Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека 2023 нема да биде изборна година, бидејќи сѐ уште трае скринингот.
-Скринингот треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане и економската криза, би требало да бидат функционални институциите кои што ќе се справуваат со неа. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат, јас гледам некои политички партии викаат ние ќе гласаме доколку ќе има избори, кажа Ковачевски вечерва во интервју за МРТ.
Според него, поддржување избори на сметка на стратешки прашања е апсолутно несоодветно.
-Јас можам да ја разбирам позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие се наоѓаат во комплетно заложништво на Левица. Во моментов наративот на опозицијата го води Левица или Димитар Апасиев, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема став во ниту едно прашање, но ниту имал некогаш став, ниту визија, ниту пак одлучност и сите бевме сведоци како тие го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ. Прво се прифаќаше јавно договорот со Бугарија, па потоа нивниот претседател кажа дека ќе поддржи уставни измени со наредниот бугарски премиер, па потоа кажа дека нема да поддржи и бараше нотарски изјави од пратениците, па потоа кажа дека ако европските институции дават некаква гаранција ќе поддржи, па за потоа да кажи дека никако нема да поддржи, и тоа е практично немање на став по најважно прашање – рече Ковачевски.
Според него, истото тоа го гледаат граѓаните, затоа, како што кажа, се и личните рејтинзи на политичарите такви, така што смета дека пратениците на Собранието и политичките партии ќе имаат како што вели, визија и храброст да донесат одлука со која ние го продолжуваме нашиот пат во ЕУ.
– Ќе има уште одлуки, јас тоа го кажував, што е се однесуваат на системско уредување на државата во многу области, здравство, правосудство, па и енергетскиот сектор, екологијата и така натаму, тоа нема да бидат едноставни одлуки, меѓутоа сето тоа ќе ја направи Северна Македонија да биде на ниво на функционирање кои што сите ние го сакаме, а тоа е функционирањето на земјите членки на ЕУ – нагласи Ковачевски.
Според него, сите обвинувања што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа кажани при прифаќањето и носењето на заклучоците во Собранието во однос на европскиот предлог предложен од Француското претседателство паднаа во вода. Тој оцени дека со ширење внатрешни тензии во општеството, со ширење недоверба со соседите не се стига никаде, и оти, тоа, како што кажа, не е начин за напредок на државата.