Вљубениците во природата, во планините, планинари на друштвото „Сакам планинарење – група Македонија“ нѐ замолија преку нашиот заеднички медиум „Нова Македонија“ да пренесеме порака до сите што се двоумат дали да почнат со искачување и крстосување по планини да не се двоумат, туку веднаш да започнат, бидејќи Македонија изобилува со преубава природа, со фантастични планини и врвови, а динамиката во градот и брзиот начин на живот, планината ги менува во уживање во природа, релаксирање и, секако, физичка активност. Ако се прашувате зошто на планина сѐ е смирено, а престојот се одвива со посебен ритам, релаксирачки, одговорот е краток и јасен: на природата не ѝ се брза никаде!
РЕПОРТАЖА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“
Планинарите на планинарското друштво „Сакам планинарење – група Македонија“ (I Love Hiking – group Macedonia“) од Скопје, на 9 март годинава, со искачувањето на врвот Љуботен, на Шар Планина, висок 2.748 метри, зимска тура, го одбележија јубилејот 15 години од основањето. За првпат во историјата на клубот и на планинарството на Македонија, траверса (искачување) на врвот изврши од Република Косово. Триесетте планинари маршот го започнаа во 6 часот од Скопје, а вечерта во 21 часот, по околу 20 часа одење низ планинските ридови и долини, по мраз, снег и замрзната земјена подлога, се вратија назад. Искачувањето го започнаа во близната на месноста Стража, Качаник, Република Косово, а се вратија од страната на Република Македонија.Планинарската тура беше долга 20 километри и на делници многу тешка за одење. На подножјето на планината немаше снег, тој се појави по неколку стотини метри искачување на височините. Тогаш, како што ни рекоа планинарите, беа принудени над чизмите да постават гамниши (заштитници) да не им влегува во чизмите снег и дерези (опрема со шилци) на ѓонот на чизмите, за заштита од лизгање и за сигурно движење низ непредвидливите планински места.
Топлото утро и појавата на сончевите зраци го осветлуваа регионот, а кај планинарите се јави весело расположение. Tемпото го диктираше Дејан Димовски, искусен планинар, со сите планинарски лиценци и еден од организаторите на турата. Во групата се наоѓаа уште седум водичи, оддалечени на одредена далечина во планинарска колона, која беше во постојана контрола. Сончевото и топло време им овозможи на сите учесници на планинарскиот марш да стигнат на врвот Љуботен (2.499 метри надморска височина) и да ги развиорат државното македонско знаме и знамето на планинарското друштво, а потоа и безбедно да се вратат во Македонија.
Сите членови на екипата, со мали паузи за одмор и фотографирање, на целта пристигнаа во добра кондиција. Времето беше предизвик планинарите да се движат облечени само во маици со кратки ракави, што е раритет за овој дел од годината при искачување на врвот Љуботен. Со дозвола на МВР, планинарите слегоа на македонска територија и во планинарскиот дом на Љуботен, домаќините ги пречекаа со топол чај и вкусна салата од зелка, а паузата за одмор беше подолга од другите.
Јубилејната сезона 2024/2025 планинарите ја започна со планинарската тура на највисокиот врв на Балканот, Мусала (Бугарија), 2.925 метри. Искачувањето го започна во 3.30 часот (по македонско време), а на врвот стигнаа пред изгрејсонце, за да го почувствуваат утринскиот планински амбиент.
Членот Владо Деловски, познатиот и респектиран диџеј Дела, главен и одговорен уредник на „Сити радио“–Скопје, ја оцени планинарската сезона како многу успешна, бидејќи се искачиле на многу планински врвови во Македонија и надвор од неа – на планината Бистра, врвовите Меденица (2.163 метри), Карбула и Сандакташ, на Шар Планина, Титов Врв (2.748 метри) зимска тура, една од најтешките планински тури, и Љуботен. Го искачија и највисокиот врв во Македонија, Голем Кораб (2.764 метри).
Диџеј Дела во себе носи многу емоции со тажни сеќавања и голема тажна желба што ја носи над половина век, барем малку болката да ја ублажи за трагичната смрт на татко му Марко, кој животот го загуби трагично во авионската несреќа на 11 септември 1973 година, на планината Маганик, Црна Гора. Тој тогаш имал само 53 дена, а кога потпораснал не можел да најде одговор на многу детски прашања. Срцето повозрасните било искршено од неизлечива болка пред детскиот плач и крик, но сепак нашле сила да му одговорат на често поставуваното болно прашање: Каде е татко ми Марко, зошто не се јавува, да го видам, силно да го гушнам, да си играм како сите деца на светот? Мајка му Гордана, со натажено срце и со безброј солзи на образите, му ја открила тајната. – На татко ти Марко животот трагично му згасна во авионска несреќа, со оваа болка ќе живееме со сестра ти Лидија, ти и јас, ми рече мајка ми Гордана. Така, со тага и болка го живеам животот, дипломирав на Градежно-архитектонскиот факултет, сестра ми на Земјоделскиот факултет во Скопје…
Тридневниот престој и искачување на неколку врва во Република Црна Гора, ми ги врати сеќавањата за трагедијата и за животот без татко ми. А посетата на местото на авионската несреќа уште повеќе ме растажи, ме врати во времето од пред 52 години. Со искачувањето на врвот Љеворијечки ги видов планината Маганик и врвот Бабин Зуб, каде што летал авионот „каравела ЈУ-238“ во страотната авионска несреќа на релацијата Скопје – Подгорица (тогашен Титоград) – Сараево, кој директно удрил во врвот Бабин Зуб. Таму, во тежок, недостапен терен, татко ми Марко ги остави коските. Југословенската авиокомпанија (ЈАТ) на трагичното место има поставено табла на која се напишани имињата на сите 35 патници и на шесте лица на екипажот на авионот. И над педесетина години во карпата се наоѓа дел од авионот „каравела“. Татко ми Марко, кој бил дојден да го види и да му се израдува на новороденчето (за мене) се враќал на работа во Сараево, каде што бил раководител на градилиштето на ГП „Гранит“. Една од желбите да станам планинар беше и желбата да го посетам врвот Бабин Зуб, на планината Маганик, во Црна Гора – рече Деловски.
Диџеј Дела, потсетувајќи се на овој претажен ден во неговиот живот, низ солзи тивко ни рече: „Заветот што си го дадов себеси дека ќе го посетам местото каде што загинал татко ми Марко, го исполнив, тагата и жалта за родителот, за татко ми, секогаш ќе бидат со мене“.
Од другите врвови што ги искачил во Црна Гора, Деловски ги спомена: Кучки Ком (2.487 м), Љеворијачки Ком (2.469 м) и Васоевачки Ком.
– За мене искачувањата на црногорските карпести планини беше големо искуство со планинарското друштво „Сакам планинарење – група Македонија“. На оваа планинарска тура дојдоа до израз способностите на нашите македонски професионални планинарски водичи, кои без ниту една грешка по густа магла и дожд, безбедно ги воделе планинарите на искачувањето на трите врва на планината Комови и во доцните вечерни часови безбедно ги вратиле во базата, во планинарскиот дом.
– Во Хрватска, на Горски Котар, го искачив Врвот Рисњак (1.528 м). На врвот се запознав со планинари од Шпанија и од Србија. Во Република Србија го искачив највисокиот врв Миџор (2.169 м), кој се наоѓа на Стара Планина. Од оваа тура можам да го издвојам убавото дружење со српските планинари од планинарскиот клуб „Видлич“ од Пирот, кои ни беа домаќини. Исто така бев и на зимската тура на Кајмакчалан, од грчка страна, највисок врв на планината Ниџе, што се наоѓа на јужната граница на Македонија со Грција, со висина од 2.521 м.
Годинава во план ми е да го искачам врвот Триглав во Словенија, а во јуни со хрватски планинари од Загреб и Риека, со брод ќе ги посетиме хрватските острови и ќе искачиме седум врва на островските планини, во централниот дел на Јадранско Море, како што се Хвар, Брач, Палагружа, Ластово, Вис и други – ни откри диџеј Дела.
Планинарот Деловски и други планинари од друштвото ни рекоа преку нашата „Нова Македонија“ да пренесеме порака до сите што се двоумат дали да почнат со искачување и крстосување по планини, да не се двоумат, туку веднаш да започнат, бидејќи Македонија изобилува со преубава природа, со фантастични планини и врвови, а динамиката во градот и брзиот начин на живот, планината ги менува во уживање во природа, релаксирање и, секако, физичка активност. Ако се прашувате зошто на планина сѐ е смирено, а престојот се одвива со посебен ритам, релаксирачки, одговорот е краток и јасен: на природата не ѝ се брза никаде!
Автор: Киро Кипроски