ИСТОРИСКИ РЕЛАЦИИ, СИМБОЛИКА И МЕЃУНАРОДНИ РОЗОВИ ОЧИЛА
- Очигледно е дека ОН се во својот зимски сон, а можеби и во залез, зашто не успеваат да спречат опасен воен конфликт, и тоа за опасно прашање – нуклеарен потенцијал на еден режим. Прашањето е дали сега по 1954 година, САД, поддржани од Израел, Велика Британија, Германија и Франција, навистина ќе „донесат“ демократски структури во Иран? Кои се опциите? Сигурни ли се Европа и Македонија? Во моментов имаме повеќе прашања, а наскоро би можеле да ги имаме и одговорите и бројот на лимени ковчези
Американскиот напад врз Иран има многу историски корелации, сличности, но и неверојатна симболика. Воените дејствија се случуваат во време на големи верски празници како што се Рамазан и Пурим. На 28 февруари 2026 година, светот го постави прашањето – дали почна трета светска војна. Кусиот одговор е – не, но може да почне, а некои велат, па зошто и да не почне.
Сега го добивме одговорот на кој се чекаше од 1979 година – дали некој американски претседател ќе го нападне Иран. Најтврдиот орев во регионот што некогаш бил центар на нашата цивилизација. Претседателот Доналд Трамп, негови блиски кругови велат бесен, се решил на воена акција што тој рече дека нема да трае подолго од четири недели. Тоа значи дека на 1 април светот ќе влезе во мирна фаза. Што ќе се случува до тогаш многу е неизвесно, нејасно и тешко може да се предвиди, но целта на Трамп е да се урне теократскиот режим во Техеран и да дојде нова власт. Можно ли е тоа? Ако го земеме примерот на Венецуела, сликата е јасна – Николас Мадуро е уапсен и се наоѓа во некој американски затвор, ништо не знаеме за неговата судбина, но „мадуристите“ останаа на власт. Ајатолахот Хамнеи е убиен, но дали теократскиот режим е мртов? Можеби станува збор за транзиција, да се чека опозицијата да порасне и да созрее, а народот да ја прифати.
ИСТОРИЈАТА, ЗА ЖАЛ, СЕ ПОВТОРУВА, АКТЕРИТЕ ИСТИ
Но Иран рековме е тврд орев и не се очекува брза транзиција на власта. Воениот одговор на Техеран не покажува сигурни знаци на пораз, возвраќа силно. Оние што се надвор од Иран, пред сѐ Израел, во Трамп гледаат историска реинкарнација на персискиот крал Кир, кој им дал во антиката слобода на Евреите. По него тоа го направил и македонскиот император Алекандар Македонски. Евреите денес очекуваат дека решителноста на Трамп воено да го клекне на колена режимот на сега мртвиот ајатолах Хамнеи е да придонесе за драстична смена на политичките сили во Иран и да оживее израелско-иранското пријателство, кое трае до 1979 г., кога по Исламската револуција на власт доаѓа ајатолахот Хамнеи.
Рековме историја и симболика. Иако нештата денес не се многу сменети, зашто главни играчи повторно се истите тие. Така, на пример, кога на власт во Иран доаѓа како премиер реформаторот Мохамед Мозадех, тој презема серија социјални мерки, но и национализација на нафтените компании, а тоа ќе го чини крај на кариерата и заточеништво во 1954 година. Кој ја изведува таа операција за на власт да дојде шахот Реза Пахлави? Велика Британија (МИ6) и САД (ЦИА под раководство на Кермит Рузвелт, внукот на Теодор Рузвелт). Да подвлечеме – тогаш клучен ресурс за да се собори Мозадех, инаку популарен кај народот со оставено големо наследство и ден-денес, е нафтата. Како е денес? Ќе почекаме, затоа што не е само смената на власта, а тоа никогаш и не било, никогаш не се крева толкава воена акција само за да се смени некоја политичка фигура. За такво нешто постојат и други начини. Гледаме дека се токми да се врати во Иран како нов лидер синот на Реза Пахлави, кој со децении живее во Америка, но и тука има големо прашање – дали тој ќе биде прифатен од мнозинството Иранци?
ЖЕСТОК ПРВ УДАР И ВОЗВРАЌАЊЕ
По првиот удар настрадаа целото блиско семејство и воениот кадар до Хамнеи и допрва ќе добиваме попрецизни информации за штетите што се направени во првиот жесток удар на силите на САД и на Израел врз стотиците нишанети и претходно маркирани стратегиски точки. Иако има и погрешни и непрецизни уништени локации, како што се цивилни објекти. Иран возврати. Дубаи (Емиратите) веќе не живее во својот златен сон. Доха, во Катар, се стресе, гаѓани се цели во Оман, па и во Кипар. Мои пријатели вчера изутрина ми испратија фотографии како со семејството се во засолниште во Ерусалим. Ракетиран бил светиот град, претходно и Тел Авив, Хаифа… Ова значи дека Иран можеби намерно сака да ја прошири војната на поголем регион, па и да вклучи некој свој сојузник. Воени аналитичари сметаат дека ова е една од големите грешки на обезглавеното воено раководство во Техеран. Иако инсталациите на Техеран, пред сѐ како што е Хезболах, се вклучуваат во војната, а тоа ќе значи многу поголема дестабилизација на Блискиот Исток, со индиректна закана и за безбедноста во Европа каде што се можни терористички акции.
РЕАКЦИИ
Како реагираше светот на американскиот напад, за кој Трамп, според одредени извори, добил некакво одобрение од извесната „група на осумтемина“ конгресмени, иако прашање е дали е тоа доволно за оваа робусна воена акција. За зимскиот сон на ОН, малку подолу. Првите реакции од сојузниците на Иран. Владимир Путин: „Цинично убиство (Хамнеи) што ги порази сите стандарди на човечкиот морал и меѓународното право“. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го осуди „неиспровоцираниот оружен напад“ од страна на САД и Израел врз Иран и повика на итно запирање на нападите. Тој нагласи дека Русија е подготвена, вклучително и во Советот за безбедност на ООН, да го олесни барањето мирни решенија засновани на меѓународното право, меѓусебното почитување и рамнотежата на интересите.
Северна Кореја: „Нападите претставуваат нелегален акт на агресија и најгласна форма на кршење на суверенитетот“. Кина: „Сериозно кршење на суверенитетот и безбедноста на Иран, газење на целите на Повелбата на ОН“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја нарече операцијата неопходна за да се заштити американскиот народ и да се спречи закана од Техеран, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврдеше дека нападот бил „превентивна мерка за одбрана на националната безбедност“.
Обединети нации: Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги осуди нападите, велејќи дека ескалацијата „го поткопува меѓународниот мир и безбедност“ и ризикува да го турне Блискиот Исток кон поширока војна. Гутереш предупреди дека неуспехот да се запре насилството може да доведе до „поширок регионален конфликт со сериозни последици за цивилите и регионалната стабилност“. И тука ќе го поставиме прашањето – што правеа ОН до точката кога САД извршија напад. Дали ОН знаеле дека ќе се случи тоа? Зошто ОН не се вклучија со своите механизми во преговорите за нуклеарната програма на Иран? Зошто не се формира воен совет, според мандатот што го има, за да ја следи состојбата и евентуално да спречи конфликт и ситуацијата да се реши со преговори? Многу прашања, како и последното – дали ОН со својата млитава позиционираност и дејствување ги остава малите држави, или послаби, наместо политички субјект да бидат ставени во позиција на глинени гулаби? Дали аргументите на САД и на Израел се навистина издржани и воена интервенција била неопходна?
Африка: Шефот на Африканската Унија, Махамуд Али Јусуф, повика на воздржаност, итна деескалација и одржлив дијалог.
– Понатамошната ескалација ризикува влошување на глобалната нестабилност, со сериозни импликации за енергетските пазари, безбедноста на храната и економската отпорност – особено во Африка, каде што конфликтот и економските притисоци остануваат акутни – истакна тој.
Соседите на Израел
Соседните земји на Израел, вклучувајќи ги Либан и Јордан, ја критикуваа ескалацијата на насилството во регионот. Либанскиот Хезболах вети дека ќе се „соочи со агресијата“ што ја вршат САД и Израел против Иран, додека либанскиот премиер Наваф Салам ја отфрли можноста да биде вовлечен во војна по нападите врз Исламската Република Иран.
Европската Унија: Властите на ЕУ дадоа воздржан коментар за ова прашање, одлучувајќи да не ги осудат првичните напади од страна на САД и Израел, додека остро го критикуваа Техеран за последователната одмазда.
МОЗАИКОТ Е СОСТАВЕН
Меѓутоа нештата прекуноќ отидоа во многу посериозна насока, па така, веќе го имаме целосно составен мозаикот во овој најнов конфликт – Велика Британија, Франција и Германија најавија вклучување во воените акции како мерка да го одвратат Иран од намерата за натамошна ескалација на конфликтот во поширокиот регион. САД и Израел не се осамени во оваа акција, дотолку повеќе што логистички САД имаат поддршка не само во Катар, или Емиратите, туку и на Кипар, Грција и во Бугарија, а и Македонија е подготвена да даде свој придонес во оваа операција. Тоа јасно го искажа и македонскиот државен врв.
Шпанија и Норвешка: Шпанскиот премиер Педро Санчез и норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ејде зазедоа покритичен став, предупредувајќи дека нападите на САД и Израел врз Иран дополнително ги ескалираат тензиите и го поткопуваат меѓународното право. Ејде истакна дека „превентивниот удар“ би барал непосредна закана, додека двајцата лидери повикаа на воздржаност и обновени дипломатски напори за решавање на конфликтот.
Ова е првиот посериозен раздор во ЕУ, а како ќе се одвиваат работите доколку конфликтот се претвори во поголем регионална војна, тешко е да се предвиди, но станува јасно дека фокусот од Украина сега се сели кон Блискиот Исток. Тоа, пак, отвора нови простори за анализи, кои нашата редакција ќе ви ги дава на увид секојдневно. Притоа на нашите новинарски радари е и конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан, кој има потенцијал да стане поголем од билатерален. Ќе потсетиме дека на страниците на „Нова Македонија“ неодамна напишавме и во наслов дека Македонија треба да се подготви да ги прифати своите граѓани што нема да имаат можност да одат некаде на безбедно, освен да си дојдат дома. Не дојде тој ден, туку дојдоа тие часови. Само за пример – Велика Британија сега очајно моли да се отвори воздушен коридор за да врати дома околу 300.000 Британци заглавени во регионот – некои таму се на работа, а многу се заробени на крузери.
Кој сака да го урне кинескиот мировен проект?
Саудиска Арабија, која е претежно сунитска, и е најголемиот извозник на нафта во светот, има традиционално затегнат однос со Иран, нејзиниот тежок шиитски ривал преку Заливот.
Месеци откако стана крунисан принц во 2017 година, принцот Мохамед предизвика негодување во Техеран кога го опиша Хамнеи како „Хитлер од Блискиот Исток“.
Но Ријад и Техеран ги закопаа секирите кога ги обновија врските во 2023 година во процесот на зближување посредуван од Кина. Регионалната стабилност стана цел за Саудиска Арабија, а кога американскиот напад првпат се појави како веројатен во јануари, таа и другите земји од Заливот извршија притисок врз Вашингтон да се воздржи. Х.И.

































