Фото: „Нова Македонија“

За повеќеслојноста на македонскиот суверенизам: Суверенитет врз храната (10)

  • Македонија сѐ повеќе станува увозно зависна од храна, а тоа го покажуваат и сите статистички податоци, во смисла на потрошени пари за увоз на храна на сметка на домашното производство, кое е многу намалено. Иако Македонија се смета за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број проблеми, кои доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Без оглед на тоа што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население, додека во минатото ја храневме цела Југославија

Според податоците на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на Стопанската комора, во Македонија земјоделството, заедно со прехранбената индустрија, вработува 10 отсто од вкупно вработените кај правните лица и во вкупниот бруто-домашен производ на државата учествува со 18 проценти, од кои само земјоделството и рибарството со 12 отсто, а прехранбената индустрија со шест отсто. Со производство и преработка на храна во Македонија се занимаваат 7.100 претпријатија. Според други извори на податоци, во земјоделското производство и секторот агробизнис својот приход целосно или делумно го остваруваат речиси 435 илјади луѓе. Големите природни предуслови и постојната традиција, збогатена со новоразвиени вештини, создаваат различни можности во земјоделството, од високи планински пасишта, со висина над 2.000 метри, до богати долини на вода со медитеранска клима. Според статистиката, во нашата земја има повеќе од 800 регистрирани органски земјоделски производители главно насочени на производство на месо (јагнешко, овчо и козјо), на млечни производи, мед, житарки, вино, овошје и зеленчук.
Но Македонија, некогашната земјоделска, аграрна држава, денес е сѐ помалку тоа! За една деценија, од 2014 до 2024 година, увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто! Македонија сѐ повеќе станува увозно зависна од храна, а тоа го покажуваат и сите статистички податоци, во смисла на потрошени пари за увоз на храна на сметка на домашното производство, кое е многу намалено. Иако Македонија се смета за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број проблеми, кои доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Без оглед на тоа што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население, додека во минатото ја храневме цела Југославија. Статистичките податоци покажуваат дека во 2023 година Македонија потрошила за храна околу 976 милиони евра. Според податоците од статистиката, од година на година потребите за храна од странство се зголемуваат: во 2014 година за увоз на храна и живи животни биле потрошени околу 518 милиони евра, што значи дека за една деценија увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто.

„Грев е Македонија да не произведува доволно храна“

Во анализата за „Нова Македонија“ со наслов „Грев е Македонија да не произведува доволно храна“, објавена на 11 март 2024 година, се цитира констатацијата на професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски дека големото напуштање на површините на обработливото земјоделско земјиште предизвикува сериозно намалување на производството на храна.
– До средината на 90-тите години на минатиот век во функција беа повеќе од 660 илјади хектари, денес се само 517 илјади, но во реалноста се користи многу помалку обработливо земјиште. Иако од 2007 година се воведоа промени во земјоделската политика и се обезбеди масовна поддршка од повеќе од 1,5 милијарда евра буџетски пари, состојбата е алармантна. Особено загрижуваат демографските процеси, иселувањето на младите од селските средини, не се користат ресурсите, се напушта земјоделското земјиште и се намалува земјоделското производство – предупредува Димитриевски.
Според него, Македонија е пред закана во голема мера да го изгуби производството на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други. Најалармантна е состојбата во сточарството, според Димитриевски, каде што во поединечни потсектори е преполовен бројот на добитокот, пред сѐ во говедарството и овчарството, сектор што беше препознатлив по македонското јагне на странските пазари.
– Сериозно е намален и бројот на живината, а производството на јајца снабдуваше голем дел од пазарот на поранешна Југославија.

Македонија како земјоделска држава мора да го обезбеди сопственото производство на храна

Традиционално и надалеку познатите производи од градинарството (домат, пиперка, грав) сѐ помалку ги имаме, а голем дел од нив денес увезуваме. Иако во овоштарството имаме зголемување на површините со насади, сепак и тука не успеваме да ги следиме современите барања на пазарот. Ни се намалуваат и лозовите насади, што во иднина може да се одрази и на производството на вино, како еден од традиционално извозните производи. И кај тутунот, кој го обезбедува најголемиот девизен прилив од вкупниот извоз во земјоделството, производството е речиси преполовено – укажа Димитриевски.
Споменатата анализа на „Нова Македонија“ ја содржи и изјавата на Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, дека тенденцијата на намалување на производство на многу земјоделски култури ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство, за да можеме во какви било околности, како војни и временски непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население.
– Во спротивно стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храна. Покривањето на нашите потреби за земјоделски производи на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога тие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали што можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – објасни Станковски.
Во ваква поразителна и сѐ позагрижувачка ситуација Македонија има и дотолку помал свој суверенитет врз храната како суверена европска држава, сѐ помалку успева да го задржи својот главен белег како „земјоделска држава“ со доминантно сопствено производство на храна. Св.Т.


Што е тоа суверенитет врз храната?

  • На светскиот Форум за суверенитет врз храната, одржан во 2007 година во Селинге, во африканската држава Мали, 500 делегати од повеќе од 80 земји ја усвоија Декларацијата од Ниелени, во која, покрај другото, се наведува: „Суверенитетот врз храната значи право на народите на здрава храна, произведена преку еколошки здрави и одржливи методи и со соодветни култури, како и нивно право да ги дефинираат сопствените системи за храна и земјоделство“. Потписнички на Декларацијата од Ниелени се и 54 држави од Европа, а меѓу нив е и Македонија. Во 2011 година, таа декларација беше дополнително усовршена од земјите во Европа. Од 2020 година, најмалку седум земји го интегрираа суверенитетот врз храната во своите устави и закони

Веќе три децении во светот е активно едно масовно движење со учество на држави и народи од сите меридијани, кое во центарот на своите политики и конкретни активности има еден клучен концепт: суверенитет врз храната. Терминот „суверенитет врз храната“ првпат беше создаден во 1996 година од страна на членовите на „Ла виа кампезина“, меѓународна организација на земјоделци, а подоцна беше усвоен од неколку меѓународни организации, вклучувајќи ги Светската банка и Обединетите нации. На светскиот Форум за суверенитет врз храната, одржан во 2007 година во Селинге, во африканската држава Мали, 500 делегати од повеќе од 80 земји ја усвоија Декларацијата од Ниелени, во која, покрај другото, се наведува: „Суверенитетот врз храната значи право на народите на здрава храна, произведена преку еколошки здрави и одржливи методи и со соодветни култури, како и нивно право да ги дефинираат сопствените системи за храна и земјоделство. Во срцето на системите и политиките за храна ги става оние што произведуваат, дистрибуираат и консумираат храна, а не барањата на пазарите и корпорациите… Суверенитетот на храната им дава приоритет на локалните и националните економии и пазари…“. Потписнички на Декларацијата од Ниелени се и 54 држави од Европа, а меѓу нив е и Македонија. Во 2011 година, таа декларација беше дополнително усовршена од земјите во Европа. Од 2020 година, најмалку седум земји го интегрираа суверенитетот врз храната во своите устави и закони.

Фото: „Нова Македонија“

Се води жестока европска битка за суверенитетотврз храната

Во Европа токму во овие моменти се води жестока битка за суверенитет врз храната, која допрва ќе се разгорува: на 19 декември минатата година, Комитетот на постојани претставници на владите на државите членки на ЕУ (ЦОРЕПЕР) го одобрил Привремениот троен договор за дерегулација на растенија и семиња добиени со нови геномски техники, односно е одобрен од страна на Европската комисија, Советот на Европа и од Европскиот парламент. Појасно кажано, ова значи дека во Европската Унија се отвораат „широки врати“ за производството на генетски модификувана растителна храна, на пченка, домати и други земјоделски култури, а понатаму сигурно и на генетски модификувана животинска храна, на млеко, месо од говеда и од друга стока, делумно или целосно добиена и одгледана, исто така, со примена на генетскиот инженеринг. Досега постоеше строга законска регулатива генетски модификуваната храна да биде означувана во трговијата и на земјоделските пазари во Европа со посебна ознака и етикета, но со споменатиот договор нема повеќе да се прави тоа. Веднаш истиот ден, на 19 декември, група претставници од осум земји (Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Германија, Унгарија, Романија, Словачка и Словенија) изреагираа со своја заедничка изјава, во која жестоко ги нападнаа владините претставници на мнозинството во наведениот ЦОРЕПЕР, сочинето од другите држави членки на ЕУ, самата ЕУ, Советот на ЕУ и Европскиот парламент, дека прават „стратегиска грешка во врска со суверенитетот на Европа врз храната и нејзиниот суверенитет врз семето“. Во изјавата на споменатите осум држави, посебно се нагласени „опасностите врз здравјето на народите, на европските граѓани, од омасовувањето на генетски модификуваното земјоделско производство низ Европа“. Eвропската Унија ја крши светската Декларација од Ниелени за правото на народите и државите, што значи и во Европа, дa имаат свој национален и државен суверенитет врз храната, произведена на здрав начин и во согласност со сопствените аграрни политики, без наметнувања влијанија од страна на други држави и индустриски корпорации. Каде е Република Македонија во овие процеси, што содржат нејзиниот устав и законите во врска со суверенитетот врз храната? Св.Т


Светски примери на устави и закони за суверенитет врз храната

Од 2020 година најмалку седум земји во светот – првенствено во Латинска Америка, Африка и Азија – го интегрираа суверенитетот на храната во своите устави и национални закони, за да им дадат приоритет на локалните одржливи и системи за храна со соодветни земјоделски култури. Еквадор е првата земја што го вгради суверенитетот на храната во својот устав од 2008 година. Во неговиот член 13 пишува експлицитно: „Луѓето и заедницата имаат право на безбеден и постојан пристап до здрава и доволно храна, произведена со претпочитање на локалното, домашно производство. Државата Еквадор ќе го промовира својот суверенитет врз храната…“ Уставот на Еквадор го дефинира државниот суверенитет врз храната како „стратегиска цел и обврска на државата за самоодржливост и самодоволност во производството на здрава и еколошка храна“ Неговиот Закон за суверенитет врз храната од 2009 година ги забранува генетски модификуваните организми (ГМО) и концентрацијата на сопственост на земјиште во рацете на поединци.
Боливија го вгради суверенитетот на храната во својот устав од 2009 година. Со својот Закон за Мајката Земја и интегриран развој за добар живот од 2012 година ги промовира традиционалните земјоделски практики и ја ограничува употребата на семиња добиени со генетски инженеринг.
Во 1998 година Венецуела усвои нов устав, кој ги вклучи суверенитетот врз храната и правото на храна како едни од основните граѓански права на нејзиното население. Оваа одредба од Уставот на Венецуела е разработена особено во нејзиниот Закон за земјоделска и прехранбена безбедност и суверенитет од 2008 година. Владата на оваа јужноамериканска држава дури постави и свои „национални мисии“, за да ги оствари различните уставни права и самиот концепт на својот суверенитет врз храната. Врз основа на детализираната уставна рамка, меѓу стратегиите што се користеа за зголемување на суверенитетот на храната за Венецуелците беа земјишната реформа, агроекологијата, употребата на традиционални култури, биолошката контрола на штетници и воспоставувањето субвенционирани продавници за храна како што се „Арепера социјалиста“, „Кафе Венецуела“ и „Какао Венецуела“.

Непал го вгради својот суверенитет врз храната во привремениот устав во 2009 година, а конечниот устав од 2015 година веќе експлицитно го гарантира клучниот принцип на тој суверенитет – правото на храна. Законот за правото на храна и суверенитет врз храната на Непал од 2018 година има цел да им обезбеди на граѓаните пристап до соодветна и доволно храна.
Мали го разработи својот суверенитет врз храната не во уставот, туку во своите закони, особено во Законот за земјоделска политика од 2006 година. На пример, со овој закон државната политика на Мали им обезбедува приоритет на зајакнувањето на семејното земјоделство и обезбедувањето права на земјиште за малите земјоделци, за да се зголеми националната независност во производството на храна.
Сенегал го експлицираше својот суверенитет врз храната не во уставот, туку сосема конкретно во своите национални закони. На пример, сенегалските државни политики се насочуваат на диверзификација на домашното производство, особено на оризот, за да се намали зависноста од увоз на храна.
Никарагва го запиша суверенитетот на храната во членот 63 на својот устав и понатаму во соодветните закони. Таков е и Законот 693 за суверенитет и безбедност на храната и исхраната од 2009 година, кој промовира програми што обезбедуваат соодветна достапност и правична распределба на храната.
Египет го вклучи суверенитетот врз храната во својот устав од 2014 година.
Доминиканската Република во 2016 година го усвои Законот бр. 589-16 за безбедност и суверенитет врз храната и исхраната, со кој се воспостави Националниот систем за суверенитет и безбедност на храната и исхраната.
Во една претстојна и потребна темелна ревизија на нашиот македонски устав, заради промовирање и заштита на сопствените државно-национални интереси, во конкретниов случај и во областа на аграрот, на производството на здрава и еколошки безбедна храна, потребно е да се имаат предвид изнесените светски искуства во поглед на суверенитетот врз храната и тие, приспособени на домашните услови и специфичности, да се вградат во највисокиот правно-политички акт на македонската држава.
Штетните и неповолни влијанија од надвор, особено со форсирањето генетски модификувани семиња и месо, добиени врз основа на генетски инженеринг, треба да се спречат и во Македонија преку соодветна уставна рамка и нови закони врз нејзини основи. Во Европа се разгорува „битката за суверенитетот врз храната“, а во неа треба да се вклучи и Македонија, паралелно со тоа што ќе започне да си го враќа карактерот на земјоделска држава и нација и ќе започне да го спасува својот агрокомплекс од натамошното назадување, да не кажеме и распаѓање. Македонија има услови и капацитет да се храни и себеси и голем дел од Балканот, а не да троши стотици милиони евра годишно за увоз на храна, често и со сомнителен квалитет, која потоа ќе биде уништувана. Св.Т.


Целите и активностите на „Ла виа кампезина“ и Декларацијата од Ниелени

Веќе ја споменавме „Ла виа кампезина“ (од шпански: la vía campesina, што значи „на селски начин“), која е меѓународна земјоделска организација основана во 1993 година во Монс, Белгија, формирана од 182 организации во 81 земја, како „меѓународно движење што ги координира селанските организации на мали и средни производители, земјоделски работници, селски жени и домородни заедници од Азија, Африка, Америка и Европа“.
„Ла виа кампезина“ се залага за одржливо земјоделство и сопствено производство на храна, засновано и врз семејни фарми. Таа беше групата што го измисли терминот „суверенитет врз храната“. „Ла виа кампезина“ спроведува кампањи за одбрана на правото на земјоделците на здраво семе, спротивно на сегашното наметнување на генетски модификувано семе, опасно и штетно за здравјето на луѓето, за аграрна реформа и генерално за признавање на правата на селаните. „Ла виа кампезина“ како светско движење добива на интензитет, бидејќи сѐ повеќе земји преземаат значајни чекори кон создавање и одржување системи за здрава храна, меѓу другото и за органски произведена храна. Како што веќе рековме, на Форумот за суверенитет врз храната во 2007 година во Селинге, Мали, 500 делегати од повеќе од 80 земји ја усвоија Декларацијата од Ниелени. Во таа декларација, покрај другото, се наведува: Суверенитетот врз храната е право на народите на здрава храна, произведена преку еколошки здрави и одржливи методи, како и право на народите да ги дефинираат сопствените системи за храна и земјоделство. Овој вид суверенитет ги става оние што произведуваат, дистрибуираат и консумираат храна во срцето на системите и политиките за храна, а не барањата на пазарите и корпорациите. Тој ги брани интересите и вклученоста на следната генерација. Нуди стратегија за спротивставување и демонтирање на сегашниот корпоративен трговски и прехранбен режим, како и насоки за системи за храна, земјоделство, сточарство и рибарство утврдени од локалните производители. Суверенитетот на храната им дава приоритет на локалните и националните економии и пазари и ги овластува да реализираат сопствено земјоделство и сточарство, остварувано од селани и семејни земјоделци, занаетчиски риболов, производство, дистрибуција и потрошувачка на храна врз основа на еколошка, социјална и економска одржливост.
Во април 2008 година Меѓународната процена на земјоделската наука и технологија за развој (ИААСТД), меѓувладин панел под покровителство на Обединетите нации и Светската банка, ја усвои следната дефиниција: „Суверенитетот врз храната е дефиниран како право на народите и суверените држави демократски да ги одредуваат своите земјоделски и прехранбени политики.“
САД, Русија и главните европски држави, меѓу кои и Германија и Франција, во своите устави немаат посебни одредби што експлицитно би спомнувале термин „суверенитет врз храната“. Но овие држави, со самото тоа што се главни светски производители на храна, и немаат некоја посебна потреба да го нагласуваат својот суверенитет врз храната во своите устави, туку сосема конкретно го спроведуваат и го штитат тој свој суверенитет преку своите домашни закони и државни политики за развој на агрокомплексот, земјоделството и производството на храна. Нели се вели, не случајно, „големите, богати и моќни држави прават што сакаат, а малите, послаби и сиромашни држави прават што можат и што мораат“! Оттука, одделни држави од оваа втора група во своите највисоки правно-политички акти имаат конкретно споменати и експлицитни одредби за „суверенитет врз храната“ или принципи од суверенитетот врз храната. Се задржуваме на некои од таквите устави како можни и применливи и во случајот на македонскиот устав, кој нема ниту еден збор за „суверенитет врз храната“ ниту за што било друго што би се однесувало на аграр, производство на храна и слично. Св.Т.