Министерката за образование и наука Весна Јаневска завчера изјави дека пред јавноста е претставена нацрт-верзија на концептот за реформи во гимназиското образование и дека истата таа е предмет на јавна расправа, при што нагласи дека откако ќе заврши јавната расправа, ќе биде донесен дефинитивен заклучок. За споменатата нацрт-верзија свое мислење дадоа повеќе припадници на образовната фела. Некои од нив предупредуваат дека предложените промени ќе имаат сериозни негативни импликации врз учениците, професорите, образовниот процес и државата во целост… Бурата на идеи всушност е резултат на будење на до скоро заспаната експертска и општа јавност, која во голема мера може да придонесе за квалитетен исчекор кон реформи за прогрес и динамички напредок
Повод: Јавна расправа за концептот за реформи во гимназиското образование
Нацрт-концепцијата за гимназиско образование што ја објавија Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со повик за јавна расправа, предизвика „бура од идеи, реакции и предлози“ од професори на општествено-хуманистичките науки. Тие се загрижени за опстанокот на предметите што ги предаваат. Гимназиски професори по филозофија, логика и етика, во врска со новата нацрт-концепција за гимназиско образование, истакнуваат дека „категорично ја отфрлаат понудената концепција“. Тие предупредуваат дека предложените промени би имале сериозни несакани импликации врз учениците, професорите, образовниот процес и врз државата во целост.
Забелешки и сугестии на експертската јавност за големото значење на учењето општествено-хуманистички науки во Македонија
Свои забелешки изнесоа здружението на класични филолози на Македонија „Антика“ и од Здружението на социолози. Свој став на социјалната мрежа Фејсбук изнесе и Институтот за родови студии. Сите тие ја нагласуваат важноста за учење на општествено–хуманистичките науки во Македонија. Од друга страна, министерката за образование и наука Весна Јаневска, која одржува редовни средби за новиот предлог, завчера рече дека тоа е нацрт-верзија ставена на јавна расправа и откако ќе заврши јавната расправа, ќе биде донесен дефинитивен заклучок.
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието неодамна ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското образование. Според МОН, таа е изработена за да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
Прва јавна реакција за понудената концепција стигна од професорите по филозофија, логика и етика.
– Радикално и категорично ja отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование. Мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети што како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената што е повикана да ги оствари поставените образовни цели е токму филозофијата преку корпусот филозофски предмети – филозофија, логика и етика – се наведува во нивното отворено писмо.
Зошто е есенцијално за учениците изучувањето на филозофијата, логиката,
етиката…
– Највисокиот облик на мислење е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на филозофијата. Само во филозофијата се трага по тоталитетот на вистината, се остварува разговорот на душата самата со себе и се облагородува истата таа за дијалог и средба со другиот. Критичкото мислење почива на логички основи – се додава во него.
Професорите прашуваат: „Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката? Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката? Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста“.
– Ниту математиката и природните науки, ниту општествено–хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа. А дали можеме да бидеме среќни, ако не знаеме што е среќата? Етиката го истражува односот кон самиот себе, кон другиот, кон заедницата на која припаѓаме, кон сопствениот народ и целото човештво. Биоетиката и еколошката етика се етички дисциплини. Историјата ги учи учениците што се случувало во минатото на нивниот народ, но етиката прави да го возљубат својот народ, а преку него и целото човештво. Градењето национален, етнички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство се остваруваат единствено преку филозофијата. Историјата ги учи учениците какви уредувања постоеле низ историјата, ама филозофијата ги учи какви треба да бидат уредувањата. Но креаторите на концепцијата очигледно ништо од ова не сфаќаат – се наведува во реакцијата од професорите.
Анализите покажуваат дека во сите европски земји се инсистира на филозофско образование. Со отстранувањето на филозофијата во македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија што самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови. Да не дозволиме да создадеме генерации што, хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако се будни, ќе изгледа како да спијат, алармираат групата професори.
Латинскиот јазик да добие статус на задолжителен предмет во прва и втора година
Исто така, здружението на класични филолози на Македонија „Антика“, по темелно разгледување на предложените реформи, предлага предметот Латински јазик да добие статус на задолжителен предмет во прва и втора година со почетно изучување во гимназиското образование со два часа неделен фонд, 72 часа на годишно ниво. Предлага и воведување на предметот Класична култура и класични јазици во трета и четврта година гимназиско образование, со два часа неделен фонд, 72/66 часа на годишно ниво.
– Изучувањето на латинскиот јазик има долговековна традиција во Европа. Македонија е неизоставен дел од таа традиција, не само поради географската положба и античкото наследство туку и поради тоа што е дел од Европа и сите научни дисциплини што се изучуваат во Република Македонија се базираат на западноевропските дисциплини, чија стручна терминологија де факто и де јуре е на латински јазик – се вели во забелешките на „Антика“.
Во нив, меѓу другото, додаваат дека во нацрт-концепцијата статусот на предметот Латински јазик преминува исклучиво во изборен, предлог што „Антика“ го смета за избрзан, поради тоа што при неговото изготвување не се направени консултации со професорите и наставниците по Латински јазик, односно луѓето што единствено имаат реален увид во наставниот процес и во ефективноста на наставните содржини.
– „Антика“ се надева дека ќе се ревидира предлогот за статусот на предметот Латински јазик во гимназиите поради неговата интердисциплинарна примена во медицината, ветерината, фармацијата, биологијата, правото, историјата, филозофијата и во многу други природни и општествени науки. Со оглед на тоа што латинскиот јазик е основа на странските јазици (англискиот, германскиот, францускиот, италијанскиот), кои се изучуваат во гимназиите во Република Македонија, сметаме дека не смееме да им ја ускратиме можноста на сите ученици за полесно и поефективно изучување на овие јазици – се вели во забелешките на „Антика“.
„Антика“: Односот помеѓу природните, општествените и хуманистичките предмети е повеќе од нерамноправен
– Сите природни науки остануваат задолжителни во прва и втора година и изборни на продлабочено ниво во трета и четврта година со четиричасовен неделен фонд, додека од општествените предмети сите изборни се со два часа неделен фонд. Покрај тоа, избришана е Социологијата како задолжителен предмет, а воведено е Граѓанско образование (се менува наука за дисциплина). Граѓанско образование е предмет што учениците веќе го изучуваат како редовен во седмо, осмо и деветто одделение и сметаме дека во прва година гимназиско образование учениците треба да ја изучуваат социологијата како најопшта општествена наука, како повисоко ниво, како наука што им ги отвора вратите на општествената стварност. Во четврта година да се врати филозофијата како задолжителен предмет со барем два часа неделен фонд – се вели во реакцијата.
На изборот на предмети што ќе ги изучува ученикот, велат, гледаат како на современ концепт и позитивна промена, но прашање е како ученикот ќе избере предмет со кој нема никаков контакт, информација ниту предзнаење.
– И во овој поглед природните науки се во голема предност бидејќи предметите што се задолжителни веќе имаат можност да им бидат познати и кон нив можеби развиле интерес. Може да дојде и до намалување на критериумите кај наставниците поради поголем избор на нивните предмети на повисокото ниво, што сериозно би го намалило квалитетот на образованието. Се залагаме за поголема вклученост на наставниците социолози во стручните служби, покрај педагогот, психологот и дефектологот. Исто така цврсто стоиме на ставот и се залагаме за враќање на нормативот по предметот Граѓанско образование (во основното, стручното и според нацрт-концепцијата во гимназиското образование) на наставниците по социологија, како најкомпетентни за предавање на овој предмет. Социолозите го вовеле и конституирале како предмет, но сега се во ситуација да не го предаваат (го преземат наставници историчари и филозофи) – се вели во забелешките.
Хуманистиката во концепцијата за развој на гимназиското образование
Од Институтот за родови студии велат дека оваа концепција не ги тангира само некои институти или предмети туку статусот на хуманистиката во концепцијата за развој на гимназиското образование.
– Главното прашање кон оваа концепција е следново: дали со изоставање и деградирање на предметите и предметните содржини од областа на хуманистиката ќе се постигнат поставените цели на предлог-нацртот на концепцијата за гимназиското образование. Посебно, постигнувањето на начелата на концепцијата и клучните компетенции за гимназиското образование. Вклучувајќи го и развојот на СТЕМ-дисциплините (наука, технологија, инженерство и математика) – се вели во реакцијата.
Хуманистиката, како поле на дисциплини што се занимаваат со изучување на човечкото општество и култура, вредностите, етиката, културата, историјата и општествените структури, велат од институтот, има централна улога во креирањето на образованието и образовниот систем што ги подготвува учениците не само за академски и професионален успех туку и за одговорно граѓанство и личен развој.
– Во ерата на брзи технолошки промени и глобализација, гимназиското образование во 21 век во Македонија се соочува со предизвикот на адаптација кон новите општествени, културни и економски потреби. Во овој контекст, хуманистиката игра клучна улога како интердисциплинарно истражувачко поле што ги поврзува културните, етичките и когнитивните аспекти на образованието со современите предизвици. Сепак, се поставува прашањето дали со деградирање на предметите од хуманистичките дисциплини и со отсуство на интеграција на нивните принципи, како и без зачувување на нивното дисциплинарно, епистемичко и процедурално знаење, може да се обезбедат вистински напредок и развој на гимназиското образование. Во оваа насока, улогата на институциите како што е Филозофскиот факултет – Скопје е од клучно значење, бидејќи токму тој претставува центар за развој, истражување и промоција на хуманистичките науки во Македонија. Преку неговата активна соработка со образовниот систем би можеле да се обезбедат стратегиски насоки за зачувување и интеграција на хуманистичките вредности и знаења во гимназиското образование, што е неопходно за создавање сеопфатен и одржлив образовен модел – додаваат меѓу другото.
Министерката Јаневска: Токму целта е да се поттикнат сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа, ќе донесеме дефинитивен заклучок
Министерката за образование и наука Весна Јаневска завчера во изјава за медиумите рече дека не е точно оти предметите Филозофија и Логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование.
– Не е точно, ниту Филозофија, ниту Логика се исклучени. Но, како и да е, ова е нацрт-верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа, ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофскиот факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците – изјави Јаневска.
Забелешките за нацрт-концепцијата може да се достават до 31 јануари годинава, на [email protected]. Н.М.