Свети Кирил и Методиј / Фото: „Нова Македонија“

Константин уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон совладување на научните дисциплини, кои подоцна му овозможиле да ce нареди до најучените луѓе на својата епоха – да стане професор на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа) и заслужено да биде наречен Филозоф. Како најмало, седмо дете по ред на семејството на Лав и Марија, Константин бил удостоен со привилегијата да ce школува во солунските училишта во кои учеле само синовите на богатите. Но, за разлика од повеќето од нив, кои имале обичај да ce забавуваат со лов и слично, младиот Константин целосно ce оддал на учењето и затоа, како што се наведува во неговото житие, напредувал „подобро од сите ученици, така што сите му ce чуделе на сфаќањето и на големиот успех во вештините“

Повод: 1.155 години од упокојувањето на Свeти Кирил, еден од најзначајните словенски просветители

Свети Кирил, познат и како Константин Филозоф, е творецот на глаголицата и еден од најзначајните словенски и христијански просветители. Православната и Католичката црква го прогласија за светец и рамноапостол. На 30 декември 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи Константин Филозоф и неговиот брат Методиј за созаштитници на Европа. Православните христијани исто така го почитуваат како еден од седумте свети светци.

Потекло

Солун е родното место на Константин и неговиот брат Методиј. Во епохата кога тие живееле градот бил словенизиран, под влијание на неговата чиста словенска околина. Тоа го истакнал и византискиот император Михаил Трети (842-867), кога пред да ги испрати Константин и Методиј во Велика Моравија нагласил: „Вие сте солунчани, a сите солунчани чисто словенски зборуваат“. Константин и Методиј потекнувале и по таткова и по мајчина страна од богати благороднички семејства. Нивниот „чесен род“ им бил познат „на царот и на целата солунска област“. Поп Дукљанин во својот летопис го означил татко им Лав како патрициј Леон. Дека браќата Константин и Методиј потекнувале од богати родители и дека тие ce викале Лав и Марија ce наведува и во Методиевото проложно житие. Семејството на Лав и Марија ce состоело од седум деца, од кои најмал бил Константин.

Oбразование

Богатите и угледни родители на Константин и Методиј им овозможиле на своите деца уште од мали години да стекнат висока наобразба и да отворат пат за искачување високо во византиската државна хиерархија. Константин уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон совладување на научните дисциплини, кои подоцна му овозможиле да ce нареди до најучените луѓе на својата епоха – да постане професор на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа) и заслужено да биде наречен Филозоф. Како најмало, седмо дете по ред на семејството на Лав и Марија, Константин бил удостоен со привилегијата да ce школува во солунските училишта во кои учеле само синовите на богатите. Но, за разлика од повеќето од нив, кои имале обичај да ce забавуваат со лов и слично, младиот Константин целосно ce оддал на учењето и затоа, како што се наведува во неговото житие, напредувал „подобро од сите ученици, така што сите му ce чуделе на сфаќањето и на големиот успех во вештините“. Самиот Константин во една пригода, кога ce наоѓал на школување во Цариград, му изјавил на логотетот Теоктист „за мене нема ништо поголемо од науката, преку која ќе ce стекнам со мудрост и ќе ги побарам прародителската чест и богатство“.
Григориј Богослов (Назијанзин) бил познат византиски писател и филозоф од 4 век, чии вештини во паганската и христијанска филозофија ги користел сиот тогашен учен свет и чии трудови биле во центарот на вниманието и по неговата смрт. Во негова чест Константин уште како ученик во Солун напишал пофалба. Подоцна Константин напишал и друго дело во кое му изразил признание на неговиот учител – богословот Григориј Назијански. Освен од овој голем мислител, Константин уште од ученичките години сестрано ce напојувал и од другите познати богослови, какви што биле Атанасиј Александриски, Јован Златоуст, Ефрем Сирин, Јован Дамаскин, Теодор Студит и др.
Уште во родниот град Солун, Константин добро совладал повеќе јазици. Во Пофалното слово на Кирил и Методиј ce истакнува дека „нему му беше дадена духовна дарба, како на апостол, да зборува на разни јазици“. Покрај грчкиот јазик, кој како официјален државен јазик добро го изучил во солунските училишта, Константин уште како дете го совладал и еврејскиот јазик од уличните другари Еврејчиња. Во тој период, покрај големиот број Словени и Грци, во Солун живееле и поприличен број еврејски семејства.

Универзитетска кариера

По завршувањето на своите студии на Цариградскиот универзитет во 847 година, Константин бил задржан на служба во Цариград. Тој откако бил „потстрижен“ и добил духовен чин, бил назначен за библиотекар на патријархот во црквата „Св. Софија“ во Цариград. Должноста библиотекар била идентична со онаа на хартофилаксот, кој всушност го означувал патријаршискиот секретар. Како библиотекар на Цариградската патријаршија, Константин бил задолжен да ce грижи освен за книгите уште и за архивата. Библиотекарско-секретарската должност не му лежела на младиот филозоф Константин. По cѐ изгледа тој го искористил доаѓањето на Игнатиј на чело на патријаршијата во јуни 847 година за да ce повлече од библиотекарската должност.
Бидејќи византискиот царски двор не успеал да го присили Константин да ce врати на должноста библиотекар, архивар и секретар на Цариградската патријаршија, му понудил нова служба: професор по филозофија на Цариградскиот универзитет, која тој ја прифатил. Својата универзитетска кариера Константин ја започнал уште истата 847 година. Со задоволство jа прифатил професорската служба, зашто своите сестрани знаења можел да ги пренесува на своите ученици студенти. За кратко време додека бил на чело на катедрата по филозофија, Константин стекнал голема популарност кај своите студенти, кои потекнувале од повеќе земји на Европа и Азија. Во тој временски период нему секако му бил прилепен и епитетот филозоф и станал познат како Константин Филозоф.

Брегалничка мисија

За да се сфати суштината на Брегалничката мисија на Константин Филозоф, потребно е истата таа да се поврзе со управничката дејност на брат му Методиј меѓу Словените во Македонија, зашто временски тие не само што се совпаѓаат туку имаат и заедничка цел – придобивање на македонските Словени за Византија во борбата против бугарските завладувања во Македонија. За да ги запре бугарските продори кон Солун, Византија почнала да води една поинаква политика спрема македонските Словени. Преку назначување на нивно чело словенски управници воспитани во византиски дух и давање разни привилегии на словенските предводници, ceга таа се обидувала да ги придобие македонските Словени да дејствуваат и тие во заштита на нејзините погранични области од Бугарите. Таквата византиска политика нашла одраз и во дејноста на браќата Константин-Кирил и Методиј меѓу Словените во Македонија.
Брегалница ce совпаѓа со управничката дејност на брат му Методиј, а тука на мисионерска работа бил испратен Константин Филозоф. Податоците од „Солунската легенда“ говорат дека Константин Филозоф престојувал „во градот Равен на реката Брегалница“ и дека за тукашните Словени создал букви. Црноризец Храбар, во делото „За буквите“, известува дека Константин Филозоф, викан уште Кирил, азбуката ја создал и книгите ги превел заедно со братот си Методиј. Дека Методиј како словенски управник му помагал на својот помал брат во составувањето на словенската азбука и преведувањето на словенските книги се истакнува и во Теофилактовото Пространо житие на Климент Охридски. Во него се вели дека Кирил и Методиј „ja изнашле словенската азбука“ и превеле книги од грчки на словенски јазик и се погрижиле да им ги предадат божјите знаења на своите поспособни ученици. Подоцна азбуката била поусовршена и приспособена за потребите на Словените во Моравија, каде што делото на Кирил и Методиј добило општословенски карактер.

Моравската мисија

Повод за Моравската мисија на Кирил и Методиј било писмото на моравскиот кнез Ростислав до византискиот цар Михаило III. Ростислав настојувал да ја осамостои и зацврсти својата држава Моравија, на која ѝ се заканувала опасност од германското свештенство. За да ја отстрани опасноста, тој побарал проповедници што ќе го шират Христовото учење на словенски јазик. Византија ќе ја прифати неговата порака зашто германско-бугарскиот сојуз бил опасност и за Моравија и за безбедноста на Византија. Кирил и Методиј ја прифатиле таа задача, но наишле на многу проблеми, а еден од нив е немањето азбука на која би ги превелe најпотребните книги за богослужба. Константин помогнат од Методиј ја создал првата словенска азбука (855та година), глаголица, која содржи 38 букви. Во глаголицата, 24 букви биле по образец на грчката брзописна деловна азбука, а преостанатите 14 според гласовниот систем на словенскиот јазик.
Во 863 година пристигнале во Моравија, каде што отвориле голем број училишта и цркви во кои се ширела просветата на словенски јазик, а биле оспособени голем број нови учители. Латино-германското свештенство почнало да ги обвинува за ширење ерес, па затоа папата ги повикал во неговиот двор во Рим. На пат за Рим, Константин, Методиј и нивните ученици се задржале во Панонија и ги удриле темелите на словенската писменост и во таа земја. Пред да пристигнат во Рим кратко се задржале во Венеција, каде што Константин, кој бил познат како добар филозоф и оратор, спорел со тријазичниците т.е. оние што се застапувале за ширење на Христовото учење само на грчки, еврејски и латински јазик. Константин ги разбил обвинувањата велејќи дека секој народ има право на свој јазик.
Кога пристигнале во Рим, Константин ги донел моштите на римскиот папа Климент, кој бил маченички удавен во 100 година н.е., а кого подоцна Римската црква го прогласила за светец. Во Рим во 869 година папата Адријан ги посветил словенските книги, што значи дека Римската црква официјално ја признала словенската писменост.
Набрзо по официјалното признание, Кирил се разболел и умрел. По неговата смрт, Методиј ја продолжил започнатата дејност, но бил постојано напаѓан и клеветен од германското свештенство и исцрпен од борбите со нив, од затворите и прогонствата умрел во 885 година.


Гробот на Свети Кирил

За Кириловиот гроб во словенските и латинските извори ce наведува дека ce наоѓа „од десната страна на олтарот во црквата ’Свети Климент’ во Рим, a денес главно ce верува дека е оној гроб што ce наоѓа на левата страна на олтарот кога ce гледа кон олтарот. Првата црква на тоа место била изградена во домот на римскиот конзул Тит Флавиј Клемент, кој бил внук на Веспазијан. Според римската црковна традиција, Тит е всушност папата Климент Први. Во текот на 6 век, на тоа место била изградена голема базилика, во која главно биле зачувани фрески од животот на Свети Климент. Во текот на 816 година, Свети Кирил го пронашол телото на Свети Климент во Крим. Шест години подоцна, тој и неговиот брат Свети Методиј биле поканети од страна на папата да ги донесат останките од папата во Рим. По престигнувањето, телото на Климент било свечено погребано во таа црква. По неколку години, во Рим починал Свети Кирил. Методиј, неговиот брат, побарал дозвола неговото тело да биде вратено во Македонија, но папата не дозволил, па така телото на Свети Кирил било погребано во таа црква. Д.Ст.