Доколку партиите изминатите години се држеа до еден модел на ефикасно политичко функционирање во името на своите сограѓани, за важните одлуки заеднички да се одлучува и да се носат стратегии на подолг рок, тогаш на Македонија немаше да ѝ се случи ваквата промена на името и секако немаше да биде одобрена преговарачка рамка со ЕУ што е наметната од страна на Бугарија откако земјава го прифати францускиот предлог, без да се обезбеди широк
Обединување околу важните прашања: Пратениците ја изгласаа Националната
развојна стратегија 2024-2044
Не попусто нашиот народ ја има поговорката „сложни браќа куќа градат“. Не е ништо поинаку и во политичкиот или, пак, општествениот систем. Носењето клучни одлуки за државата секогаш бара транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени сите чинители, почнувајќи од политичките партии, експертите, академиците, бизнис-фелата, невладиниот сектор, секако граѓаните низ различни форми, а и се разбира медиумите, за да може на тој начин да се обезбеди одржливо решение што ќе биде во интерес на нацијата и на државата.
Еден таков позитивен пример за тоа како треба да се обединат силите кога станува збор за важни чекори е неодамнешното изгласување во македонското Собрание на Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024-2044 година.
Одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување се шесте клучни области на Националната развојна стратегија во следните две децении. Стратегијата е донесена со политички консензус и низ инклузивен процес, во кој биле вклучени МАНУ, Владата, Собранието, академската заедница, експерти, граѓанскиот и бизнис-секторот, како и политичките партии.
Нат(тесно)партиски пристап за клучните прашања од национална важност
Несомнено, стратегијата изгласана во Собранието е од голема важност бидејќи обезбедува континуитет во развојните политики на државата на подолг рок, обврска што останува на актуелната и на секоја идна влада во следните 20 години. Тоа значи предвидливост во политиките што ќе ги води земјата на патот кон Европската Унија и по зачленувањето, што е исклучително важно во создавањето стабилна бизнис-клима како основен предуслов за градење здрава и силна економија, а со тоа и силна држава.
Кога одлуките се носат заеднички и низ широк транспарентен процес, тогаш успехот е загарантиран, а јавното одобрување и прифаќање на таквите одлуки е повеќе од извесно.
– Основната идеја на НРС е да овозможат континуитет во стратегиското планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација. НРС е клучен стратегиски документ што ја дефинира визијата за развој на државата – порача од собраниската говорница заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, образложувајќи го текстот.
На натпартиско дејствување кога станува збор за интересите на државата повика и Фатмир Битиќи, пратеник од редовите на опозициската СДСМ.
– Одлуката за донесување на стратегијата надминува политички поделби и лични амбиции и отвора врата за просперитет и развој. Ова е повеќе од лична и политичка одлука, ова е момент што бара зрелост, одговорност и консензус. Над 14.000 граѓани од сите сфери и политички партии придонесоа за создавање на документот. Ова не е стратегија на една влада или една партија, туку од сите нас за сите нас. Овој документ успеа да ги обедини различните гласови и интереси. Ова е патот што ќе ја води земјава кон долгорочен развој – истакна Битиќи.
Ако заеднички и принципиелно се решаваа проблемите, Македонија ќе беше подобро место за живеење
Доколку партиите изминатите години се држеа до ваквиот модел на ефикасно функционирање, за важните одлуки заеднички да се одлучува и да се носат стратегии на подолг рок, тогаш на Македонија немаше да ѝ се случи ваквата промена на името и секако немаше да биде одобрена преговарачка рамка со ЕУ што е наметната од страна на Бугарија откако земјава го прифати францускиот предлог, без да се обезбеди широк политички и општествен консензус.
Повиците на поранешната опозиција, а сега власт, како и на експертите, академската фела и дел од невладиниот сектор да не се прифаќа францускиот предлог не беа слушнати од мала група политичари во поранешната власт, кои во најголем дел на своја рака ги туркаа преговорите со Бугарија и ја доведоа државата во подредена позиција кон соседите, со речиси никаков маневарски простор да се санираат направените штети врз националните интереси.
Слично беше и во преговорите за името со Грција, кога наместо преку широк консензус да се изгради државна стратегија за името, се остави проблемот на своја рака да го решаваат два-тројца политичари, што на крајот резултира со сеопфатна промена на името и загрозување на македонскиот идентитет.
Двата проблема настанаа затоа што партиите тогаш не беа подготвени да излезат надвор од партиските и дневнополитичките матрици и не дозволија носење стратегии што ќе значеа одредување долгорочен правец како ќе се води битката за името и за одбрана на идентитетот, јазикот и историјата. Тоа ќе беше обврска на секоја влада, вклучувајќи ја и онаа што се согласи на промена на името и на правењето невидени отстапки кон Бугарија, што резултира со туркање на државата во своевидна пат-позиција, во која денес е заглавена.
Сигнали дека работите може да се придвижат во позитивна насока
Неколку важни моменти испливаа на површина по завчерашното гласање во Собранието, кои покажуваат дека политичките и сите други чинители во државата стануваат свесни дека е дојдено времето сами да се потпреме врз сопствените сили и да почне да се гради држава што ќе се грижи за сопствените интереси, но истовремено ќе се подготвува за пристапување во ЕУ.
Прво, донесена е стратегија што ќе биде обврска на секоја влада во следните две децении и нејзиното изгласување е резултат на заеднички усогласувања на партиите и институциите околу работите што се од исклучителна важност на државата.
Второ, секогаш кога постои широк политички и општествен консензус, одлуките се носат многу полесно и владите добиваат прецизни насоки како да ги адаптираат политиките во одредени области според она што претходно е договорено и прифатено од сите.
Трета работа што е исклучително важна е тоа дека двете најголеми партии во македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, конечно почнаа да се обединуваат околу важните прашања за државата, да дејствуваат натпартиски и на тој начин во Собранието да демонстрираат дека заедништвото е можно. Тоа е порака и до граѓаните дека треба да престанат со меѓусебни партиски етикетирања и поделби, туку заеднички да работат во создавањето едно покохезивно општество. Дополнително, примерот со изгласувањето на Националната развојна стратегија е добар чекор во насока на поголема кохезија на македонското ткиво, кое како никогаш досега е толку длабоко поделено, во време кога македонскиот народ е под сериозен удар што го загрозува и неговиот опстанок.
Четврто, стратегијата одредува детерминанти што ќе бидат задолжение на секој политичар за да може земјата да се движи побрзо кон ЕУ, а рокот од 20 години што е одреден опфаќа и периоди и по евентуалното членство на земјата во Унијата, односно декада во која Македонија ќе ги спроведува развојните политики и како официјална земја членка на ЕУ.
Тајмингот на важност на оваа Национална развојна стратегија од 20 години е сосема разумен имајќи ги предвид актуелните случувања во Европа и во светот, па затоа круцијално е однапред да се утврдат сите насоки на дејствување, за подоцна да не се губат време и средства за развој на нови стратегии, да се утврдуваат нови цели и правци, што во добар дел го отежнува работењето на секоја влада, но, што е уште полошо, се губи континуитетот во реформите и на тој начин се забавуваат процесите. Македонија потроши веќе доволно време на кавги и разединувања и не доби ништо, па затоа дојдено е времето за некој поинаков пристап, заеднички.