „Свети Климент Охридски“ од Скопје, трета година по ред, исто како и во 2022 и 2023 година (откако Српската православна црква ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија) учествува на традиционалната Меѓународна научна црковна конференција во Белград, во организација на ПБФ при Универзитетот во Белград, Република Србија, кој е основан во 1920 година. Годинава продеканот проф. д-р Виктор Недески учествува(ше) како претставник на ПБФ „Свети Климент Охридски“ на оваа еминентна конференција во Белград.
Утревечер, на 7 декември, во Музејот на македонската борба за самостојност треба да се одржи традиционалната Светиклиментова свечена академија, на која се очекува еден од говорниците да биде и професор д-р Виктор Недески.
Живко Здравкоски