„Најчудните луѓе на светот?“

Македонците, за среќа, никогаш не биле, но, според моето мислење, никогаш нема да бидат дел од Западот, меѓутоа, сепак, тие повторно ќе живеат во Македонија. Промените се правило: враќањето на името Македонија е неизбежност, чудните се исклучок

Во кусиот расказ „Затемнувањето“ на гватемалскиот писател Аугусто Монтеросо, шпанскиот свештеник Бартоломео се наоѓа изгубен во моќната џунгла на Гватемала, тивко чекајќи ја смртта, без никаква надеж, изолиран, со мислите вперени во далечната Шпанија. Другиот ден тој е опкружен од група рамнодушни домородци, кои се подготвуваат да го жртвуваат пред олтарот – олтар што на Бартоломео му се чини дека е кревет во кој ќе се одмори, конечно, од своите стравови, од својата судбина, од самиот себе. Соочен со смртта, тој се сети дека тој ден се очекува целосно затемнување на сонцето – идеја што ја сметаше достојна за неговиот талент, неговата универзална култура и неговото познавање на западната филозофија и реши да го искористи тоа знаење и да ги измами своите угнетувачи. На неговото предупредување дека ќе го затемни сонцето, тој забележа неверување во очите на домородците, виде дека се формира мал совет, чекаше со доверба, иако не без презир. Два часа подоцна, по неговата смрт, еден од домородците без никаква промена на гласот, без брзање, ги изговараше датумите на затемнување на Сонцето и Месечината – податоци што астрономите на Маите ги запишале во нивните кодекси, без помошта на Западот.
Длабоките културни и филозофски наследства на древните народи на територијата на Абиа Јала – неологизам што го користеле некои домородни народи за територијата што денес (каков апсурд!) се нарекува Латинска Америка, сѐ почесто се вградуваат во некои современи културни, филозофски и политички размисли, па дури и движења поврзани со комунитаризмот. Терминот сумак каусаи (sumak kawsay), што во превод значи „добар живот“ или „живот во хармонија“ на јазикот на народот Кечуа, вграден во уставите на Еквадор и на Боливија, е концепт што потекнува од домородните култури во регионот на Андите и пределите на Амазон. Иако различни народи и култури го дефинираат овој концепт на малку различни начини, нивен заеднички именител е живеење во хармонија со природата, промовирајќи ја идејата дека колективната благосостојба на заедницата се постигнува преку хармонија со природата, концепт што се заснова на пет столба: нема живот без знаење или мудрост, сите ние доаѓаме од Мајката Земја, животот е здрав, животот е колективен, и сите ние имаме аспирации или соништа.
Меѓу концептите – фундаменталните древни принципи на источноазиските општества, особено на кинеската цивилизација, коишто ја сочинуваат структурата на мислата на Конфуциј и ја нагласуваат важноста на хармонијата, хуманоста и праведноста, во денешниов есеј ќе се задржам на три: тјен (tian) – „небо“, жен (ren) – „човечност“ и ји (yi) – „праведност“. Концептите во древната кинеска филозофска мисла можат да се објаснат само врз основа на контекстот во кој се споменуваат, притоа водејќи сметка дека, прво, преводите од кинески јазик на западните јазици неизбежно внесуваат западни културни конотации – пристап што неминовно води до недоразбирања, и, второ, древните кинески и источноазиски учења сѐ уште се предмет на активни истражувања и толкувања.

За концептот тјен пишував во текстот „’Судир на цивилизациите’ наспроти ‘поднебесје’“ објавен во „Нова Македонија“ на 14 декември 2024 година. Тој ја вклучува кинеската тријада небо-човек-земја, меѓутоа тјен не е место еквивалентно на Рајот: во христијанството место каде што Бог живее, место на вечен совршен живот, место каде што заминуваат душите на сите оние што го прифатиле Исус Христос, синот Божји, за свој спасител. Концептот тјен не се однесува на трансцендентно креативно божество и просторот надвор и над човекот, туку пред сѐ се однесува на природниот поредок – поредок во кој сите луѓе поседуваат одговорност да ги разберат неговите закони, што повлекува, прво, дека човекот е одговорен за неговите постапки и, второ, дека знаењето на природниот поредок претставува врховно правило на човековото дејствување. Оттука, конечната цел на човечкото битие во однос на концептот тјен не е „спасение“, туку мудрост.
Постојат голем број преводи на англиски јазик на концептот жен: добронамерност, алтруизам, добрина, милосрдие, сочувство, великодушност, човечност, хуманост, меѓутоа, сепак, ниту едно од овие значења не го изразува во целост неговото значење. Концептот жен подразбира разбирање на вредноста да се биде различен, при што укажува дека не треба да се дејствува тргнувајќи од индивидуалното, туку од општественото, колективното. Хербет Фингарет (Herbert Fingarette) – еден од најеминентните филозофи на неговото време, во книгата „Конфуциј: Секуларното како свето“ (1972 г.), зборувајќи за „Изреченијата на Конфуциј“ ќе каже: „Метафората на внатрешниот психички живот со сите негови толку познати за нас разграничувања, едноставно не постои во ‘Изреченијата на Конфуциј’ дури ни како можност“. Со други зборови, обидувајќи се да се изразам во термини на Западот, во кинеската традиција, проширена во цела Источна Азија, општата благосостојба преовладува над индивидуалната благосостојба: приоритет има колективот, а не поединецот.
Концептот ји се преведува со доблестите праведност, правда, соодветност, интегритет, меѓутоа ваквите толкувања се само дел од вистинското значење на концептот ји – тие ја занемаруваат важната карактеристика на концептот ји: потпирање на социјалното опкружување што внесува дополнителна содржина во толкувањето на концептот. Познавачите на кинеската филозофска мисла го нагласуваат аспектот на етичкиот живот што следи правила, неговиот увид во општествените норми, при што укажуваат дека ставовите што вклучуваат давање приоритет на почитување и служење на другите, играат важна улога во мотивациската структура на концептот ји. Конфуциј смета дека одговорноста што произлегува од концептот ји е својствена на концептот жен, а со тоа се однесува и на односот кон другите, што значи дека секој поединец треба да го разбере своето место во општеството: според Конфуциј, единствениот начин да се има ред во општеството е секој да го препознае и да го заземе своето соодветно место.

Насловот на денешниов есеј – „Најчудните луѓе на светот?“, е всушност наслов на еден труд од 2010 година (англ. „The Weirdest People in the World?): во трудот се зборува за заклучоците објавени во „најдобрите светски списанија врз основа на примероци извлечени целосно од западни, образовани, индустријализирани, богати и демократски општества“ – на англиски Western, Educated, Industrialized, Rich and Democratic (WEIRD). Авторите, објаснувајќи зошто ЧУДНИТЕ луѓе (англ. WEIRD people) се психолошки невообичаени, во трудот ќе заклучат: „Примерокот на современи западни студенти… можеби е најлошата популација на која се заснова нашето разбирање за хомо сапиенсот… научниците сега се соочуваат со избор… или да признаат дека нивните наоди… не можат да се генерализираат надвор од оваа необична суппопулација… или да почнат да преземаат чекори за градење пошироко, побогато и подобро втемелено разбирање на нашиот вид“. Подоцна, во 2020 година првиот автор – професорот на Харвард Џозеф Хенрик (Joseph Henrich), ќе објави книга со сличен наслов, но таа е тема за друг текст.
„Книга на промените“ – најстариот класичен кинески текст, ги опишува промените и времето за суштински елементи на структурата на светот и поединецот: промената ја претставува вистинската природа на животот и му дава смисла на животот, остварен со динамична рамнотежа помеѓу спротивностите и прифаќање на промената за неизбежност. Коментарите на Конфуциј, додадени во оригиналниот текст на „Книгата на промените“, го трансформираат безвременскиот концепт на небото – еден од столбовите на кинеската суштинска тријада небо-човек-земја, што припаѓа на безвременската димензија, бидејќи ги содржи суштинските кодови на природата што се непроменливи, во временската димензија на светот и поединците. Оттука, времето станува највредниот постојан ресурс за учење. Во тој контекст, „Книгата на промените“ ја покажува, преку познавање на природниот поредок, супериорноста на циклусите и ритмите: промените се правило, не исклучок. Промени ќе има, според еден кинески мислител од 14 век: „императорите… ќе станат тирани, …, како што пролетта му се предава на летото, а есента на зимата… падот и растот, добивката и загубата, редот и нередот, одржувањето и уништувањето потекнуваат од движењата на империјата и кулминираат со промени на империјата“. Македонците, за среќа, никогаш не биле, но, според моето мислење, никогаш нема да бидат дел од Западот, меѓутоа, сепак, тие повторно ќе живеат во Македонија. Промените се правило: враќањето на името Македонија е неизбежност, чудните се исклучок.