Фото: ЕПА

Европскиот парламент (ЕП) бара „отклучување на процесот за вистински почеток на преговорите за членство“ на Македонија во ЕУ, но со условување:

На почетокот на расправата по нацрт-извештајот, Вајц и претседателот на комисијата за надворешни работи, Дејвид Мекалистер, изразија најдлабоко сочувство за жртвите во трагедијата во Кочани. Како и што можеше да се очекува и како што се повторува години со ред, Европскиот парламент дава целосна поддршка на амбицијата на Македонија за членство во ЕУ, но и повик за спроведување на уставните измени.

Дадени обврски за нашата влада и за парламентот

Имаме можност конечно „да го отклучиме процесот за вистински почеток на преговорите за членство“, порача известувачот Томас Вајц, претставувајќи го својот извештај за нашата земја во однос на интегративниот процес за ЕУ.
– Извештајот е фокусиран на потребните активности и одлуки што треба да ги донесат владата и парламентот на Северна Македонија поврзани со уставните измени, кои се на маса. Уставните измени значат вклучување на неколку малцинства во Уставот на Северна Македонија и само сакам да разјаснам едно, ова е барање што Северна Македонија треба да го исполни во согласност со барањата и стандардите поврзани со пристапувањето во ЕУ. Станува збор за уставни измени поврзани со законодавството на ЕУ – изјави Вајц, додавајќи дека мора да биде јасно оти на европскиот пат на земјата ова нема да бидат последните уставни измени што ќе треба да се направат.
Во извештајот се наведува дека „Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласувањето со нејзините политики, затоа Европскиот парламент повикува на брз напредок во пристапните преговори, но истовремено ја истакнува и важноста од усвојување на договорените уставни амандмани“.

Европскиот парламент (ЕП) ги охрабрува сите политички партии во земјава за постигнување консензус за усвојување нови уставни амандмани

Во таа насока, Европскиот парламент (ЕП) ги охрабрува сите политички партии во Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, кои би го зајакнале мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ, се наведува во текстот на нацрт-извештајот, кој денеска ќе биде презентиран пред членовите на Комитетот.
Известувачот од редовите на зелените пред своите колеги од Комисијата за надворешни работи нагласи дека штом се спроведат уставните измени, веднаш ќе може да започнат преговорите за членство и да се работи на неопходните теми и дебати.
– Се надевам дека Владата и парламентот на Северна Македонија ќе реагираат добро на ова и всушност ќе можеме да видиме уставните измени да се случат што е можно побрзо и да почнат преговорите. Мојот јасен впечаток е дека тоа е нешто што го сакаат огромно мнозинство во Европскиот парламент и огромно мнозинство во Владата и од населението во земјата – рече Вајц.
Според него, ваквата широка поддршка за евроинтеграцијата ѝ дава можност на актуелната влада да испорача во согласност со законодавството на ЕУ и да спроведе јасни реформи уште во текот на подготовките за преговорите, посочувајќи дека веќе е доста направено кога станува збор за владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Томас Вајц

Претседателот на Комисијата на ЕП, Томас Вајц, гледа „надворешно влијание“ во земјава!?

– Медиумите се слободни да работат во рамките на нивните одговорности. Сепак гледаме странско влијание, како што гледаме и во многу други земји во регионот. Ни треба и малку поголема транспарентност кога станува збор за сопственоста на медиумите, но генерално земјата всушност е на добар пат – додаде Вајц.
Во однос на гласањето на земјава во ОН од пред две недели, Вајц истакна дека се надева оти Владата ќе ја преиспита својата позиција, додавајќи дека таквата постапка е во светлина на општата геостратегиска ситуација во која „се наоѓаме ние Европејците“.
– Мислам дека мора да ни биде јасно на сите оти е време да застанеме заедно за нашиот понатамошен развој и само заедно ќе бидеме силни – истакна тој.
Известувачот наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, меѓутоа во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.
– Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања – истакна Вајц.
Тој нагласува дека со овој извештај има цел да даде балансирана процена на сложениот политички контекст на Северна Македонија, истовремено повикувајќи ги политичките чинители да ги унапредат реформите, да ги почитуваат минатите договори, а институциите на ЕУ и земјите членки да спречат идни билатерални блокади и да ѝ ги дадат на земјата потребните гаранции и поддршка.
– Со успешната имплементација на Охридскиот рамковен договор, земјата стана пример во регионот за мирно решавање на етничките спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање. Само четири години по потпишувањето на овој договор, Северна Македонија доби кандидатски статус во 2005 година и долго време беше фаворит во регионот. Земјата презеде импресивни и тешки реформи, вклучително и историска промена на името, но нејзиниот процес на пристап беше премногу долго попречуван поради билатералните спорови – нагласи известувачот.


Извадоци од нацрт-извештајот на изве стувачот за напредокот на Македонија со некои заклучоци и пораки од него

Во извештајот се повторува целосната поддршка на ЕП на амбицијата на Македонија да ѝ се приклучи на ЕУ и се потсетува на потребата да се задржат динамиката и кредибилитетот на процесот на европска интеграција.
– Ги поздравуваме новиот механизам за реформи и раст за Западен Балкан, кој ќе обезбеди 750 милиони евра грантови и заеми за С. Македонија, и континуираната стабилност на меѓуетничките односи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор – стои во документот.
Во нацрт-извештајот се повикува земјава да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.
Во предлог-документот се наведува дека демократските институции во Македонија функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи.
Во документот се поздравува усвојувањето на новиот Деловник на Собранието, додека во однос на Изборниот законик се наведува дека е потребна „сеопфатна изборна реформа“ и се повикува на имплементација на вонредните препораки дадени од ОДИХР и од Венецијанската комисија.
ЕП повикува на подобрено регулирање на финансирањето на политичките партии и кампањи, вклучувајќи и мерки за зголемување на транспарентноста, на континуирана модернизација на јавната администрација заснована на заслуги, адресирање на системските предизвици на политизација и зајакнување на транспарентните процеси на регрутирање, како и на понатамошни чекори за да се обезбеди системска одговорност на јавните институции преку значајни и јавни консултации со засегнатите страни.
– Ги повикуваме властите на С. Македонија да се воздржат од нетранспарентни политизирани отпуштања и назначувања на функции во независните тела и агенции, како и да обезбеди дека организациите се соодветно финансирани и дека одлуките и препораките се спроведуваат доследно – стои во нацрт-извештајот.
Во предложениот документ се потсетува на потребата од реформа на правната рамка што ги регулира онлајн и офлајн-медиумите, со цел нејзино целосно усогласување со Европскиот закон за слобода на медиумите и се повторуваат барањата на ЕО за „сеопфатна реформа на правилата за државното финансирање и рекламирање на политичките партии во медиумите“.
Со нацрт-извештајот се повикува на подобрување на уредувачката и финансиската независност, непристрасноста и професионалноста на јавните радиодифузни сервиси и медиумските регулатори и се изразува загриженост за „континуираните закани и напади врз новинарите“.
– Го поздравуваме назначувањето обвинител надлежен за нападите врз новинарите и воспоставувањето механизми за известување за сајбер-малтретирање – се наведува во текстот и се повикува за зајакнување на мерките за поддршка на истражувачкото новинарство и медиумската писменост со цел борба против говорот на омраза, дезинформациите и странското мешање.
ЕП го поздравува и енергичното и конструктивно граѓанско општество во земјата, кое игра клучна и позитивна улога во реформскиот процес и забележува дека постои амбиент што им овозможува функционирање на граѓанските организации, но посочува и дека треба да се спроведат правни и финансиски рамки за да се обезбедат транспарентни механизми за јавно финансирање.
Во нацрт-извештајот се изразува загриженост поради „недостигот од напредок во родовата рамноправност и растот на антиродовите движења“ и се повикуваат властите во земјата да го подобрат пристапот до услугите за жртвите на родово базирано насилство.
– Меѓуетничките односи остануваат стабилни и Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува. Потребни се соодветно финансирање и екипирање за институциите што ги штитат правата на немнозинските заедници. Лицата со попреченост и натаму се соочуваат со значителни бариери, бидејќи законодавството на земјата сѐ уште не е усогласено со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост – пишува во нацртот на документот.
Во предложениот текст се поздравува првата судска одлука за говор на омраза против ЛГБТИК-заедницата, но повикува и на систематско гонење на сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување. Истовремено, од земјата се бара да го зајакне менаџирањето на миграцијата, да го подобри усогласувањето со правото на ЕУ и да одговори на постојаните предизвици во справувањето со редовната и нерегуларната миграција.
– Со сериозна загриженост се забележува дека досието на земјата во борбата против корупцијата се влоши, особено поради измените на Кривичниот законик, кои ја ослабнаа правната рамка, што резултираше со прекинување на многу тековни случаи и дека вооченото ниво на доверба во судството останува многу ниско, па се повикува на зајакнување на независноста, транспарентноста и ефективно функционирање на правосудните органи. Со загриженост се забележува недостиг од напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, како и дека финансиските истраги и натаму се слаби, па се повикува на зајакнување на оперативниот капацитет и соработката на структурите одговорни за борба против организираниот и финансискиот криминал – стои во нацрт-извештајот.
Во него натаму се повикува на зајакнување на независноста на безбедносните и разузнавачките тела преку соодветни регулаторни рамки, како и на понатамошни напори за градење отпорност против странско мешање и манипулација со информации.
Во делот посветен на социоекономските реформи се препорачува земјата да продолжи да ги следи чекорите за подобрување на деловната клима и инфраструктура, за зајакнување на образованието и дигиталната инфраструктура и за подобрување на системите за социјална заштита.
– Ја охрабруваме Северна Македонија да ја унапреди својата дигитална трансформација и ја нагласуваме потребата да се одговори на одливот на мозоци, особено на медицинските и младите професионалци – препорачува ЕП во предлог-текстот.
Во нацрт-извештајот натаму се потсетува на потребата за дополнителни напори за исполнување на целите за енергетска ефикасност, развој на обновливи енергетски извори, безбедност во снабдувањето со енергија и намалување на емисиите на штетни гасови и се повикуваат властите да го усогласат законодавство на земјата за животната средина и за климатските промени со правото на ЕУ и да обезбедат негово спроведување.
– ЕП ја нагласува итната потреба за подобрување на квалитетот на воздухот, силно ги повикува властите да ги засилат мерките за биолошката разновидност, заштитата на водата, воздухот и климата и регионалното управување со отпадот. Ги повикува властите во земјата да ги засилат напорите за надградба на транспортната и енергетската инфраструктура и регионалното поврзување и да ги решат постојаните одложувања во развојот на критичната инфраструктура – се додава во текстот.
Во нацрт-извештајот се поздравува придонесот на земјата за регионалната соработка и стабилност преку нејзиниот ангажман во регионалните иницијативи, континуираната посветеност на евроатлантската безбедност и усогласувањето со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, како и нејзиното целосно усогласување со санкциите поврзани со Русија.
– ЕП ја пофалува посветеноста на земјата за негување добрососедски односи и нејзината улога како модел за мирно решавање на билатералните спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање и во таа смисла потсетува дека билатералните договори треба да се спроведуваат со видливи резултати и со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. ЕП повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји за да се поттикне меѓусебната доверба – се додава во нацрт-верзијата на извештајот во кој МИА имаше увид.
На предложениот текст на овој извештај европратениците имаат право на амандмани, па неговата конечна верзија што би требало да биде усвоена во мај би можела да претрпи извесни измени.


Од дебатата по нацрт-извештајот на известувачот Вајц за напредокот на Македонија

„Францускиот предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови

Австрискиот европратеник смета дека за да се надмине ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Северна Македонија, при што ЕУ дејствуваше како гарант за нивното спроведување“.
– Таканаречениот „француски предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови. Иако овој договор на крајот доведе до укинување на ветото, одржување на првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година и почеток на скринингот, тој, исто така, бараше од Северна Македонија да го измени својот устав за да го вклучи бугарското малцинство во него. Скрининг-сесиите за сите шест кластери беа завршени до 7 декември 2023 година, а земјата ќе може да премине во следната фаза од преговорите откако ќе бидат усвоени уставните амандмани – истакна Вајц.
Тој понатаму вели дека земјава подготви „одлична и амбициозна“ реформска агенда, веројатно една од најдобрите во регионот.
– Неговата ригорозна имплементација ќе ја врати земјата на вистинскиот пат, особено во клучните области, како што се борбата против корупцијата, обезбедувањето независност на судството, реформата на јавната администрација и подобрувањето на состојбата со слободата на медиумите – додава Томас Вајц.
Сепак, според него, некои неодамнешни случувања, вклучително и одлуката на земјата да се воздржи од гласање за последната европска резолуција за Украина во Генералното собрание на ОН, а да ја коспонзорира резолуцијата на САД, „предизвикаа загриженост кај поддржувачите на Северна Македонија во ЕУ за нејзината долгорочна траекторија“.
– Искрено се надевам дека сите страни – властите во Северна Македонија, институциите на ЕУ и соседните земји – ја препознаваат итноста на моментот и решително ќе дејствуваат за земјата да се придвижи напред – смета Вајц.
Тој нагласува и дека е посветен на градење стабилен, конструктивен, проевропски и продемократски сојуз за поддршка на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
– Се надевам дека за тоа ќе ја добијам поддршката од секој член (на Европскиот парламент) што ја дели оваа цел – додава Вајц.

Тони Гламчевски, специјален известувач за „Нова Македонија“ од Франција