Професорката Мирјана Најчевска во објава на социјалните мрежи изнесе тврдење дека нејзиниот сопруг Сашко Тодоровски поднел оставка од амбасадорската функција во Чешка, затоа што, како што наведува, тој не се согласил со барањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи да го известува него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на претседателот на државата, за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор.
– Мојот сопруг поднесе оставка. Лакејот на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи започна хајка против мојот сопруг заради моите критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше. Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор – наведува Најчевска во објава на нејзиниот профил на Фејсбук.
Османи, дополнува Најчевска, ги прекрши Уставот и законите што дипломат професионалец како мојот сопруг не можеше и не си дозволи да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до претседателот на државата).
– Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка – посочува Најчевска.
Нејзината реакција следува откако Османи денеска преку видеобрифинг информираше дека Тодоровски е вратен од Прага, а како причина за неговото отповикување наведе дека имало констатирано нерегуларности во функционирањето, лажно претставување на сопругата како културен аташе во Прага и оти не се испочитувани инструкции.
Од Министерството за надворешни работи попладнево дополнително се огласија за случајот и во соопштение изнесоа детали за целиот процес на повлекувањето на амбасадорот, којшто наведува дека бил долг и воден од Комисијата во рамки на МНР при шти биле констатирани бројни прекршувања на процедурите и дипломатските практики.
Прекршувањата, наведува МНР, беа поткрепени и со материјални докази и прецизни констатации.
-Во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на Министерството; по истите Договори подоцна исплатени се финансиски средства без материјално покритие за истите. Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во дипломатски и конзуларни претставништва. Без претходна соодветна одлука на Министерството, ја претставувал сопругата за „Аташе за наука“ на Република Северна Македонија, иако таа го немала добиено тоа дипломатско звање; прекршувајќи ги сите правила и надминувајќи ги ингеренциите кои ги има, ги довел во заблуда претставниците на научните и образовни институции во земјата на покривање.Ги прекршил правилата на добрата дипломатска практика, и без да најави, не присуствувал на испраќањето на претседателот на Владата сосе неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин – наведува МНР.
Според МНР, во рамките на мандатот амбасадорот бил повикан на консултации во Скопје за да објасни дел од прекршувањата и направените неправилности, но иако ја напуштил земјата на покривање, без дозвола ја напуштил и земјава и подоцна пријавил дека отишол на одмор, за што е потребна посебна дозвола.
-Сите овие дејствија, поткрепи со материјални докази и прецизни констатации, се дел од извештајот изготвен од Комисијата во рамките на Министерството за надворешни работи кој подоцна е усвоен од Владата. Констатирајќи ги сите овие неправилност кои се дел од извештајот на Комисијата, Владата донесе одлука за повлекување на Амбасадорот. По веќе донесената одлука на Владата, амбасадорот поднесе барање за предвремено повлекување – стои во соопштението од МНР.