Фото: Маја Јаневска-Илиева

Протестите на автопревозниците како повод

  • Во продолжение ќе направиме уште еден осврт кон моќта на ЕУ – да ги искомплицира нештата. Се разбира, нам не ни треба Брисел да ни покаже колку не знаеме, туку да демонстрира моќ како се организираат нештата во кој било сегмент (поглавје, кластер) за постигнување соодветно и повисоко ниво на операбилност, заради толку посакуваната евроинтеграција. Ригидниот однос на Брисел придонесува за евроскептицизам. И што се случува сега со најновата реална состојба на терен? Имено, автопревозниците од товарниот сообраќај протестираат поради воведувањето нови правила на Европската Унија (ЕУ) за престој и евиденција на професионалните возачи, што, според нив, значително ќе им го отежнат работењето и ќе имаат негативни економски последици за меѓународниот транспорт и за регионалната економија

Од вчера точно напладне беше прекинат протокот на товарниот сообраќај на граничните премини во Македонија. Блокадата на товарниот сообраќај беше реализирана во знак на протест организиран од асоцијацијата „Макам-транс“.
Протестот и блокадата се реализира на граничните премин Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато, при што ќе бидат затворени коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај. Според најавата на организаторот, предвидено е протестот да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.
Затворање на граничните премини нема само во Македонија, туку протестот е дел од координиран регионален зафат преземен на здруженија на превозници од Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кои се согласни дека сегашниот пристап на ЕУ е штетен за транспортниот сектор во целиот регион.

Потсетување за причините на протестот на автопревозниците

Автопревозниците од товарниот сообраќај протестираат поради воведувањето нови правила на Европската Унија (ЕУ) за престој и евиденција на професионалните возачи, што, според нив, значително ќе им го отежнат работењето и ќе имаат негативни економски последици за меѓународниот транспорт и за регионалната економија.
Од асоцијацијата „Макам-транс“ како главна причина за протестот го наведуваат новото правило за престој во шенген-зоната (90/180 дена). Имено, ЕУ го воведува системот за евиденција на влез и излез ЕЕС (Entry/Exit System), што значи дека професионалните возачи, вклучително и оние од земјите од Западен Балкан, ќе можат да остануваат во шенгенската зона максимум 90 дена во рамките на 180 дена, без разлика дали влегуваат по работа или како туристи. Превозниците тврдат дека ова ограничување не прави разлика меѓу туристите и професионалците и го комплицира нивното работење затоа што често им е потребно подолго време за меѓународни транспортни задачи. Понатаму, превозниците велат дека новите правила може да создадат проблеми со планирањето на маршрутите, да ги ограничат можностите за работа во ЕУ и да го зголемат административниот товар (на пример, потреба за посебни визи или за чести влегувања/излегувања).
– Целта на протестот е да се привлече внимание на овие проблеми и да се притиснат ЕУ-институциите да најдат пофлексибилно или посебно решение за професионалните возачи, како што би било издавање визи без ограничување на деновите за престој или поинаков систем на евиденција што ќе ги земе предвид работните специфики на превозниците – велат од асоцијацијата „Макам-транс“.

Европската комисија глува за барањата на транспортерите

Кај транспортните здруженија постоеше надеж дека ова прашање ќе се реши до 15 јануари бидејќи и претходно алармираа до европските претставници, но откако тоа не се случи и беше демонстрирана класична „тромавост на бриселската бирократија“, транспортерите решија да протестираат со блокада на граничните премини. За потенцијалните последици врз бизнисот предупреди и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
– Очекуваме од понеделник реакциите да се прошират во сите земји што се погодени од ова. Не очекувам брзо решение, но очекувам повлекување на одлуката – изјави Азески.
Претходно вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето на медиумите посочи дека се работи за многу тежок проблем.
– Проблем е што ова правило (ЕЕС) се воведува и за професионалните возачи, од причина што ЕУ не може да најде друга легална форма што ќе го регулира нивниот статус, а од друга страна во изминатата година не се потрудија да најдат решение за проблемот (…) Се работи за огромен економски проблем што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија, со оглед дека нашите економии се мали и главно се ориентирани кон извоз. Доколку не можат да ја извезат својата стока, тогаш навистина запира економската активност. Од друга страна, ако им поскапи превозот од три до четири пати, ќе станат неконкурентни на европскиот пазар – истакна Николовски.
Од Европската комисија појаснуваат дека ЕЕС не ги менува правилата за престој во шенген-зоната (максимум 90 дена во рок од 180 дена), туку само го модернизира начинот на евидентирање на влез и излез преку електронски систем.
– Комисијата ја следи состојбата внимателно и е во контакт со партнерите од Западен Балкан – порачуваат од ЕК, притоа нагласувајќи дека новите прописи немаат цел да ги ограничат правата на професионалните возачи.
Најавите на организаторите на протестот се дека блокадите ќе траат седум дена, но не се исклучува тие да бидат веднаш прекинати доколку ЕУ им излезе во пресрет на возачите.

Институционално и трајно решение за проблемот на возачите

Стопанската комора смета дека решавање на проблемот со системот ЕЕС треба да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини за, како што велат, да не се случи колапс на целата економија во државата и во регионот на Западен Балкан. Од комората појаснуваат дека ако се наруши протокот на стоки на премините со ЕУ на само еден ден, а не пак, на една седмица, губитници ќе бидат не само превозниците во меѓународниот патен сообраќај туку и сите деловни субјекти вклучени во надворешнотрговската соработка.
– Минатата недела, Стопанската комора заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија, во кое укажавме дека очекуваме земјите членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на ЕУ и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во единствениот пазар на ЕУ – велат од Стопанската комора. Р.Н.М.


Фото: Маја Јаневска-Илиева

Какви економски штети настануваат од блокадите?

Економските аналитичари од своја страна направија груба процена на тоа колкави би можеле да бидат директните загуби во транспортниот сектор со блокадите.
– Еден камион што стои има нула приход, а фиксните трошоци течат. Гориво, лизинг, осигурување, плати – сè оди. Просечна дневна загуба по камион: 300–500 евра. Ако земеме околу 1.000 камиони погодени дневно, тоа во бројки би значело 300.000–500.000 евра дневно загуба, само за превозниците. По седум дена стоење, билансот би изнесувал од 2 до 3,5 милиони евра.
Потоа следуваат штетите за извозниците и увозниците. Тука веќе станува „системски проблем“ со доцнење на извозот (храна, земјоделство, метал, текстил), пенали за неисполнети договори, расипување на лесно расипливата стока. Дневните индиректни загуби би изнесувале меѓу 1 и 2 милиони евра (конзервативна процена). Ова особено ќе ги погоди земјоделците, прехранбена индустрија, фабриките што работат принципот „точно навреме“.
На крајот цехот од блокадите ќе го платат и граѓаните. Тоа ќе дојде со мало задоцнување, но ќе го почувствуваме сите. Ќе има доцнење или недостиг од увозна стока, ќе има раст на цените (логистика + ризик = повисока цена), притисок врз инфлацијата. Ако не дај боже блокадите потраат подолго, тогаш ќе има и буџетски штети врз државата. Помалку трговија, помалку приходи, помал ДДВ, помал царински прилив, помал извоз = полош трговски биланс. Сето ова ќе придонесе државата да загуби двојно, директно преку помалиот прилив на средства и индиректно преку побавниот економски раст – анализираат економските аналитичари. Р.Н.М.

Вкупна груба процена

времетраење проценета штета
еден ден 1,5-2,5 милиони евра
три дена 5-7 милиони евра
седум дена 10-15+ милиони евра

Станува збор за умерени,
апроксимативни процени,
без екстремни сценарија


Колку реално може да траат протестите?

Иако се најавени до седум дена, протестите може да завршат и релативно брзо ако има владина поддршка од сите засегнати земји, па затоа е потребно политичките претставници од регионот заеднички да настапат и да договорат излезна стратегија.
Ако нема институционален одговор, тогаш не се исклучува протестите да траат една недела, но економските штети ќе ги трпат токму земјите што стојат зад протестите (извоз, увоз, договорни пенали). Опцијата за подолга блокада од седум дена е малку веројатна бидејќи тоа ќе им предизвика на превозниците огромни финансиски штети.
Затоа е важно во овој прв момент да се примат сигналите од ЕК, дали е расположена за какво било решение, за да не се оди со глава во ѕид.


Излез од состојбите: Со ангажман на неколку фронта

Според познавачите на состојбите, излез од оваа ситуација има, но само ако се оди паралелно на неколку фронта и ако активностите започнат веднаш, бидејќи не станува збор за проблем што може да се реши со еден потег. Она што го предлагаат експертите може да се протолкува како решение за излез од пат-позицијата во која ЕУ го турна регионот.
– Клучно е да им се даде посебен статус на професионалните возачи во ЕУ, со што ќе се направи јасна разлика што се туристи, а што се професионални возачи во меѓународниот транспорт. Тоа може да се постигне така што возачите ќе бидат исклучени од правилото 90/180, или, пак, за возачите да биде воведена специјална „работна транспортна виза“ што не се смета како туристички престој. Ова е најчистото и најдолгорочно решение, но бара време и политичка волја, а регионалните политички претставници, вклучувајќи ги и македонските, треба ваквите решенија да ги образложат пред ЕК. Затоа е потребна поширока државна регионална иницијатива, константен притисок врз ЕК за надминување на ваквите состојби. За почеток може да се излобира некакво преодно решение. Во меѓувреме, додека се чека политичко решение, можно е превозниците да направат подобра организација, односно да почнат со ротирање на возачи (повеќе возачи по релација), скратување на престојот во Шенген со подобра логистика, користење транзитни коридори и алтернативни рути. Секако, ова не е идеално и ги зголемува трошоците, но е краткорочно „гасење пожар“ – истакнуваат експертите.
Според нив, регионалниот притисок и медиумските настапи треба да се засилат бидејќи ЕУ ги гледа медиумските реакции.
– Целта е проблемот да стане европско економско прашање, не „балканска нервоза“. Затоа најреално сценарио на краток рок е ЕУ да дозволи преоден период (на пример една–две години) и во тој период да не се казнуваат возачите додека не се усогласи системот. Тоа би овозможило транспортот да не застане, а институциите да најдат трајно решение – објаснуваат експертите.


МВР: Патничкиот сообраќај ќе продолжи да се одвива непречено

Патничкиот сообраќај, како што велат од МВР, за време на протестот ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Од МВР посочуваат дека ќе преземат соодветни мерки за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки. МВР апелира граѓаните и превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.


Европската комисија (ЕК) работи на решение за транспортерите од Западен Балкан

Европската комисија (ЕК) е свесна за загриженоста на транспортните оператори од Западен Балкан и внимателно ја следи состојбата со блокадите на граничните премини кон шенген-зоната, изјави вчера портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт. Тој нагласи дека Комисијата е во контакт со партнерите од регионот и работи на решенија во рамките на претстојната визна стратегија.
Ламерт појасни дека системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува нови правила, туку овозможува поефикасна примена на постојните, според кои граѓаните од земјите без визен режим можат да престојуваат до 90 дена во период од 180 дена. Тој додаде дека постои одредена флексибилност за професии со висока мобилност, како камионските возачи, и дека тоа прашање активно се разгледува на ниво на ЕУ.


Дали ЕУ има исклучоци или посебен третман во вакви случаи?

Експертите посочуваат дека ЕУ и претходно знаела да направи разни исклучоци при воведување нови правила, а токму тој аргумент е најсилниот адут на превозниците.
– Прв преседан е тоа што поморските и авионските екипажи не се третираат како туристи, туку имаат посебен режим на престој и влез, а логиката е иста, во ЕУ влегуваат поради работа, не престој.Втор преседан се сезонските и граничните работници. Тие поседуваат посебни дозволи, нивниот престој не се брои класично во 90/180 дена. Трет преседан имаше за време на периодот на ковид, кога возачите беа третирани како „есенцијални работници“, имаа олеснет премин и посебни правила. Со други зборови, кога транспортот е загрозен, правилата знаат да се „омекнат“. Што значи тоа во пракса? Проблемот не е правно невозможен, туку политички. ЕУ, ако сака, може да воведе специјална транспортна виза или да ги изземе возачите од 90/180 или, пак, барем да дозволи долг преоден период. Но, ништо од ова нема да се случи ако притисокот остане само на национално ниво – сметаат експертите. Р.Н.М.