Илустрација: „Нова Македонија“

Несомнено претстојниот самит на НАТО е добра можност да се отвори прашањето за „бугарската блокада на македонските евроинтеграции“, токму во контекст на рамноправниот однос што го имаат двете држави во рамките на Алијансата

Проактивност во наоѓањето решенија за деблокада на евроинтегративните процеси

Она на што Македонија инсистира во делот на надминување на блокадата на евроинтегративниот процес се Копенхашките критериуми што важат за сите други земји кандидати, без наметнување билатерални прашања.
Македонскиот државен врв со ваква стратегија настапува веќе подолг период на дипломатско поле, а нова можност да се изнесат македонските аргументи е претстојниот самит на НАТО во Хаг, каде што Македонија како земја членка овој пат седи на иста маса со Бугарија и има право да очекува рамноправно, со очекувано уважување, аргументирано да образложи зошто постојат резерви околу уставните измени.
Премиерот Мицкоски соопшти дека иницираат билатерална средба меѓу Македонија и Бугарија, конкретно меѓу претседателите Гордана Силјановска-Давкова и Румен Радев, каде што двете страни за време на хашкиот самит на НАТО ќе разменат аргументи, а на која ќе присуствуваат и претставници на ЕУ, НАТО и на САД, кои од прва рака ќе можат да слушнат кои се македонските забелешки, но и на што се темели бугарското инсистирање за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, без притоа да се даде каква било гаранција дека тоа е последното нивно барање.
– Сакаме за време на хашкиот самит на НАТО да има билатерална средба на претставниците на Македонија и на Бугарија. Таму ќе биде претседателката Силјановска-Давкова и тоа е одлична можност за билатерална средба, на која би присуствувале претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на ЕС, Антонио Кошта, високата претставничка Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и дел од членките на НАТО, како најголемите, САД. За да можеме да ги кажеме на таа билатерална средба аргументите – рече премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција во петокот со високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Каја Калас во Скопје.
Според македонскиот премиер, ова ќе биде добра можност да се изнесат македонските позиции од место каде што сме рамноправен партнер со Бугарија, за разлика од ЕУ, каде што ние не сме членки, а источниот сосед ја ужива поддршката од официјален Брисел.

На НАТО масата Македонија и Бугарија се рамноправни парнери / Фото: ЕПА

– Кога ќе бидеме заедно на маса сите, добро е да разговараме, колку и да трае тоа. Ние прифаќаме и ја потврдивме определбата да опстоиме на тоа. Разговаравме и со претседателката Силјановска-Давкова и ќе се подготвиме најдобро што знаеме. Добро е да има таква средба на која ќе може да се слушнат двете страни на маргините на самитот на НАТО – порача Мицкоски.
Несомнено претстојниот самит на НАТО е добра можност да се отвори прашањето за бугарската блокада на македонските евроинтеграции токму поради рамноправниот однос што го имаат двете држави во рамките на Алијансата.
– Самитот на НАТО во Хаг е добра можност пред челниците на ЕУ, на НАТО, на САД да се изнесе ова прашање. Грција на НАТО-самитот во Вашингтон го изнесе прашањето за употребата на името Република Македонија, без географската одредница од страна на новите македонски власти, по што беше јасно порачано дека внатрешната употреба на името не треба да влијае врз партнерскиот однос меѓу земјите во НАТО и работата брзо се заврши. Истото тоа треба да се направи и со бугарската блокада. Тие да го тргнат ветото, кое со ништо не држи вода, згора на тоа е закана за регионалната безбедност, а потоа другите отворени прашања да се решаваат врз основа на дијалог на маса каде што сме рамноправни партнери – коментираат некои од аналитичарите.


Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков со наративи што ја ретушираат историографијата и поттикнуваат историски ревизии

ЕУ да не молчи повеќе пред бугарското искривоколчување на историјата

Фактите и историографијата никако да бидат прифатени, уважени и признаени како вистина од страна на дел од политичарите во Бугарија, за кои популизмот, национализмите и хегемонијата се незаобиколни во (пот)контекстот на речиси сите нивни јавни изјави. И во оваа пригода, за празникот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, на 24 Мај, некои од бугарските политичари се на истиот став, дека „македонската историја е бугарска, а сите личности што на кој било начин оставиле некаква подлабока трага и во регионов, конкретно како сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, исто така, дека биле – Бугари“…

Клучната пречка што ја постави Бугарија пред Македонија на патот кон отворање на преговарачките поглавја се протоколите во рамките на преговарачката рамка, во кои јасно се наведува дека напредокот на земјата зависи од успехот на работата на историската комисија.
А токму историската комисија е главниот камен на сопнување, кој не може да испорача резултати бидејќи се темели врз бугарското инсистирање на прифаќање на нивниот историски наратив, односно земјава да прифати историја онака како што ја пишува Бугарија.
Еклатантен пример дека бугарската страна е подготвена да оди докрај со ваквото нивно барање се изјавите што стигнуваат од бугарските политичари, било да се од власта или, пак, од опозицијата. Сите се на ист став, дека македонската историја е бугарска, а сите личности што на кој било начин оставиле некаква поширока трага, конкретно како сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, и тие се Бугари. За личностите важни за македонската историја и кауза, воопшто и не станува збор.
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков во својата честитка по повод 24 Мај истакна дека Бугарија е заслужна за просветлувањето на словенските народи, нарекувајќи ја „ослободител од незнаењето“. Според него, кирилицата ја претвора Бугарија во темел на словенската писменост, а бугарскиот јазик – во основа на сите словенски јазици. Тој додаде дека додека други земји, вклучувајќи ја и Русија, немаат јасна историја на писменост пред глаголицата и кирилицата, токму Бугарија им ја дала основата за културен развој.
Несомнено ваквите изјави на Петков, кои се во корелација со бугарските историчари, се доволен доказ за бугарските интенции за присвојување и искривоколчување на историјата, не само на македонската туку и другите европски држави. Токму на ваквите бугарски ставови своевремено реагираа Чешка и Словачка, за кои е неприфатливо ваквото побугарување личности како што се Кирил и Методиј, кои дејствувале во време кога Бугарија не постоела како држава, а националната свест воопшто ја немало.
Од друга страна, Македонија, во која се наоѓаат и постојни споменици за делото на сесловенските просветители, во ниту еден момент не ги присвои светите Кирил и Методиј ословувајќи ги како македонски, туку, напротив, ја покажа вистинската европска вредност секој да си гради сопствени историски наративи.
Клучното прашање е дали ЕУ го гледа вистинското бугарско лице токму со ваквите испади, но, уште поважно, дали ова не е доволен доказ кои се вистинските намери на бугарските власти во врска со негирањето на македонската историја, дека зад сето тоа стои намерата за бришење на македонскиот идентитет од овие простори. Брисел можеби треба тука да ги побара вистинските причини за бугарската блокада на земјава. С.Т.