Приказни во приказната за правата на жената: феминизам, половост, родовост, сексуалност, транссексуалност, трансродовост, изопаченост
На почетокот приказната за правата на жената имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро
Отсекогаш луѓето сонувале за подобар живот. Многу неправди се направени во име на правдата. Многу ропства се воспоставени во име на слободата. Такви се приказните за еднаквост и слобода: на почетокот имаат призвук на бајка, потем се претвораат во сурова стварност. Историјата е полна соништа претворени во кошмари. Полна утопии претворени во дистопии.
Приказната за женските права на општествена еднаквост со правата на мажите е една од тие тажни приказни. Трае долго, крајот е неизвесен. Не само од Копенхаген 1910 и не само до Скопје 2023.
На почетокот таа имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро. Кон крајот на векот, таа приказна се поткрепи академски и научно, со феминистичките студии.
Но, овие студии за кратко време се трансформираа во „родови студии“, кои понудија нова приказна, маргинализирајќи го биолошкиот идентитет на жената и мажот. Родовите студии предизвикаа пресврт во феминистичката парадигма втемелена врз бинарната опозиција жена – маж и идејата за социјалната онеправданост на жената.
Родовата приказна ги разниша основните концепти на антропологијата со нејзината политички заснована теза за идентитетот како општествена и политичка конвенција, како вештачки конструкт заснован врз психо-ментални и социјални перцепции. Џендер идентитетот е произволен, арбитрарен.
Родовата парадигма ги маргинализирашe правата на жената кои, парадоксално, се користат секогаш кога треба да се оправда некој нов наратив. Не дека нема онеправдани мажи, не дека нема насилство врз мажите, напросто затоа што чувствителноста спрема „послабиот пол“ е универзален стереотип.
Овде ќе потсетам дека е несоодветен македонскиот превод на терминот џендер со родов идентитет. Имено, кога на македонски ќе прашате од кој род некој потекнува, или што е некој по род, тогаш мислите на етничката и семејната припадност, на генезата на некој човек, а не на неговите произволни идентитетски проекции. Во некои нам блиски јазици џендер студиите се викаат родни студии.
Потоа стапува на сцена приказната на трансџендер идентитетите, поврзани со соодветни политики во образованието, законодавството, културата и науката.
Трансродовото клопче се мота од 1970 година, кога е измислен терминот трансродност/transgenderism (по аналогија на транссексуалност и трансвестија), а се одмотува од 2014 година, кога е усвоена Истанбулската конвенција. Тоа ги покажува противречностите на трансродната слика на светот.
За целото тоа време, симпатичната бајка за рамноправноста на жените се трансформираше и жанровски и стилски. И овој пат аргументацијата за најновиот предлог-закон се повикува на правата на жените, но суштински законот е фокусиран врз правата на трансродовите индивидуи.
Демистифицирање на нелогичностите на трансродната приказна
Време е да се демистифицираат нелогичностите на трансродната приказна, затоа што оваа „приказна во приказна“ не е наивна. Таа создава конфузија меѓу поимите пол и род, меѓу транссексуална и трансродова ориентација. И во самиот Закон за родова еднаквост се мешаат категориите пол и род, поради што Законот во принцип не може да биде конзистентен и одржлив.
Трансродната концепција поттикнува загрижувачка флуидност на идентитетот, таа создава хиерархија на идентитетите давајќи му предност на трансродниот идентитет. Таа ги загрозува правата на жените за коишто се бореа храбрите генерации на Клара Цеткин и Роза Луксембург.
Конечно, судејќи според актуелната реторика на социјалните мрежи, таа е исклучива, конфликтна и се служи со говор на омраза. Секоја критичка промисла за трансродноста се чита, тенденциозно и манипулативно, како оспорување на слободата на сексуалната експресија.
Трансродната приказна ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува. Таа создава сомнителни урбани митови. Таа ги злоупотребува личниот идентитет и правото на приватност на децата и младите. Зошто треба да се парадира со интимата, зошто треба да се дотура сол на раната на семејствата во коишто се одвива драмата на промената на полот?
Денес децата, уште не научиле да се изразуваат како индивидуи, без изградена самосвест, веќе се предмет на едукативно моделирање на умот. Тие не се свесни за замките од промената на биолошкиот пол. Тие стануваат жртви на конфликтот меѓу транзицијата на полот и родовите идентитети. Веќе се чувствуваат последиците на трансродовата дисфорија.
Затоа, време е за сериозен дијалог, а не за примитивни иконографии.
Хуманата приказна за сексуална недискриминација почна да промовира култура на изопаченост
Благородната идеја за отстранување на дискриминацијата на луѓето поради нивниот специфичен еротизам се претвора пред наши очи во портал за влез во т.н. „изопачен“, queer/квир свет.
Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги сензибилизира луѓето за нијансите на сексуалниот идентитет, со цел да нема дискриминација.
За жал, во својата актуелна кулминација, се чини дека тој наратив на мала врата воведува нова дискриминација. Од една страна се залага за бесконечна трансродност, а од друга покажува нетрпеливост спрема хетеросексуалните идентитети.
Хуманата приказна за сексуална недискриминација почна да промовира култура на изопаченост чијшто крај не е на повидок. Нема крај, затоа што оваа трансродова култура ја промовира практиката на инвазивна хируршка и социјална транзиција од еден во друг пол.
Воведувањето над 100 варијанти на флуидни идентитети не е слобода, туку илузија за слобода. Со идејата за флуидноста се застапува идентитетскиот дисконтинуум. Така се создава индивидуална и колективна социопатска констелација. Така светот станува нешто помеѓу хумана и нехумана творба. Она што беше реткост добива масовни размери.
Ерата на постхуманизмот и трансхуманизмот е веќе реалност.
Квир-културата промовира идеологија на двојна, трансродова и транссексуална транзиција, создава опасна нестабилност и ранливост на интимниот идентитет: лични имиња, матични книги на родените, родови заменки, трет род, неутрален транссексуален или среден род, граматички род кој постои во македонскиот јазик, но не и во сите јазици во светот…
Така се создава дезориентација во светот на идентитетите, така се предизвикуваат телесни, ментални, психички, семејни и социјални трауми. Се соочуваме со гранични луѓе, гранично човештво. Светот е преполовен, болката ја чувствуваме сите.
Хуманите вредности се заменуваат со стереотипи на лица во перманентна полова и телесна транзиција. Се изопачуваат не само етичките туку и естетските вредности. Природниот се заменува со артифициелниот ред на нештата. Маргиналните појави стануваат авангардни.
Андрогиноста е редок, но реален природен феномен, но тој никогаш не бил причина за радикални образовни политики кои ќе ја етаблираат во доминантна социокултурна норма.
Не постои праведна дискриминација!
Последниве години на Западот се промовира култура на „позитивна дискриминација“ по трансродна основа. Се промовира нов извор на неправда. Оти не постои праведна дискриминација.
Последниве години, научните истражувања финансирани од меѓународните фондови на Западот се условени ултимативно: или ќе го усвоиш нивниот план за трансродово балансирање, или нема финансирање на проектот. Значи, веќе е во сила дискриминација во сферата на науката врз трансродово начело.
Исто така, приоритети на Повелбата на Европската Унија се трансродните идентитети и политиките за нивна институционална поддршка. Тие приоритети се на пат да станат доминантна европска вредност. Со нив државите – аспиранти и членки на ЕУ се насочуваат да донесат соодветни законски директиви, а со регулативите доаѓаат и санкциите.
Впрочем, и самиот предлог-закон за родова еднаквост предвидува со членот 25, Владата да основа Секретаријат за родова еднаквост и цела административна мрежа на државно и локално ниво, како и „Инспекциски надзор над спроведувањето и примената на овој закон и другите прописи во областа на родовата еднаквост, проследен со бројни парични глоби и други санкции“ (чл. 41).
На толку многу нерегулирани човекови права, на толку многу неусогласени закони по однос на илјадниците вонбрачни партнерства, за нашата држава приоритетен е законот за родова еднаквост, закон кој ги меша и поимите и вредностите.
Трансговорот го детронизира не само реалниот туку и симболичниот поредок на човечката цивилизација
Сета оваа конфузија се рефлектира врз јазикот. Јазикот е поглед на свет, а погледот на свет е јазик. Во тек е официјално етаблирање на трансродниот новоговор. Новоговорот на Орвел од 1949 е невин во однос на овој денешен трансговор и родоговор. Трансговорот го детронизира не само реалниот туку и симболичниот поредок на човечката цивилизација.
Принудните политики се усвојуваат како Ново Нормално: додека се менува речникот, се менува сликата на светот, а со неа и самиот свет. Светот повеќе не е слободен. Слободата е една голема утопија.
Сувереноста на индивидуата за којашто се залагаа генерациите на модерната и постмодерната е доведена во прашање. Загубена слобода, загубена сувереност.
Се бришат доказите за постоењето на бруталната дискриминација врз
сексуална, социјална, расна и етничка основа
Трансродовиот дискурс се етаблира како дискурс на моќ во сферата на уметноста, особено во книжевноста и филмот. Не само што се фокусира врз актуелните медиуми и уметности туку прави ревизија на наследените уметнички дела – романи и филмови, адаптирајќи ги во склад со важечкиот трансхуман полит-говор. Недозволиво е за еден автор некој да го ревидира неговиот роман, со намера истиот тој да биде политички коректен по однос на актуелната трансродова констелација.
Денес се возможни и тие невозможни мисии: се ревидираат популарни дела и бестселери, се прави римејк на ТВ-серии и филмови, со цел да бидат дискретен маркетинг на новата трансполитичка коректност. Се бришат доказите за постоењето на бруталната дискриминација врз сексуална, социјална, расна и етничка основа.
Денес визуелниот говор го потиснува природниот јазик. Социјалните мрежи го заменуваат семејството. Лагите го преземаат местото на вистината. Традиционалното семејство е невидливо во новите образовни содржини. Мнозинството е стигматизирано. Демократскиот принцип е прекршен.
Денес, повеќе од кога било, е неопходен општествен амбиент ослободен
од ултиматуми
Човештвото е веќе навлезено во нова информатичка, етичка и постхумана ера. Ако влезот во таа ера се претвори во догма и опиум за народот, тогаш е голема веројатноста општествениот развиток да се доживее како деструктивен и самоубиствен чин.
Денес, повеќе од кога било досега, е неопходен здрав разум во сферата на јавните политики.
Денес, повеќе од кога било, е неопходен релаксиран општествен амбиент, ослободен од ултиматуми, поткрепен со оптимални услови за научни истражувања на навидум различните, но комплементарни феномени на „артифициелниот свет“: Трансродната Транзиција (ТТ) и Вештачката Интелигенција (АИ).
Човештвото има многу лица. Треба ли да дозволиме да ни се наметне како опција само лицето на трансхуманизмот?