
Меѓународната заедница уште еднаш ја покажа својата солидарност на примерот на Македонија
Дваесетина најтешко повредени пациенти од пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени на лекување во странство, изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари, по посетата на Клиничката болница во Штип. Според него, пациентите ќе бидат транспортирани на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Белград, а третман понудиле и од Албанија и Холандија.
– Според нашите анестезиолози, 18-20 пациенти ќе има потреба да ги транспортираме надвор од државата за понатамошно лекување, тие што се покритични. Им оставив на екипата анестезиолози да одредат каде сметаат дека би било најдобро за натамошен третман за покритичните пациенти – рече министерот.
Болниците, според Таравари, располагаат со медицински материјали, средства и лекови и на пациентите им се дава сѐ што е потребно, а располагаат и со доволни количества крвни деривати.
Помошта од Израел меѓу првите тргна кон Македонија
Израел е меѓу првите држави со веќе подготвена помош од медицинска опрема и медицински персонал, која со авион веднаш беше испратена во земјава, по добивањето на информацијата за трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани.
Разговор Мицкоски- Руте: Можно активирање на НАТО-системот за
справување со несреќи
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вчера соопшти дека со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, разговарал за пожарот во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а 155 се повредени. Мицкоски и Руте, според информациите на МИА, зборувале за можно активирање на системот на НАТО за справување со несреќи.
– Се разговарало за актуелната несреќа и за можно активирање на НАТО-системот за справување со несреќи. Испратени се пораки за обединување и сила за справување со последиците од трагичниот настан – информираа од Владата.
Во разговорот Мицкоски посочил дека во овие моменти остануваме обединети и одлучни во борбата против корупцијата, промена на системот и одговорност за причинителите на несреќата.
На седницата на српската влада Вучиќ побара од сите министерства да
испратат помош за Македонија
Во палатата Србија се одржа седница на српската влада, на која присуствуваше и претседателот Александар Вучиќ, по покана на премиерот Милош Вучевиќ. На почетокот на седницата Вучиќ побара од Министерството за одбрана, Министерството за здравство и сите други министерства да работат напорно за да ѝ помогнат на Македонија по трагедијата во Кочани.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на седницата на Владата на Србија изјави дека неговата земја ќе ѝ пружи брза, силна и сеопфатна помош на Македонија поради несреќата предизвикана од пожарот во дискотеката во Кочани. Вучиќ рече дека Србија ќе ги стави на располагање сите полициски, воени и здравствени капацитети за да ѝ помогне на Македонија.
По наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, Министерството за одбрана и Армијата на Србија итно испратија 14 лекари и медицински персонал и пет возила на брза помош за да им укажат помош на повредените во несреќата во Кочани, јави МИА од Белград.
Некои од повредените ќе бидат згрижени во Воената болница во Ниш, а оние чија состојба бара посериозно лекување ќе бидат пренесени во Воената медицинска академија во Белград.
На властите од Скопје им е понудена и дополнителна медицинска и логистичка помош во врска со нивната грижа, соопшти Министерството за одбрана.
Бугарија прати авион со кој во бугарските болници ќе се превезат петмина тешко повредени во пожарот во Кочани
Медицински авион на бугарското воздухопловство слета вчера попладне на скопскиот аеродром за да преземе дел од критичните пациенти настрадани при пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Авион од типот „алениа спартан“ е со медицинска екипа, лекари за реанимација и специјалисти за изгореници.
Претходно бугарската влада соопшти дека по наредба на премиерот Росен Жељазков, авион „спартан“ на бугарското воено воздухопловство отпатува за Македонија, кој во бугарските болници ќе превезе пет лица тешко повредени во пожарот во градот Кочани.
Во авионот патуваат бугарски медицински тимови, составени од лекари на интензивна нега и специјалисти за изгореници.
Повредените ќе бидат примени на специјализирани одделенија за изгореници во болниците во Софија и во Варна.
Дополнително, итно е ставена во готовност клиничката база во болниците во Софија, Варна и Благоевград за да се примат повредени лица доколку има потреба. Бугарските болници се подготвени да примат уште повредени по координација со властите на Република Северна Македонија, информира Владата во Софија.
Три лица со изгореници од пожарот во Кочани ќе бидат пренесени во болница во Солун
Три млади деца со изгореници повредени во пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун, потврди во разговор со дописничката на МИА од Атина претседателот на грчката федерација на вработени во државните болници Михалис Јанакос.
Според Јанакос, солунската болница располага со Одделение за изгореници со четири кревети, вчера биле испразнети три и очекувале повредените да бидат пренесени во Солун и хоспитализирани во „Папаниколау“. П.Р.
„Ре-медика“ ги понуди своите капацитети за помош на настраданите во пожарот во Кочани
„Ре-медика“, првата приватна општа болница, ги понуди своите капацитети за помош на настраданите во големиот пожар во Кочани.
– Изразувајќи најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите, со желба за брзо закрепнување на повредените, веднаш на Министерството за здравство му ги ставивме на располагање нашите капацитети – изјави проф. д-р Александар Митевски, медицински директор на болницата.
Од болницата информираат дека во овој момент таму нема сместено повредени во пожарот.