Можниот прекин на каналите за дистрибуција на производите, поради кризата околу Украина и воените маневри таму, принуди некои држави да ги зголемат стоковните резерви и да создаваат резерви на одредени прехранбени продукти. Треба ли и Македонија да го следи овој пример и какви се состојбите кај нас? Експертите и властите имаат интересни размислувања
Цените на нафтата на светските берзи пораснаа минатата недела, осми пат по ред, како резултат на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина. Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, малопродажните цени на нафтените деривати и во Македонија деновиве се зголемија. Токму тензиите околу Украина предизвикуваат стравувања и за прекин на каналите на снабдување што принуди одредени држави да ги зголемуваат своите стоковни резерви и да создаваат резерви на одредени прехранбени продукти.
Така, на пример, можниот прекин на каналите за дистрибуција на производите, поради кризата околу Украина и воените маневри таму, ги принуди властите во Србија да нарачаат огромни количества храна. Властите во Србија нарачале 30 милиони килограми сол, милион килограми грашок и грав, како и 30 милиони килограми брашно и млеко во прав, соопшти претседателот на државата, Александар Вучиќ, во едно ТВ-гостување
Тој додаде дека испораките на гориво, кое државата го набавува за резервите, сѐ уште се необезбедени. Слични набавки и зголемувања на своите стоковни резерви прават и други земји во опкружувањето, но и пошироко.
За разлика од однесувањето на нашите соседи, од македонските институции нема најави за зголемување на стоковните резерви со храна.
Поранешен министер за финансии и финансиски експерт, Џевдет Хајредини, смета дека државата треба да ги следи случувањата во светот и во Европа, кои можат да влијаат на безбедноста и на економските текови и снабдувањето со производи што се потребни за задоволување на основните животни потреби на граѓаните.
– Стоковните резерви на различните прехранбени производи треба да бидат на задоволително ниво и во случај кога нема драстични нарушувања на пазарите. Во новонастанатите пригоди надлежните институции треба да имаат отворени очи и да направат процени за потребите во наредните месеци. Но треба да се биде претпазлив и да не се трупаат непотребни количества производи. Во моментот, освен во Србија, не прочитав дека во другите соседни земји се преземаат активности за дополнително пополнување на резервите. Друг е проблемот со порастот на цената на нафтата на светските берзи. Во овој случај државата треба да ги пополни сите расположиви капацитети, кои се во ограничен обем. Реално и нема каде да се чуваат поголеми количества нафтени деривати, затоа што е потребна инфраструктура. Но и во овој случај треба да се водиме од финансиската можност на државата. Поради енергетската и здравствената криза, буџетот е под постојан притисок поради покривање на секојдневните потреби за функционирање на државните институции. Затоа, не би требало да се подведуваме од општата атмосфера околу руско-украинската криза, па да се доведеме во состојба да имаме преголеми резерви на гориво, а во исто време да не можат да се плаќаат сметките за потрошената струја на јавните институции – ни изјави Џевдет Хајредини.
Поранешниот дописник од Москва, новинарот Мирче Адамчевски, вели дека последните настани поврзани со односите меѓу Русија и Украина се последица на специјалната војна што се води меѓу големите суперсили.
– Тоа што некои земји ги зголемуваат стоковните резерви, најверојатно, е направено од превентивни причини. Ниедна од двете страни, од Русија и од Украина, не сака војна. Ова повеќе се однесува на несогласувањата меѓу Москва и Вашингтон на глобален план, кои преку случајот со Украина се обидуваат да ги измерат силите при новото прекројување на влијанијата. На една страна се САД и Велика Британија, а на другата се Русија, Кина и Индија. Во скоро време не може да дојде до војна. Единствени што се подготвуваат за тоа се Украинците, но и ним не им е до војување. Очекувам да дојде до решение по дипломатски пат и затоа не треба да се прави дополнителна тензија, преку трупање резерви од храна, за која и самите граѓани не можат да ја набават во поголеми количества, кои се и така финансиски исцрпени – ни изјави Адамчевски.
Стоковните резерви располагаат со доволни количества прехранбени стоки, а дополнително и на страната на понудата на пченицата како стратегиски производ нема ограничување. Надлежните министерства во моментот вршат консултации за набавка на дополнителни количества стоки во стоковните резерви. Во буџетот за 2022 година повторно се предвидени средства за набавка на дополнителни количества стоки за дополнување на стоковните резерви, покрај средствата што се предвидени од сметката за самофинансирачки активности на Агенцијата за стоковните резерви, нѐ информираа од Владата на Македонија.