Шест години потоа, пукнатините во договорот само се продлабочуваат и се шират. Невозможно е сето она што шест години генерира проблеми и недоразбирања, во скорешна иднина да се реши, и тоа токму по теркот на Преспанскиот договор. Ако Македонија и Грција во некои идни времиња заеднички констатираат дека спогодбата не ги одразува вистинските состојби, тогаш нема причина некои следни генерации Македонци и Грци да не седнат и да се договорат заеднички да градат иднина, и тоа по теркот на меѓународното право и принципите на демократијата. Исто онака како што заеднички војувале против монархо-фашистите…
Шест години од потпишувањето на договорот во Нивици
Денеска се навршуваат шест години откако тогашните министри за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас, во малото место Нивици на брегот на Преспанско Езеро од грчка страна на границата ставија параф на спогодбата со која се наметна „крај на безмалку тридеценискиот спор за името“ (?!).
На чинот на потпишувањето на спогодбата, покрај шефовите на дипломатиите на двете земји, присуствуваа и тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во македонското собрание, со невидени притисоци и уцени врз пратеници од редовите на опозицијата за да се обезбеди двотретинско мнозинство, но и со тенко мнозинство во грчкиот парламент, договорот и официјално стапи во сила на 12 февруари 2019 година, со што Република Македонија доби географска одредница пред вековното име.
Инаку, на решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение. Македонската позиција секогаш беше на линијата на „двојна формула“, односно зачувување на името Република Македонија за домашна употреба и во билатералните односи со сите земји што нѐ признале под тоа име, а сложено име во ОН со кое би се заменила референцата „ФИРОМ“ и би се задоволиле грчките барања.
На оваа позиција опстојуваа сите македонски влади и претседатели, сѐ до 2017 година кога преку суспендирање на демократијата во земјава беше погазена изборната волја на македонските граѓани и се направи малцинска влада, која ја спроведе операцијата за промена на името на државата „ерга омнес“, односно за севкупна употреба, со што беше крунисана речиси тридецениската борба на грчката дипломатија за целосно присвојување на името „Македонија“ и на македонското малцинство на нејзина територија.
Шест години потоа, освен за директните актери во промената на името, за сите други Преспанската спогодба е тежок и болен пораз за Македонија, со кој државава го загуби идентитетскиот код, а широко се отвори вратата за конструкција на нов идентитет во согласност со новото име на државата.
Името променето, ефектите никакви
Шест години подоцна, сите сфаќаат дека Македонија беше перфидно изиграна, особено од меѓународната заедница, која здушно им ветуваше на македонските граѓани отворање на преговорите со ЕУ веднаш по промената на името.
Првата цел за прием на земјата во НАТО се реализираше, но доколку постоеше барем трошка предвидливост во настаните што се насетуваа и новите геостратегиски придвижувања што веќе се одвиваа на теренот, многу веројатно Македонија ќе станеше членка на НАТО и без промена на името бидејќи таа со години веќе функционираше како дел од Алијансата, со партиципирање со војници во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна, Косово…
Сепак, клучната цел, отворање на преговорите со ЕУ, Македонија не ја реализираше бидејќи меѓународната заедница го погази сето она што го ветуваше пред потпишувањето на Преспанската спогодба. Од тој момент македонските граѓани сфатија дека се најдрско и најбезобѕирно излажани, со што Спогодбата од Нивици понатаму и до де- денешен ја доживуваат како „кукавичино јајце“ подметнато од странците само колку да затворат едно отворено прашање на Балканот, на штета на македонскиот народ и на државата Македонија.
Токму затоа оваа спогодба никогаш не стана модел за решавање на споровите меѓу државите во соседството, без оглед што многу европски политичари ги повикуваа земјите да се огледаат токму на начинот како Македонија го решила спорот со Грција.
Напротив, шест години подоцна Преспанската спогодба стана всушност пример како да не се прифаќаат асиметрични договори на сопствена штета, но и како да се игнорираат празните ветувања на меѓународниот фактор.
„Спогодба“ што дополнително го подели македонското општество
Шест години по потпишувањето на Преспанската спогодба, македонското општество е поделено како никогаш досега, но шест години подоцна веќе граѓаните станаа свесни дека апатијата и летаргијата уште повеќе ќе го засилат чувството на пониженост, па затоа на последните избори кажаа јасно што мислат за Преспанската спогодба и за понизните политики.
Народот ја испрати истата порака уште на 30 септември 2018 година на референдумот, кога одби да учествува на народно изјаснување за нешто што не е во мандат на ниту една генерација, ниту пак, политичар, без оглед на цената, да го менува вековното име на државата Македонија.
Таа народна волја беше погазена и игнорирана бидејќи во заднина се спроведуваше сериозен проект на демакедонизација и креирање нов идентитет за Македонците, што ќе произлезе од новото име. Бришењето на придавката „македонска/македонски“ од сите институции е првиот чекор кон тој идентитетски инженеринг, а иновацијата „граѓанин на РСМ“ по косата црта е преодна фаза до преформулацијата кон „северномакедонско“ државјанство.
Токму таквите кукавичини јајца подметнати во Преспанската спогодба дополнително го поделија општеството, кое одбива да ја нарекува сопствената држава со нагрдено име, а тие фрустрации се пренесуваат и внатре меѓу луѓето, кои се поделија на „северџани“ и „бранители на името“. Тие поделби и натаму се чувствуваат, особено на одбележувањето на големите празници, Илинден, 11 Октомври, кога наместо сенародни прослави, се организираат паралелни настани. Политичарите добро знаат зошто народот ги исвиркува кога ќе се појават на Мечкин Камен или пред партизанските споменици низ земјава, затоа што не прифаќа некој да им држи говори во кои зборува дека „некаква северна Македонија била завет на илинденците или, пак, на партизаните“. Затоа и ги снема од ваквите настани, праќаат шефови на кабинети и потсекретари, избегнувајќи самите да се изложуваат на јавен срам.
Меѓународната заедница на штрек
Свесна дека она што е вештачко, телото порано или подоцна ќе го отфрли, Грција сиве овие години ја држеше на штрек својата дипломатија околу прашањето со спроведувањето на Преспанската спогодба. Тезите дека Хеленската Република е толку исполнителна во поглед на почитувањето на меѓународните договори не држи воопшто вода, имајќи предвид како без ронка срам ја изигнорираа пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди во полза на Македонија и ѝ наложи на Грција да престане да ја блокира земјава при аплицирањето во сојузите под привремената референца. Тоа не се случи, но сега одеднаш Грција почитувала меѓународни договори, па затоа владата на Нова демократија и премиерот Мицотакис не ја раскинуваат Спогодбата од Нивици, без оглед што не им се допаѓала.
Но вистината е сосема поинаква. Нова демократија е презадоволна од Преспанската спогодба бидејќи знае што доби Грција со тоа, но уште позадоволна е што некој друг го постигна тоа за нив, за да можат тие водени на крилјата на национализмот да ја освојат власта. Простата логика вели, ако Грција не е среќна со договорот, Македонија уште помалку, тогаш нема ниту една причина двете страни да седнат и спогодбено да го раскинат.
Дека Грција е презадоволна од Преспанската спогодба говори и реакцијата на грчката држава откако новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова одби да ја изговори придавката пред името Македонија, со што се активираше целата европска дипломатска машинерија за да ги предупреди новите македонски власти дека „договорите морале да се почитуваат“. Во исто време, нема никаква опомена за Грција, која и натаму продолжува да не ги спроведува и оние малку обврски што ги има од Спогодбата, туку ги користи како алатки за уцена на македонската страна.
Шест години подоцна, официјална Атина за првпат чувствува дека времето на беспоговорно исполнување на она што го има и што го нема во Договорот од Нивици е истечено и дека доаѓаат нови луѓе, кои можеби точките во спогодбата ќе ги толкуваат во согласност со меѓународните правила, а не според грчките објаснувања и сфаќања.
Преспанската спогодба ереалност – без реална основа!
Она што и новата македонска претседателка јасно го истакнува, а неодамна го повтори и мандатарот за состав на новата македонска влада, тоа е дека Преспанската спогодба е реалност и дека ќе се почитува, но во духот на она што значи меѓународно право и реципроцитет.
Шест години потоа Преспанската спогодба ги манифестира сите недоследности и неусогласености со меѓународното право, на виделина ја изнесува сета асиметричност, но и сите ограничувања што се наметнуваат врз луѓето кога сакаат да искажат лично чувство, па дури и кога се на функција. Човекот е пред сѐ човек, а потоа функционер, но грчките толкувања подразбираат дека човекот секогаш е функционер, но не и човек и дека мора постојано да си врши автоцензура на она што го чувствува и она што треба да го изговори. Тоа е погазување на фундаменталното човеково право на слобода на изразување и на слобода на мислата и порано или подоцна, ваквите рестрикции во Преспанската спогодба ќе паднат бидејќи нема да го издржат забот на времето.
Забот на времето нема да го издржат ниту административните ограничувања на македонскиот јазик и на врските со Македонците во Беломорска Македонија бидејќи колку и да сака, колку да се обидува од македонското население на северот на Грција официјална Атина да направи Грци, тоа нема никогаш да се случи. Ниту напалм-бомбите од времето на Граѓанската војна во Грција не ги избришаа трагите од македонството и геноцидот што се случи врз македонското население, па така, ниту Преспанската спогодба нема да го издржи проектот што е надвор од секакви цивилизациски вредности и е спротивна на меѓународното право.
– Со промената на државното име како национален идентитет се врши повреда на основните јус когенс норми на меѓународното право, а пред сѐ принципите и нормите на самоопределување и државен суверенитет, како и круцијалното правило на немешање во внатрешните работи на друга држава членка на ООН. Покрај ова, во ООН се врши дискриминацијата при претставувањето, пред сѐ поради правните ограничувања во македонското претставување, со лимитации во однос на другите членки на ОН. Понатаму, оваа држава се откажува и од малцинствата во соседството и генерално во светот, што имплицира и дека овој народ што живее во РСМ е вештачката творба. На овој начин, Преспанскиот договор преку промена на националниот идентитет, го негира идентитетот на нацијата (како македонска нација) и со ваков акт, надвор од волјата на народот, се доведуваат во прашање основните колективни права на народот, покрај основните суверени права на државата како субјект на меѓународното право. Со други зборови, со Преспанската спогодба се наметнува една трајна референца (отуѓена од народот и понижувачка за народот), која менува оригинално име како идентитет на народот и оттаму нема национален (македонски) и народен легитимитет, со што трајно се деградира не само суверената државност туку и правото на нацијата слободно да го одредува својот национален идентитет, кој во сегашните услови е наметнат од надворешен инструмент, односно со спогодбата, како политички компромис, а не израз на националната суверена волја (како волја без надворешно влијание). Оттука, поради флагрантното кршење на основните меѓународноправни норми (јус когенс правила/норми), Преспанскиот договор мора дипломатски еднострано да се раскине од страна на некоја следна патриотска влада – објаснува професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев.
Тој во сите овие шест години постојано истакнува дека Преспанската спогодба е нелегален акт според сите параметри, во целосна колизија е со меѓународното право и дека единствен начин да се вратат работите на вистинскиот колосек е да се поништи договорот и Македонија во ОН да побара враќање на уставното име „Република Македонија“, под кое ја признале над 130 земји во светот, меѓу кои и три постојани членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Кина и Русија.
Времето ќе покаже уште колку спогодбата ќе издржи
Шест години подоцна сите полека се повлекуваат од Преспанската спогодба, исто онака како што се повлекува водата од Преспанско Езеро.
– Во 2013-та не верував дека ќе го смените името на државата – ќе изјави американската амбасадорка Ангела Агелер пред да стапи на должноста нов американски амбасадор во земјава, со што јасно кажа што тие како држава мислат за овој потег, дека за нив е несфатливо некој до толку да се понижи и да прифати да си го промени името на државата. САД се стратегиски партнер на Македонија одамна, така што секако ќе најдеа начин да ја протуркаат земјава во НАТО и без променето име (некој ќе се напиеше кафе додека се гласа).
Како и да е, шест години подоцна Преспанската спогодба не донесе никакви позначајни бенефиции на земјава. Инвестициите не се зголемија, соработката со Грција е на истото ниво како и пред потпишувањето на договорот, но фрустрациите кај македонските граѓани растат.
Токму затоа, времето секогаш било најдобриот сојузник и времето ќе покаже уште колку долго Преспанската спогодба ќе успее да опстои во вакви рамки. Првите сигнали се дека вака како што е конципиран договорот нема никаква иднина, не ги зближува двете земји, двата народа, туку ги остава и натаму да живеат едни покрај други од немајкаде.
Шест години потоа почнуваат да се гледаат пукнатините во договорот, а сето она што во иднина генерира проблеми и недоразбирања, ќе мора полека да се отстранува. Ако Македонија и Грција во некои идни времиња заеднички констатираат дека спогодбата не ги одразува вистинските состојби, тогаш нема причина некои следни генерации Македонци и Грци да не седнат и да се договорат заеднички да градат иднина, исто онака како што заеднички војувале против монархо-фашистите. Тоа треба да биде некој нов договор, не пишан на хартија и заверен во присуство на цела европска политичка елита и обезбедуван со кордони специјалци, хеликоптери и неброена безбедносна сила, туку природен договор меѓу два народа за разбирање, соработка, меѓусебна почит, помагање, без задни намери и калкулации кој што добива. Македонија е најдобриот излез на Грција кон Европа, а Грција може да биде најдобриот македонски сојузник на патот кон Европа. Тие вредности треба да се одбележуваат и чуваат, а не нешто што по шест години опстојување и натаму генерира само проблеми и се доживува како еден лош кошмарен сон од кој Македонците сакаат што поскоро да се разбудат.
Шест години потоа
Клучни поенти за Договорот од Нивици
Со промената на државното име како национален идентитет се врши повреда на основните јус когенс норми на меѓународното право, а пред сѐ принципите и нормите на самоопределување и државен суверенитет, како и круцијалното правило на немешање во внатрешните работи на друга држава членка на ООН.
Покрај ова, во ООН се врши дискриминација при претставувањето, пред сѐ поради правните ограничувања во македонското претставување, со лимитации во однос на другите членки на ОН.
Понатаму, оваа држава се откажува и од малцинствата во соседството и генерално во светот, што имплицира и дека овој народ што живее во РСМ е вештачка творба.
На овој начин, Преспанскиот договор преку промена на националниот идентитет го негира идентитетот на нацијата (како македонска нација) и со ваков акт, надвор од волјата на народот, се доведуваат во прашање основните колективни права на народот, покрај основните суверени права на државата како субјект на меѓународното право.
Со други зборови, со Преспанската спогодба се наметнува една трајна референца (отуѓена од народот и понижувачка за народот), која го менува оригиналното име како идентитет на народот и оттаму нема национален (македонски) и народен легитимитет, со што трајно се деградира не само суверената државност туку и правото на нацијата слободно да го одредува својот национален идентитет, кој во сегашните услови е наметнат од надворешен инструмент, односно со спогодбата, како политички компромис, а не израз на националната суверена волја (како волја без надворешно влијание).
Оттука, поради флагрантното кршење на основните меѓународноправни норми (јус когенс правила/норми), Преспанскиот договор мора дипломатски еднострано да се раскине од страна на некоја следна патриотска влада!
За „Нова Македонија“, проф. Игор Јанев