Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичката порака дека е „крај на праксата на судската нефункционалност“ да биде воедно и институционален пресврт во правосудството

  • Со најновото соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во кое остро се критикува работата на згаснатото специјално јавно обвинителство (СЈО) и дел од неговиот поранешен состав, повторно се отвора едно од најчувствителните прашања во македонското општество: Дали државата навистина влегува во фаза на доследно почитување на Уставот и законите или сѐ уште станува збор за вербално изразување политичка волја за промени, во очекување операционализација на сериозни длабоки реформски промени во правосудството?

Гласниот повик од јадрото на владеачката партија дека „ќе ѝ стави крај на праксата на непочитување на законите и Уставот“ (како што навистина постоеше во времето на владеењето на претходната власт) доаѓа во момент кога институционалната доверба кај граѓаните во судскиот систем навистина е сè уште кревка, а правосудниот систем оптоварен со наследени противречности, селективна правда и нерасчистени предмети со висока политичка и историска тежина.

СЈО – од симбол на правда до симбол на криминал

СЈО беше формирано во исклучително специфичен политички и општествен контекст – како резултат на длабока политичка криза и меѓународен притисок за расчистување на масовното незаконско прислушување. Во тој момент СЈО беше перципирано како инструмент за враќање на правдата и демонтажа на системот на неказнивост.
Но, наместо да стане темел на нова правна култура, СЈО заврши како институција што го продлабочи јазот меѓу правото и политиката. Аферата „Рекет“, пресудата за Катица Јанева и големиот број контрадикторни сведоштва за начинот на функционирање на СЈО, вклучувајќи ги и најновите тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, создадоа сериозен сомнеж дека обвинителството било под силно политичко влијание. Во тој контекст, актуелните напади врз обвинители што и денес имаат значајна улога во правосудниот систем отвораат дилеми.

Владеење на правото не е декларација туку обврска

Клучната порака од ВМРО-ДПМНЕ дека „ќе ѝ стави крај на ваквата пракса“ мора да се чита низ призма на уставната обврска на секоја власт – да обезбеди независно судство, деполитизирано обвинителство и еднаква примена на законот. Вистинскиот прекин со лошите практики не се мери со соопштенија, туку со отворени и темелни истраги, без разлика на политичката припадност, институционална транспарентност и подготвеност да се отвораат и „непријатни“ случаи, дури и кога тие задираат во сопственото политичко минато или сегашност.
Но токму тука се наметнува едно суштинско прашање, кое со години се избегнува, а аналогијата налага повторно да го извадиме на површина: Македонските хашки случаи!

Македонските хашки случаи – тест за уставноста и меѓународната одговорност

За разлика од многу други предмети, македонските хашки случаи не се само внатрешнополитичко или правно прашање. Тие се дел од корпусот на меѓународното хуманитарно право, каде што важи принципот дека воените злосторства и тешките повреди на човековите права не застаруваат. Одлуката овие случаи да бидат вратени од Хаг и фактички архивирани или маргинализирани во домашниот правосуден систем со години претставува една од најконтроверзните точки во односот меѓу уставниот поредок, политичките договори и меѓународните обврски на државата.
Доколку има политичка волја навистина да му се стави „крај на непочитувањето на Уставот и законите“, тогаш токму овие случаи се лакмус-тестот.
Нивното непроцесирање не е само прашање на политичка чувствителност туку и на еднаквост пред законот, почитување на жртвите, кредибилитетот на државата како правен субјект во меѓународната заедница.
Додека СДСМ во времето на Зоран Заев ја градеше својата легитимација врз наративот за „правда по секоја цена“, резултатот беше институција (СЈО) што се распадна под товарот на сопствените контрадикции. Денес ВМРО-ДПМНЕ настапува со наратив за „ред, закон и Устав“. Но, разликата меѓу двете политички епохи нема да се мери според тоа кој кого обвинува, туку според тоа дали ќе се воспостави систем што не зависи од партиска волја, дали обвинителството ќе биде навистина автономно и дали ќе се отвори простор за правна разврска и на најтешките и најчувствителни случаи.

Да преземеме конзистентни, храбри и правно издржани чекори

Македонското општество е уморно од политички наративи за правда што завршуваат со нови разочарувања. Затоа, пораката дека „ќе ѝ се стави крај на ваквата пракса“ може да има тежина само ако биде проследена со конзистентни, храбри и правно издржани чекори. Вистинското владеење на правото не избира удобни предмети, не калкулира со етнички или политички баланси и не ги жртвува уставните принципи заради дневна политика. Доколку оваа власт навистина сака да направи пресврт, тогаш одговорот на прашањето за СЈО, но и за македонските хашки случаи, нема да биде реторички, туку институционален. П.Р.