
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Документите се единствените сведоци за докажување на судбината на Евреите во Македонија. Според Еврејскиот алманах издаван од Сојузот на еврејските општини во Југославија, веднаш по Втората светска војна во Македонија преостанале само 419 Евреи (во октомври 1945 година)
Светските архиви и многубројните истражувања потврдуваат дека бугарската држава во екот на Втората светска војна по својата суштина е фашистичка и националсоцијалистичка. Во овој период со царска Бугарија раководат личности што се тесни соработници со Адолф Хитлер, но и идеолошки припаѓаат на нацизмот и фашизмот. Од оваа идеолошка поврзаност со нацизмот произлезе и трагичната судбина на македонските Евреи.
Бугарската влада предводена од Богдан Филов до бугарското собрание го предлага Законот за заштита на нацијата, законот е усвоен од собранието и стапува во сила на 23 јануари 1941 година, а во сила е до 27 ноември 1944 година. Законот вовел голем број рестриктивни мерки против Евреите, кои живееле во рамките на царска Бугарија. На лицата со еврејско потекло им било забрането да извршуваат државни служби, не смееле да стапуваат во брак или да живеат со лица од бугарско потекло. Биле воведени ограничувања за прием и престој во образовните институции, а бил воведен и вонреден данок за еврејскиот имот. Била формирана Комисија за еврејски прашања, која требало да го спроведе законот, а нејзин главен комесар бил Александар Белев. Законот стапил во сила со уредбата бр. 3 од 21 јануари, која била потпишана од бугарскиот цар Борис Трети и објавена во Државниот весник на 23 јануари 1941 година. По окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија, со Законот за заштита на нацијата биле опфатени и македонските Евреи.
Меѓу главните идеолози на расистичката политика во царска Бугарија, која доведе до трагичната судбина македонските Евреи, може да се набројат повеќе личности. Меѓу нив се Богдан Филов – бугарски премиер, Петар Габровски – министер за внатрешни работи и Александар Белев – бугарски комесар за еврејското прашање. Тие се главните учесници во холокаустот, меѓутоа зад нив стојат сите бугарски државни институции, вклучително бугарското собрание и бугарскиот цар Борис, односно царска Бугарија. Петар Габровски, министерот за внатрешни работи на царска Бугарија, е еден од основачите на Сојузот на ратниците за напредок на бугарштината. Според бугарскиот историчар Николај Поппетров, споменатата политичка групација се залагала за национализам, националсоцијализам (нацизам), расизам и симпатии кон Третиот рајх. Близок до оваа групација бил и Александар Белев, бугарскиот комесар за еврејското прашање, всушност Белев бил протеже на Петар Габровски.
Александар Белев како комесар за еврејското прашање директно соработува со Теодор Данкер, специјален претставник на Адолф Ајхман (еден од главните творци на холокаустот) и припадник на германското Гестапо. Според бугарскиот автор Н. Недев, Богдан Филов, тогашниот бугарскиот премиер, бил симпатизер на Народното социјално движење (НСД), бугарска екстремна политичка партија. Бугарскиот историчар Николај Поппетров вели дека НСД идеолошки клонела кон италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам (нацизам).
По окупацијата на Македонија, бугарската фашистичка власт ја депортираа целата еврејска заедница во истовремени акции, кои започнаа во раните утрински часови во четвртокот, 11 март 1943 година. Во Битола, Скопје и во Штип, каде што имаше мало население од Евреи, неколку стотици бугарски полицајци и војници се собрале во полициски станици во 2 часот по полноќ за да добијат упатства за отстранување на Евреите и нивните работи. Во Битола, бугарската војска воспостави блокада околу градот за да спречи бегство. Помеѓу 5 и 6 часот, Евреите добиле наредба да ги напуштат своите домови за еден час, со претекст дека ќе бидат префрлени во други делови на Бугарија, а по војната се вратат во своите домови.
Алберт Сарфати, кој ја преживеал војната, го посведочува следното: „Нѐ натоварија во вагони за добиток, педесет до шеесет луѓе по вагон, вклучувајќи го и багажот. Немаше доволно простор и многумина мораа да застанат. Немаше вода. Децата плачеа… Жена во еден вагон се пораѓаше… но немаше лекар. Стигнавме во Скопје на полноќ. Ноќ. Темнина. Ги отворија вагоните и во темнината нѐ турнаа во две големи згради.
Во нашиот воз беа додадени коли со штипските Евреи. Сопнувајќи се еден со друг во темнината, влечејќи го багажот и постојано тепани од бугарските војници, децата, старите и немоќните се обидуваа да се притиснат во зградата. Кога изгреа сонцето, сфативме дека сме во Скопје во зградата на Монополот и дека истиот ден биле собрани сите Евреи од Македонија“.
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија. Според Еврејскиот алманах издаван од Сојузот на еврејските општини во Југославија, веднаш по Втората светска војна во Македонија преостанале само 419 Евреи (во октомври 1945 година). Д.Ст.
Личностите што го негираат холокаустот можат кривично да одговараат пред судовите
Во изминативе години имаше обиди за негирање на холокаустот, меѓутоа Советот на Европа усвои протокол што ги опфаќа и негирањето на холокаустот и другите геноциди признаени како такви од меѓународните судови, основани од 1945 година, со релевантни меѓународни правни инструменти. Споменатиот протоколот предвидува дека земјата потписник, по негова дискреција може да го гони насилникот ако делото е извршено со намера да поттикне омраза, дискриминација и насилство. Во него исто така се вели дека „Европскиот суд за човекови права јасно стави до знаење дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти – како што е холокаустот, ќе бидат отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права“. Со други зборови, личностите ќе можат кривично да одговараат пред судовите и тоа нема да се смета за нарушување на човековите права, односно нема да се смета за нарушување на слободата на говор. Д.Ст.
Македонија се сеќава на трагичната судбина на македонските Евреи
Сеќавањето на 11 март 1943 година е важно, бидејќи ако не зборуваме, тој ден ќе се заборави, истакна потпретседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Радојка Хелман Денковска.
– Ние секоја година го чествуваме овој значаен ден за нас македонските Евреи бидејќи ако не споменуваме, тој ден ќе се заборави. Мора да потсетуваме за да знаат младите генерации што се случило и никогаш никому да не му се повтори. Пораката од Битола и од Македонија до светот е дека мора да споменуваме бидејќи ова секому може да му се случи, а повеќе нема преживеани што ќе може да раскажуваат и да кажуваат за кобното утро и воопшто за холокаустот. Ние, потомците од Еврејската заедница, сме тука за да говориме гласно и тоа никому да не му се повтори – рече Хелман Денковска.
На комеморацијата во Битола, Шели Леви Друмер, внука на Хаим Абраванел која денеска живее во Израел, рече дека Битола треба да стане отворен урбанистички музеј на сите еврејски заедници од Балканот. Битола е приказна, Битола е голем еврејски центар и Битола мора да продолжи да ја раскажува историјата на еврејството.
Цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и на народната хероина Естреја Овадија Мара положија делегацијата на македонското Собрание, претставниците на Еврејската заедница, Сојузот на борците од Битола, локалната самоуправа и политичките партии од градот. Д.Ст.
Македонските Евреи низ вековите
Евреите за првпат масовно пристигнале во Македонија за време на Римското Царство, кога еврејскиот народ пребегнува од Израел поради прогоните на римските власти. Најстар доказ за постоењето на Евреите во Македонија е старата синагога, која потекнува од трети век пред нашата ера во античкиот град Скупи. Втор поголем бран на еврејски доселеници од Шпанија и Португалија се случува за време на Османлиската Империја. Десетици илјади Евреи побегнале од Шпанија и Португалија и султанот Бајазит Втори со добредојде ги пречекал во Отоманското Царство. Тие набрзо се стекнале со одредени права во рамките на империјата, меѓу кои право на лична сопственост и изградба на синагоги. Поголемите македонски градови како што се Скопје, Битола и Штип привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со преостанатото население во Македонија. Најмногу Евреи се населувале во Солун, Битола, Скопје, Бер и во Сер. Пред Втората светска војна, во Битола живееле околу 8.000 Евреи, во Скопје околу 3.000 Евреи, а во Штип околу 500 Евреи. Д.Ст.