Остриот коментар на властите во Софија што следуваше по мислењето на Советодавниот комитет на РКНМ уште еднаш ја истакнува нивната шизофрена позиција во односот на официјална Софија кон македонско малцинство во Бугарија, но и во односите со Република Македонија. Бугарските власти дури ги обвинуваат експертите на Советот на Европа за малцински права и за „двојни стандарди“, правејќи паралела меѓу лицата што се изјаснуваат како Бугари во Македонија со Македонците во Бугарија

Софија го обвинува Советот на Европа за двојни стандарди поради неговото залагање за правата на Македонците
во Бугарија

Опомената од Советот на Европа кон Бугарија за недоволно почитување на правата на малцинствата, односно на правата на Македонците во земјата, предизвика остар одговор од властите во Софија, кои упатија обвинувања за заземање „двојни стандарди“ од страна на институцијата на ЕУ, без да изразат подготвеност за имплементација на европските препораки.
– Останува недоволен напредокот на Бугарија во однос на имплементацијата на препораките насочени кон гарантирање ефективен пристап до правата на малцинствата, и покрај позитивните движења во изминатите четири години во однос на законодавството и пристапот до здравствена заштита и образование – гласи заклучокот врз основа на мислењето на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства објавен во Стразбур.
Комитетот препорачува бугарските власти да ги промовираат културите и јазиците на националните малцинства, да негуваат доверба и меѓусебно почитување и да ја подобрат состојбата на ромското малцинство.
Остриот коментар на властите во Софија што следуваше по мислењето на Советодавниот комитет на РКНМ, уште еднаш ја истакнува нивната шизофрена позиција кон македонското малцинство (имено, Софија точно знае дека нивната позиција е противправна, се крши меѓународното право, а сепак продолжува со такви злодела), но и во односите со Република Македонија. Бугарските власти дури ги обвинуваат експертите на Советот на Европа за малцински права и за „двојни стандарди“, правејќи паралела меѓу лицата што се изјаснуваат како Бугари во Македонија со Македонците во Бугарија.
– Во однос на изјавата во петтото мислење на Советодавниот комитет за почитувањето и спроведувањето на Рамковната конвенција за националните малцинства (РКНМ), во која се наведува дека „бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, тие лица (т.е. Македонците) не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права, што е крајно загрижувачки и погрешно – се наведува во одговорот на Софија.

Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат индивидуалните и колективните права на малцинствата

Експертите на Советот на Европа сметаат дека се потребни други конкретни мерки за да се направат националните малцинства подобро познати на мнозинското население за да бидат препознаени како интегрална компонента на бугарското општество и ценети поради нивната вистинска вредност.
Советодавниот комитет исто така ги повикува властите да го промовираат учењето на јазиците на малцинствата. Другите препораки вклучуваат употреба на јазиците на малцинствата во односите со администрацијата и за време на изборните кампањи, како и потреба да се обезбеди трајно и ефективно учество на лицата што им припаѓаат на националните малцинства во процесите на донесување одлуки.
– Како и во претходните циклуси, луѓето што се идентификуваат како Македонци ја потврдија својата желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција. Меѓутоа, бидејќи властите не го признаваат постоењето на објективни критериуми за нив, тие луѓе не можат да ги уживаат индивидуалните права на малцинствата. Тие долго време се обидуваат да регистрираат здруженија за одбрана на македонската заедница, но безуспешно. Луѓето што се идентификуваат како Помаци исто така изразија желба да имаат корист од заштитата на Рамковната конвенција. Надлежните сметаат дека не се исполнети потребните објективни критериуми ниту за Помаците, кои и понатаму ги означуваат како „бугарски муслимани“, спротивно на нивната слободна идентификација – се истакнува во мислењето на Советодавниот комитет.
За Софија, пак, неточно е да се наведе дека „лицата што се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет оти сметаат дека некои активности на властите активно ги обесхрабруваат да се самоидентификуваат како етнички Македонци“. Со оглед на горенаведеното, толкувањето на обврските на Бугарија според членовите 17 и 18 од Рамковната конвенција треба да се смета за целосно неточно, завршува коментарот на Софија за мислењето на Советодавниот комитет на РКНМ за Македонците Бугарија.

Советодавен комитет: Пристапот до малцинските права во Бугарија мора да биде приоритет за спроведување од страна на властите во Софија

Затоа, Советодавниот комитет нагласува дека пристапот до правата и нивното ефективно спроведување се од огромно значење и мора да бидат приоритет на властите. Имајќи го предвид пристапот на бугарските власти кон личниот опсег на Рамковната конвенција, Советодавниот комитет смета дека е од суштинско значење да се следи прагматичен пристап кон лицата што се идентификуваат како Македонци и Помаци. Потврдувајќи ги своите претходни заклучоци во однос на имплементацијата на членот 3 од Рамковната конвенција од страна на Бугарија, Советодавниот комитет, врз основа на принципот на слободна идентификација, смета дека е особено важно конвенцијата-рамка да се применува член по член на лицата што им припаѓаат на овие заедници во областите како што се недискриминацијата и принципот на еднаквост, вклучувајќи и еднаков пристап до правата, како и унапредување на меѓусебното почитување и разбирање, особено во образованието, културата и медиумите (членови 4 и 6).
Лицата што се идентификуваат како Македонци, кои продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, му укажаа на Советодавниот комитет дека сметаат оти одредени активности на властите силно ги обесхрабруваат да се идентификуваат како Македонци по потекло. Случаите на напади што се случиле за време на јавни демонстрации организирани од овие лица, како и пречки за организирање разни настани и демонстрации, биле пријавени до Советодавниот комитет. Соговорниците на Советодавниот комитет изјавија дека бугарското општество не е свесно за важноста на малцинските права и не разбира дека националните малцинства се целосна и важна компонента на Бугарија. Соговорниците на Советодавниот комитет исто така посочија дека општеството има мало познавање за малцинствата, што се рефлектира во ограниченото образование што се нуди на јазиците на малцинствата или на историјата на нивното присуство во Бугарија, на нивните култури, традиции и историја воопшто.

Европските експерти потсетуваат на неспроведените пресуди на ЕСЧП од страна на Бугарија

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), потсетуваат експертите на Советот на Европа, во 12 случаи поднесени против Бугарија од страна на здруженијата апликанти што имаат за цел да ги заштитат интересите на „македонското малцинство во Бугарија“, утврди прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права (слобода на собирање и здружение). Овие случаи, познати како групата „ОМО Илинден“, се однесуваат на одбивањето на националните судови, помеѓу 1999 и 2015 година, да ги регистрираат здруженијата апликанти. Европскиот суд за човекови права сметаше дека овие одбивања се неоправдани и претставуваат непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, особено затоа што здруженијата жалители не се залагале за употреба на насилство или други средства спротивни на демократските принципи за да ги постигнат своите цели. Судот исто така смета дека фактот што неколку од целите на здруженијата биле опишани како „политички“ не претставува доволна причина да се одбие нивната регистрација.
Што се однесува до нивното извршување од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа, шест пресуди од оваа група случаи се предмет на постојана надзорна постапка повеќе од 17 години.
Советодавниот комитет се надева дека властите ќе ги почитуваат нивните меѓународни обврски со спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и на тој начин ќе ја почитуваат слободата на здружување, како што е загарантирана со членот 7 од Рамковната конвенција.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


Советодавниот комитет на РКНМ се осврна на Договорот
за добрососедство

Историската комисија не постигна напредок во зближувањето

Советодавниот комитет на РКНМ се осврнува и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Македонија, кој стапи во сила во февруари 2018 година. Договорот предвидува создавање две комисии: комисија од експерти за историски и образовни прашања и меѓувладина комисија. Како што неколку соговорници му укажаа на Советодавниот комитет, првата комисија практично не постигна никаков напредок во зближувањето на различните историски наративи за изградбата на нацијата и процесите на формирање на државата, кои вклучуваат извештаи за постоењето на засебни народи и јазици.
Соговорниците на Советодавниот комитет сметаа дека пречките за правилно функционирање на овие комисии и за остварување добрососедски односи и билатерална соработка на сите нивоа, исто така, стојат во општиот недостиг од доверба во билатералните односи меѓу двете држави. Тоа се манифестира и со опстојувањето на отворените прашања за (не)признавањето на малцинствата во двете држави. Сите овие политички случувања соговорниците на Советодавниот комитет ги сметаат за негативно влијание врз меѓудржавните односи и врз разгледувањето на идентитетските грижи на поединци во двете држави.
Советодавниот комитет смета дека и без предрасуди на постојните инструменти и механизми за мултилатерална соработка, билатералните договори, особено во областа на културата, образованието и медиумите, можат да бидат важни за зајакнување на соработката и за унапредување а со тоа и меѓусебно почитување, просперитет, стабилност и мир. Т.Г.