Фото: ЕПА

Почнува втората фаза од војната во Иран

По првата недела од заедничките американско-израелски воени операции против Иран, конфликтот влегува во нова и, според многу аналитичари, „потенцијално пресудна етапа“. Според информации од извори запознаени со израелската воена кампања, од вчера започнала втората фаза од операциите, во која главна цел се „подземните комплекси за балистички ракети“, кои буквално се вкопани и армирани длабоко под земјата, но се подготвени да бидат ставени во функција.

Иранските подземни ракетни системи се лоцирани и на нишан?!

Во изминатите денови израелската војска соопшти дека лоцирала и погодила стотици ирански ракетни лансери поставени над земја, кои претставувале директна, непосредна и прва закана за израелските градови. Тие напади беа дел од почетната стратегија, односно брзо онеспособување и намалување на иранските капацитети за непосреден ракетен противудар.
Но според два неименувани извора запознаени со кампањата, следната етапа од војната ќе биде значително посложена и поинтензивна. Израелските авиони ловци ќе се фокусираат на подземната инфраструктура. Тоа се бункери и складишта во кои се вкопани, но се на штрек и операбилни балистички ракети (и друга воена опрема). Овие објекти се сметаат за клучниот дел од мрежата на долгогодишната поставеност и распореденост на иранскиот ракетен арсенал и за главна гаранција на способноста на Техеран да изведува долгорочни противнапади, но и проактивни напади од своја територија.

Сеопфатна цел на САД и Израел: Неутрализирање на севкупниот ракетен арсенал

Целта на Израел, во содејство со САД, според изворите, е до крајот на конфликтот да ја неутрализира способноста на Иран да изведува ракетни и воздушни напади врз израелска територија, но и во регионот, врз американски цели. Но, покрај ова, воената стратегија на напаѓачкото дуо САД-Израел вклучува, освен навистина хируршки прецизниот напад за „обезглавување на највисокото раководство во Иран во првите воздушни удари“, и постепено елиминирање на иранското политичко и воено раководство, кое од вториот ешалон сега е поставено во прв ешалон и сѐ уште дава отпор (политички, воен и духовно-верски) на политиките на САД и Израел наменети за Иран.
За потсетување, првите денови од операцијата веќе донесоа значајни резултати. Израелски и американски официјални лица соопштија дека нивните сили презеле контрола над голем дел од иранскиот воздушен простор. Тоа им овозможува на израелските авиони да изведуваат речиси континуирани летови и напади во текот на целата недела и понепречено да почнат со т.н. втора фаза од војната со Иран.

Што значи наредбата „Напади врз подземната инфраструктура“ на Иран?

Во последното соопштение, израелската војска потврди дека во текот на ноќта било нападнато подземно складиште, кое иранскиот режим го користел за чување балистички ракети, како и складишта за ракети наменети за употреба против авиони, но не се прецизира кои и каде. Претходно, израелската армија никаде не најави јавно дека подземните ракетни комплекси се директна цел на операциите.
Иако за ракетниот арсенал на Иран пишувавме и графички известивме во нашиот весник и портал, вкрстувајќи повеќе специјализирани истражувања, и во оваа пригода ќе споменеме дека прецизен одговор за тоа колку точно ракети поседува Иран – останува предмет на различни процени. За потсетување, според израелската војска, пред почетокот на војната, Техеран располагал со околу 2.500 ракети. Аналитичарите од повеќе западни специјализирани медиуми, пак, сметаат дека бројката можела да достигне и до 6.000. Обемот на преостанатиот ракетен арсенал може да се покаже како клучен фактор за понатамошниот тек на конфликтот.

Иран засега не се откажува од противнапади

И покрај нападите, Техеран продолжи да изведува ракетни удари кон Израел и поширокиот регион. Даглас Бари од Меѓународниот институт за стратешки студии во Велика Британија изјави дека, според нивните процени, Иран сè уште располага со одреден број крстосувачки ракети за напади врз копнени цели.
Во исто време, темпото на израелските операции дополнително се зголеми по нападите на либанската милиција Хезболах, која има поддршка од Иран. Откако од Либан беа истрелани ракети кон Израел, израелското воздухопловство возврати со жестоки напади, вклучително и цели во Бејрут.
Од друга страна, некои операции на САД и Израел биле изведени во рамките на една иста мисија. Израелски авиони бомбардирале цели во Техеран или во западен Иран, а на враќање напаѓале позиции на Хезболах во Либан. Американски и израелски официјални лица исто така посочија дека од саботата наваму се забележува намалување на иранските напади со балистички ракети и дронови. Дел од тоа намалување се припишува на успешните удари врз иранските лансирни позиции и воена инфраструктура.

Подготовка за долга војна, која политички повеќе му одговара на Техеран

Сепак, израелската војска предупредува дека постои и друга можност: Иран намерно да ги чува преостанатите ракети за подолг и исцрпувачки конфликт.
Поранешниот заменик-советник за национална безбедност на Израел, Еран Лерман, изјави дека постоела надеж дека по првата недела од нападите иранскиот режим ќе почне побрзо да се распаѓа. Тоа, засега, не се случило.
Доколку до таков развој не дојде во скоро време, смета Лерман, ќе биде неопходно дополнително систематско слабеење на иранскиот државен и воен апарат.

Втората фаза како можна пресвртница за Израел и САД?

Токму затоа втората фаза од воената кампања, насочена кон уништување на длабоко скриените ракетни резерви, може да се покаже како пресвртница за САД и Израел. Ако подземните бункери и складишта навистина бидат уништени, Иран би можел да ја загуби својата најважна стратешка предност. Во таков развој на настаните, многу аналитичари очекуваат дека токму губењето на ракетниот арсенал би можело да предизвика сериозни внатрешни потреси во Техеран и да го забрза распадот на иранскиот режим. Јавноста следи и е на штрек за сите потези на обете завојувани страни и за рефлексиите од истото тоа на светскиот поредок, економија, политика и безбедност. Р.С.


Нападите врз Иран ќе продолжат уште една или две недели

  • Израелското воено воздухопловство од почетокот на конфликтот фрлило повеќе од 5.000 бомби врз цели во Иран, а во новата фаза планира систематско уништување на илјадници дополнителни објекти поврзани со иранскиот режим. Според плановите на израелската армија, целта на новата фаза од кампањата е систематско слабеење на воените капацитети на Иран, особено на инфраструктурата, која е распоредена, скриена и вкопана длабоко во земја

Израелската војска планира да ја продолжи новата фаза од својата воена операција против Иран уште една или две недели, со намера да погоди илјадници дополнителни цели поврзани со иранскиот режим, објави израелскиот медиум „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на воени извори. Според плановите на израелската армија, целта на новата фаза од кампањата е систематско слабеење на воените капацитети на Иран, особено на инфраструктурата, која е распоредена и делумно скриена длабоко во внатрешноста на земјата. Во изминатиот период, израелските воздушни сили интензивно ја проширија кампањата, со што, според официјалните податоци, од почетокот на конфликтот биле фрлени повеќе од 5.000 бомби врз површински цели во Иран.

Израел тврди дека воспоставил воздушна надмоќ

Од израелските воздухопловни сили соопштија дека борбените авиони продолжуваат да ја зацврстуваат воздушната надмоќ над цел Иран, со посебен фокус на регионот на главниот град Техеран. Еден висок офицер на израелските воздушни сили изјави дека во последните напади биле елиминирани илјадници припадници на иранските сили.
– Во последните два дена убивме илјадници припадници на иранските сили – изјави во видеопорака полковник идентификуван само како Алеф, командант на воздухопловната база Рамат Давид. Тој во изјава за јавноста во медиум од Израел додаде дека лично учествувал во напад врз голем воен комплекс во источниот дел на Техеран.
– Неколку секунди пред исфрлањето на бомбите погледнав лево и десно и видов десетици борбени авиони покрај мене. Летаат слободно, фрлаат стотици тони прецизна муниција и ги уништуваат целите – изјави тој.

Масовните напади ќе продолжат во нова форма во наредните недела или две

Израелските воздухопловни сили соопштија дека спровеле обемни воздушни напади врз голем воен комплекс во Техеран, во кој се наоѓаат штабови и персонал на клучни делови од иранскиот безбедносен апарат. Според соопштението на израелските воени сили, во операцијата учествувале повеќе од 100 борбени авиони, кои фрлиле над 250 бомби врз комплексот во источниот дел на градот. Израелската војска наведува дека биле погодени штабови на Исламската револуционерна гарда, нејзините специјални единици Кудс („Quds Force“), врз разузнавачката управа, паравоената формација Басиј, иранските кибер-единици, како и единици на специјалните сили и формации задолжени за „сузбивање на протестите“. Според соопштението на израелската армија, нападите биле изведени додека во објектите се наоѓале високи функционери на иранскиот безбедносен апарат. Според најавите на израелската војска, воената кампања ќе продолжи со засилен интензитет во наредните недели, со нови напади врз воени и безбедносни цели низ Иран. Израелските власти сметаат дека систематските воздушни удари треба значително да ги ослабат воените и безбедносните структури на Иран, како и неговата способност да изведува напади во регионот. Р.С.