Стартува Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот

  • Формирањето и конституирањето на Советот се дел од Националната стратегија за јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2025–2028, како и од Акцискиот план 2025–2026. Целта е јакнење на институционалната координација и обезбедување силна и континуирана политичка поддршка за спроведување на стратегиските мерки

Со директни приходи од над 45 милиони денари во државниот буџет и конкретни примери на општествена употреба на конфискуван имот, 2025 година веќе дава мерливи резултати во борбата против финансискиот криминал. Ова го покажува првиот годишен извештај за 2025 година во областа на управувањето со запленет и конфискуван имот, кој беше презентиран на првата конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.
Со одржувањето на оваа седница, официјално започна со работа највисокото координациско тело задолжено за следење, унапредување и за координација на институциите што спроведуваат финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот.

Политичка поддршка од највисоко ниво

Со Националниот совет претседаваше заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, кој е и иницијатор и координатор на процесот. На седницата присуствуваа претседателот на Владата, министерот за внатрешни работи, членови на Советот, како и претставници на меѓународната заедница и на граѓанскиот сектор.
Формирањето и конституирањето на Советот се дел од Националната стратегија за јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2025–2028, како и од Акцискиот план 2025–2026. Целта е јакнење на институционалната координација и обезбедување силна и континуирана политичка поддршка за спроведување на стратегиските мерки.

Пари во буџетот и имот во функција на граѓаните

Првиот годишен извештај за 2025 година евидентира конкретни и мерливи резултати, особено во делот на управувањето со запленетиот и конфискуван имот. Само во текот на годината, во државниот буџет се слеале над 45 милиони денари директни приходи, а дел од одземениот имот е ставен во општествена употреба, со директна корист за граѓаните.
Овие резултати, според Владата, претставуваат јасен сигнал дека конфискацијата на криминално стекнат имот станува реална и ефикасна алатка во борбата против корупцијата.

Мицкоски: „Нема недопирливи“

Премиерот Христијан Мицкоски на седницата упати недвосмислена порака дека повеќе нема да постои селективна правда.
– Нема селективна правда, нема заштитени и нема недопирливи. Украденото мора да се врати кај народот – истакна Мицкоски, нагласувајќи дека борбата против корупцијата не завршува со поднесување обвинение, туку со целосна конфискација на незаконски стекнатиот имот.
Според него, во моментов се водат повеќе од 50 предмети за висока корупција, случаи што со години биле премолчувани или свесно игнорирани. Тој најави и отворање нови предмети, кои ќе бидат предмет на темелни и сеопфатни истраги, со цел враќање на довербата на граѓаните во институциите.
Премиерот посебно потенцираше дека долгорочен успех во борбата против корупцијата е возможен само со јакнење на судството и обвинителството – институционално, кадровски и функционално.
– Само силно и независно судство може да обезбеди правдата да биде ефикасна и правична – порача Мицкоски. Е.Р.


Нова национална стратегија

Три стратешки приоритети за периодот 2025–2028 година

Новата Национална стратегија за 2025–2028 ја дефинира конфискацијата како сложен процес што вклучува повеќе институции и неколку меѓусебно поврзани фази. Во тој контекст, утврдени се три клучни приоритетни области:
– пронаоѓање и следење незаконски стекнат имот;
– привремено обезбедување и конфискација;
– управување и реупотреба на конфискуваниот имот.
Целта е одземениот криминален имот да добие нова социјална и општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните наместо да остане нефункционален или запоставен. Е.Р.