„Ние сме во нова фаза на процесот на проширувањето. Никогаш порано немало вакви ’деструктивни надворешни сили’ што сакаат да не успееме. Сега за првпат има и толку дезинформациски кампањи“, изјави неодамна еврокомесарката за проширување Марта Кос за време на нејзината посета на Чешка. Но општата дилема која што се наметнува кај пошироката јавност во регионот е дали ЕУ поточно елитите во Брисел воопшто сакат проширување со земјите од Западен Балкан?! Иако вербално тие постојано тврдат дека процесот на проширување е во континуитет, во пракса всушност Унијата е таа што го блокира проширувањето…
Еврокомесарката Кос обвинува некои „надворешни сили“ за застојот во проширувањето
Динамиката на процесот на проширување зависи исклучиво од Европската Унија, која треба да ги охрабри земјите кандидати што поскоро да ги исполнат Копенхашките критериуми, но истовремено да спречи опструкции на овој процес од страна на актуелните членки на Унијата со наметнување билатерални условувања надвор од предвидените критериуми.
Најдобра потврда дека официјален Брисел кога сака може да го забрза процесот на проширување е приемот на Бугарија и Романија во Унијата, кои исклучиво со политичка одлука беа примени во полноправно членство, а не поради исполнети критериуми. Мотивите за експресниот прием на релативно неподготвени земји тогаш беа дека ЕУ сака да го заокружи овој простор за тој да не биде пополнет од трети сили.
Сега кога Македонија и земјите од Западен Балкан тапкаат во место во процесот на проширување токму поради инертноста на европските бирократи и билатералните пречки што одделни земји членки ги наметнуваат во преговорите, ЕУ обвинува некои други надворешни фактори дека го кочеле процесот на проширување.
– Заедно мора да застанеме против автократиите, кои сакаат да нѐ видат да не успееме. Ние сме во нова фаза на процесот на проширувањето. Никогаш порано немало вакви деструктивни надворешни сили што сакаат да не успееме. Сега за првпат има и толку дезинформациски кампањи – изјави неодамна еврокомесарката за проширување Марта Кос за време на нејзината посета на Чешка.
Таа нагласи дека светот забрзано се менува, а проширувањето мора да успее зашто носи стабилност и безбедност во Европа.
Општата дилема што се наметнува кај пошироката јавност во регионот е дали ЕУ воопшто сака проширување со земјите од Западен Балкан, иако вербално го тврди тоа, но во пракса всушност Унијата е таа што го блокира проширувањето.
– Нема никакви надворешни сили што го попречуваат проширувањето на ЕУ, туку зад блокадите стојат исклучиво внатрешни европски сили. Прво Грција со децении ја блокираше Македонија поради билатерално прашање, потоа Франција стави вето на стартот на пристапните преговори со земјава, за на крајот блокадата да ја продолжи Бугарија, повторно со билатерални прашања за идентитетот, историјата, јазикот. Барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав е обичен параван, како што призна и самиот бугарски претседател Румен Радев кога рече дека сите идентитетски барања ги преформулирале во барања за човекови права. Со други зборови, она што еврокомесарката Кос го вели не држи вода. Нема надворешни сили, туку внатрешни европски сили што го минираат процесот на проширување. Ако сакаат процесот вистински да успее, тогаш можат да донесат политичка одлука и во пакет да ги примат сите земји од Западен Балкан во 2030 година и конечно оваа тажна приказна за Македонија и другите кандидати да заврши – заклучуваат аналитичарите коментирајќи ја изјавата на Кос.
Бугарската потпретседателка Јотова ги обвини европските лидери дека тие „создаваат погрешен впечаток за билатерален спор меѓу Софија и Скопје“
Билатерализацијата на проширувањето станува европски кошмар
Блокадата на македонските евроинтеграции е исклучиво поради билатерален спор и тоа сѐ повеќе го увидуваат и европските челници, на кои им станува јасно дека идентитетските прашања не смеат да бидат дел од пристапните преговори, особено ако се земат предвид изјавите на бугарските челници дека уставните измени се само првиот чекор.
Сѐ погласните забелешки од страна на голем број европски челници дека Бугарија го злоупотребува процесот на проширување се резултат на офанзивата на македонската надворешна политика, која на сите настапи демонстрира искрена желба за надминување на спорот така што земјава бара предвидливост на преговарачкиот процес, а не маратон во кој зад секој ќош ќе ја чека нова блокада.
И додека официјална Софија се обидуваше условувањата да ги претстави како спор што земјата треба да го решава со Брисел, очигледно некои европски земји не го делат истиот впечаток.
– Неодамна почувствував искривување на темата „проширување на ЕУ“, а особено со Република С. Македонија. Постои тенденција ова проширување и овој процес да се стават во билатерална рамка. И уште повеќе – некои од нашите европски партнери, вклучувајќи ја и европската комесарка Кос, зборуваат како Бугарија да го запрела овој процес затоа што има некаков билатерален проблем, затоа што двете земји не се разбираат, затоа што не можат да се договорат за нешто – коментираше потпретседателката Илијана Јотова во емисијата „Брисел 1“ на „Бугарија он ер“.
Таа речиси половина од интервјуто го посвети на односите меѓу Скопје и Софија, обвинувајќи ги европските лидери за создавање погрешен наратив дека спорот е само билатерален проблем меѓу Македонија и Бугарија.
– Геополитичкиот притисок е огромен за забрзано примање нови земји членки. Стравувам дека тоа е ризик што еден ден ќе го платиме скапо. Без вистински реформи, новите членки ќе внесат уште повеќе проблеми во ЕУ, која и сега има сериозни предизвици – изјави Јотова.
Клучното прашање е за какво искривување зборува бугарската потпретседателка, кога проблем со почетокот на македонските преговори од 27 земји членки на ЕУ има само Бугарија.
– Бугарската страна целиот овој изминат период се обидува не само да ја префрли топката на наша страна туку да ѝ забележи на ЕУ. Јотова говореше дека од Брисел почнуваат да добиваат сигнали дека Бугарија има билатерален спор. Бугарската страна бега како ѓавол од крст од констатацијата дека има билатерален проблем – изјави Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи, во гостувањето во „Само вистина“.
Според него, суштината на спорот, со целата преговарачка рамка, протоколите и сите други елементи во неа, историската комисија и резултатите што се очекуваат од неа, всушност ја покажува таа билатерална димензија на проблемот.
– Веќе има свест кај нашите европски пријатели, и кај земјите членки и во Европската комисија, дека натамошното наше чекорење кон ЕУ зависи од комплетното остварување на елементите во преговарачката рамка каде што бугарската страна има право на вето. Во ЕУ се јавува сега проблем како Украина утре ќе стане членка ако имаат други земји членки имаат иста таква рамка. Европа има ургентна ситуација во моментот да го решава проблемот со билатерализација. Украина е мотивот, не е Македонија – констатира Димитровски.