Главна вест во речиси сите светски медиуми во неделата беше кражбата што се случи во парискиот музеј „Лувр“. Имено, според досега познатите податоци, група крадци наводно украле девет парчиња накит од колекцијата на Наполеон од музејот.
Според првичните сознанија од истрагата, оваа дрска кражба во најпосетениот музеј во светот се случила во галеријата „Аполо“ додека внатре веќе имало посетители, само половина час откако таа била отворена за посета. Медиумите, кои исклучително внимателно го покриваат овој несекојдневен настан, пишуваат дека кражбата е прогласена за една од најпознатите во последно време и доаѓа во време кога вработените се жалат дека метежот и недостигот од персонал сериозно ја загрозуваат безбедноста.
Но, токму оваа кражба ги подотвори старите архиви, во кои е забележано дека баш „Лувр“ има долга историја на кражби. Една од најпознатите кражби во историјата се случил таму во 1911 година, кога легендарната „Мона Лиза“ исчезнала од својата рамка. За потсетување, еве само дел од некои од најголемите кражби на уметнички дела во историјата.
„Мона Лиза“ од Леонардо да Винчи, 1911 година
Иако сега е едно од најпознатите уметнички дела во светот, „Мона Лиза“ од Леонардо да Винчи не беше добропозната надвор од уметничките кругови сè до нејзината кражба. Во 1911 година поранешниот вработен во музејот Винченцо Перуџа се скрил во „Лувр“ и едноставно шетал со сликата под палтото.
Веста за исчезнатото ремек-дело се прошири низ целиот свет, а сликата беше пронајдена две години подоцна во Фиренца, кога Перуџа се обиде да ја продаде. Оваа епизода помогна портретот на Да Винчи да стане најпознатото уметничко дело во светот.
„Јакоб де Гејн III“ од Рембрант, 1966-1983 година
Еден од побизарните случаи во историјата на кражбите на уметнички дела е оној на „Јакоб де Гејн III“ од Рембрант. Според Гинисовата книга на рекорди, ова е една од најчесто крадените слики во модерната историја, поради што е наречена „Рембрант што треба да се однесе“.
Беше украдена од лондонската галерија на слики „Далвич“ четири пати: во 1966, 1973, 1981 и 1983 година. Портретот беше пронајден секојпат и сега е во музејот.
Сепак, најчесто крадено уметничко дело на сите времиња е „Гентскиот олтар“ на Јан ван Ејк, познат и како „Обожавањето на мистичното јагне“, кое е украдено седум пати.
Кражба во музејот „Изабел Стјуарт Гарднер“, 1990 година
Кражбата на 13 уметнички дела од музејот „Изабел Стјуарт Гарднер“ во Бостон, САД, која се случи пред 35 години, сè уште се смета за најголема уметничка кражба во американската историја и останува нерешена. Рано наутро на 18 март 1990 година, двајца мажи преправени како полицајци влегоа во музејот, тврдејќи дека одговараат на повик.
Тие ги совладаа обезбедувачите, ги врзаа и поминаа повеќе од еден час крадејќи ремек-дела од Рембрант, Вермер, Дега и Мане. Меѓу украдените предмети беше и „Концертот“ од Вермер, чија вредност се проценува на половина милијарда долари. Некои од сликите, како што е „Бура на Галилејско Море“ од Рембрант, беа исечени од рамката, која денес сè уште виси празна во музејот.
Кражба во музејот „Ван Гог“, 1991 и 2002 година
Музејот „Ван Гог“ во Амстердам двапати беше цел на крадци. Во 2002 година, крадци влегоа во музејот со скали и чекани и украдоа две слики. Тие беа пронајдени од италијанската полиција 14 години подоцна и вратени од рацете на неаполската мафија.
Само неколку години претходно, во 1991 година, од истиот музеј беа украдени 20 слики вредни повеќе од 400 милиони евра, вклучувајќи ја и познатата „Јадачи на компири“. За среќа, сликите беа пронајдени многу брзо во напуштен автомобил во близина.
Накит од Зелениот трезор во Дрезден, 2019 година
Една од најновите големи кражби се случи во 2019 година во Зелениот трезор во Дрезден, еден од најстарите музеи во светот. Крадците провалија низ витрини и побегнаа со кралски дијамантски накит вреден стотици милиони евра.
Украдени се три непроценливи комплети накит од 18 век, за кои експертите рекоа дека би било невозможно да се продадат на отворен пазар. Дел од пленот подоцна беше вратен, а петмина мажи беа осудени за грабежот. М.В.