Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на прес-конференција во Собранието ги коментираше најавите за можна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски.
– Таква покана сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицкоски да се разговара за предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите кои Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1 за кои што ниту јавноста, ниту Собранието, за жал, не се запознаени и тоа е дел од невладината нетранспарентност, како и да се разговара за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата бидејќи Македонија и во регионот и во Европа е на најниското 111-то место на индексот за борба против корупција – посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ велат дека Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. Оттаму додаваат дека во ек на економска криза кога лидерите во светот зборувале за поддршка на граѓаните, тој поставувал услови за средба само ако имало предвремени избори.
– Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми. Избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија. Покрај ова, новата влада предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај, односно до 2024 и оттаму избори не се во план – порачуваат од СДСМ.