Во следните неколку месеци Брисел ќе го намали присуството на своите ЕУ-претставници во Унгарија. Наедно Брисел е решен да испраќа функционери од понизок ранг во Будимпешта, наместо од рангот на министри од владите на земјите членки на ЕУ, на неформалните состаноци во рамките на унгарското претседателство со ЕУ, сѐ поради несогласувањата на Брисел со Будимпешта
Растат несогласувањата помеѓу Брисел и Будимпешта
Tензиите на Европската Унија со Унгарија се очекува да достигнат точка на вриење, откако ЕУ одлучи да го дислоцира состанокот на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ од Будимпешта во Брисел.
Според бриселскиот портал „Еурактив“, ваквата одлука на ЕУ е последица на одредени дипломатски мисии на Унгарија, а меѓу другото и на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ги посети Русија, Кина, САД (се сретна со Трамп), со кои разговараше „да влијаат на европските (ЕУ) политики“ за што побрзо завршување на воениот судир.
Сепак, според „Еурактив“, овој потег ги иритираше ЕУ и нејзините земји членки, што кулминира со одлуката за преместување на министерскиот состанок што беше предвиден да се одржи вчера.
Потегот на ЕУ не ја изненади Будимпешта
Според таквиот став на Брисел, се очекува во следните неколку месеци и други неформални состаноци во рамките на унгарското претседателство со ЕУ да имаат сличен третман од Брисел, при што ќе бидат со намалено присуство на учесници или, пак, ќе бидат испраќани функционери од понизок ранг наместо министри.
– Унгарското претседавање со ЕУ се претвори во „трол-дипломатија“. А ние дефинитивно гледаме дека однесувањето на ЕУ кон Унгарија се менува – вели Петер Креко, директор на унгарскиот институт „Политички капитал“ и дипломатски советник на Орбан, додавајќи дека унгарскиот премиер Орбан „само сака да предизвика поголем гнев кај лидерите на ЕУ“.
Дипломатски советник на Орбан, пак, во меѓувреме, ги отфрли бојкотите од страна на ЕУ како „детски и апсурдни“ и рече дека Будимпешта ќе се држи до својата позиција во одговор за „Еурактив“.
– За жал, силната реакција на нашата мировна мисија воопшто не нѐ изненади. Замолчувањето на различните мислења е целосно спротивно на европскиот дух и неговите вредности, за кои многумина во Брисел толку жестоко се залагаат – истакна Балаш Орбан, кој не е во роднински врски со унгарскиот премиер.
Прашањата за нафтата и за визите ги продлабочуваат несогласувањата
Во меѓувреме, Будимпешта имаше две причини да биде уште поиритирана од Брисел во текот на летото. Минатиот месец, Европската комисија го одби барањето на Унгарија и Словачка за почнување консултативна постапка со Украина во врска со нафтените санкции наметнати од Киев на рускиот производител „Лукоил“, со образложение оти „се чини дека итните консултации не се оправдани“.
Прашањето за олеснување на издавањето работни визи од Унгарија за руските и белоруските граѓани, за кои повеќето земји членки на ЕУ велат дека би можеле да ја загрозат внатрешната безбедност на блокот, најверојатно ќе остане уште еден иритирачки фактор меѓу Брисел и Будимпешта.
Додека Унгарија ја отфрли загриженоста за потенцијалните безбедносни ризици за шенген-зоната, повеќе земји членки на ЕУ веројатно нема да го остават проблемот да мирува, изјавија неколку европски дипломати. Сепак, унгарските власти сè повеќе го идентификуваа ова прашање како бојно поле што тие се подготвени да го прошират, наведува „Еурактив“.
Претстојат есенски битки со ризик за ќор-сокак во конфликтот
Овие прашања се очекува да ја нарушат атмосферата во наредните месеци и веројатно да влијаат врз носењето одлуки во ЕУ. Осмата транша од украинската воена помош во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) е блокирана од Унгарија веќе речиси 18 месеци поради повеќе различни причини. Дипломатите на ЕУ не се сигурни дека предлогот наскоро ќе биде деблокиран, барем не до крајот на годинава. Останува малку веројатно дека ќе биде можна петнаесеттата рунда санкции за Русија и Белорусија, велат дипломатите на ЕУ.
Иако Европската комисија, која вообичаено иницира нови нацрт-предлози, можеби не е подготвена да ризикува внатрешен конфликт со Унгарија, потенцијалната ескалација на руските напади врз Украина кон зимата можат да принудат да го смени ставот и да ризикува политички ќор-сокак. Во исто време, Западот се соочува со одложувања во финализирањето на техничките детали за договорот што ќе отклучи помош од 50 милијарди долари за Украина преку искористување на неочекуваните профити од замрзнатите средства на руската Централна банка.
Разговорите бавно напредуваат поради загриженоста на САД за тоа колку трајно може да биде замрзнувањето на средствата, имајќи предвид дека ЕУ треба да ги обновува санкциите кон Русија на секои шест месеци, со едногласност на сите земји членки и Унгарија, која би можела теоретски да стави вето. Вашингтон побара повеќе долготрајни гаранции, кои ќе предвидат префрлање на механизмот за санкции на блокот на дванаесетмесечен или подолг циклус, велат познавачите на ова прашање.
А потоа, тука е неформалниот самит на ЕУ во ноември, што традиционално се одржува во земјата на ротирачкото претседателство со ЕУ. Тој треба да се одржи заедно со следниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЦ) на околу 50 европски лидери. Останува нејасно какви ефекти ќе донесе присуството на тие собири откако неколку земји членки на ЕУ ветија дека ќе ги бојкотираат состаноците во Унгарија по ненадејните патувања на Орбан во Москва и Пекинг на почетокот на јули. Р.С.
Опаѓа заемната доверба помеѓу ЕУ и Унгарија
Во ЕУ сѐ повеќе укажуваат на опаѓањето на довербата во Унгарија поради конфликтите со Будимпешта.
– Без разлика за кое прашање разговараме или се соочуваме во последно време, првенствено кога е поврзано со Украина или со нашата европска безбедност, секогаш во мисли го имаме прашањето – каква пречка ќе ни фрли Унгарија пред нашите нозе – изјави европски дипломат за „Еурактив“.
Eвропски аналитичари велат дека недостиг од директен, силен и решителен одговор од европските лидери ги поттикнува уште повеќе идните потези на Будимпешта. Но дефицитот на функционални политики на Брисел уште повеќе ја истакнува внатрешната разединетост во Унијата, а ги мотивира државите членки на ЕУ да бараат сопствени решенија, во функција на своите граѓани.
– Слабоста и на Германија и на Франција политички е една од причините зошто има толку многу простор што Орбан може да го пополни со своите политики, различни од ЕУ – рече Марија Голубева, аналитичарка во Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА).