Фото: ЕПА

Бугарскиот претседател поднесе оставка на функцијата

Оставката на претседателот на Бугарија, Румен Радев, е поднесена до Уставниот суд и шефот на државата го очекува неговото изјаснување, потврдија од прес-секретаријатот на претседателот за бугарските медиуми. Радев ја соопшти својата одлука завчера во обраќање во кое објави дека последен пат им се обраќа на граѓаните како претседател на земјата. Во своето емотивно обраќање, Радев побара прошка од граѓаните и упати остри критики кон политичките елити.
– Би сакал најпрвин да побарам прошка. Ги признавам сопствените грешки и свесен сум за она што не успеав да го завршам. Бугарската политика се случува надвор од институциите. Марионетите не се срамат пред камерите да доставуваат директиви на Народното собрание и да зграбуваат партии, банки и медиуми. Овој модел има надворешни обележја на демократија, но всушност функционира по механизмите на олигархијата. Дискредитирани политичари, жигосани како корумпирани на меѓународно ниво, тргуваат со националниот интерес – истакна Радев.
„Евроњуз“ известува за најавите дека Радев ќе почне нов политички проект само два месеца пред следните предвремени парламентарни избори во земјата, која е зафатена од политичка криза. Се смета дека појавата на нова политичка партија предводена од сега веќе поранешниот претседател Радев би можела значително да ги преобликува не само внатрешните работи на Бугарија туку и нејзината надворешна политика.
По поднесената оставка, овластувањата на претседателот престануваат со утврдување на околностите од страна на судот. Според основниот закон, кога шефот на државата поднесува оставка, потпретседателот стапува на функцијата претседател до крајот на мандатот. Актуелна потпретседателка на Бугарија е Илијана Јотова.
Румен Радев е петтиот демократски избран претседател на Република Бугарија. Тој беше избран за својот прв мандат во ноември 2016 година, а во ноември 2021 година беше реизбран за втор мандат. Во периодот 2014-2016 година, Радев беше командант на Военото воздухопловство на Бугарија. Р.С.