Еден кус и генерален одговор на поставената дилема во насловот на овој текст би можел да биде: Мулифункционални вложувања! Имено, неодамна и македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, во обраќањето по повод 18 Август, Денот на АРМ, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, предложи со средствата што Македонија треба да ги издвои за одбраната да се изгради хибриден клинички центар, кој во мирновременски услови би го користеле граѓаните, а во случај на воена закана, тој би се ставил во функција на потребите на НАТО
Комбинираната воено-цивилна инфраструктура може да биде нашиот модус вивенди
Неодамнешната одлука на НАТО да се покачи прагот за издвојување средства наменети за одбраната од два на пет отсто од БДП, за земји како Македонија претставува сериозен финансиски товар, па од тие причини веќе се бараат решенија како дополнителните зафаќања во буџетот да добијат мултифункционална намена.
Реакции на високите пет отсто од БДП за одбраната стигнаа од повеќе земји, особено оние со поскромен буџет, а дел од политичарите во Словенија најавија и организирање референдум за излегување на земјата од НАТО поради високите давачки, кои ќе се одразат врз словенечката економија, а со тоа и врз стандардот на граѓаните.
Незадоволство има и во други европски земји чии економии се длабоко погодени од руско-украинската војна и постојаното дополнување оружје на фронтот, кое го плаќаат европските даночни обврзници, а веќе е повеќе од извесно дека Европа ќе мора сама да ја финансира безбедноста на Украина така што ќе набавува американско оружје.
Мултифункционалноста е добар модел како најефикасно да се искористат петте отсто за одбраната
Неодамна македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, во обраќањето по повод 18 Август, Денот на АРМ, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, предложи со средствата што Македонија треба да ги издвои за одбраната да се изгради хибриден клинички центар, кој во мирновременски услови би го користеле граѓаните, а во случај на воена закана тој би се ставил во функција на потребите на НАТО.
– Зошто да не е можен НАТО-клинички центар, според врвните стандарди на Алијансата, кој во мирнодопски услови би им бил на располагање на македонските граѓани, а во услови на евентуален конфликт би бил медицински центар за потребите на НАТО? Или, зошто еден хибриден модел на клинички центар не би бил изграден овде во Штип, во град со извонредна стратешка локација, добра инфраструктурна поврзаност, со државен универзитет, Медицински факултет придружен со клиничка болница и студентски дом – праша претседателката.
Според неа, ваквите инвестиции би придонеле за обнова и заживување на источниот дел на земјата.
Воено-цивилна синергија
Познавачите на воено-стратешката проблематика не гледаат ништо спорно во изградбата на воени капацитети што во мирновременски услови би можеле да се користат за цивилни потреби.
– Сведоци сме дека во многу случаи воените капацитети биле ставани во функција на граѓаните. И ден-денеска многу граѓани се лекуваат на Воено-медицинската академија во Белград, иако тоа треба да биде исклучиво воен капацитет. Своевремено и Воената болница во Скопје даваше одредени услуги на граѓаните, така што предлогот на претседателката парите што земјава дополнително треба да ги издвојува за одбраната да се инвестираат во хибриден клинички центар е сосема на место. И не само во Штип, уште еден ваков голем клинички центар можеби треба да има и во Кичево, за да биде заокружен и западниот дел на земјата. На тој начин граѓаните ќе добијат здравствена заштита во клинички центри со повисоки НАТО-стандарди низ земјата, а ако не дај боже се случи некаков конфликт, во истиот момент овие капацитети може да бидат ставени во функција на Алијансата – оценуваат дел од експертите запознаени со логистичката доктрина.
Средства за одбраната може да се вложат и во други проекти
Според експертите, има многу области каде што можат да се вложат овие фамозни пет отсто наменети за одбраната, кои би биле од полза за воениот, но и за цивилниот сектор.
– НАТО своевремено не ги обнови доволно мостовите и патиштата што ги уништи за време на воената кампања врз СР Југославија, па сега може со тие средства наменети за одбраната да започнеме процес на ревитализација на мостовите и патиштата за утре, ако има потреба, да бидат подготвени да издржат транспорт на воена опрема и механизација. Во тој контекст, од овие средства наменети за одбраната може да се размислува за изградба на еден поголем аеродром во Овче Поле имајќи го предвид фактот дека скопскиот аеродром во зимскиот период често може да биде под магла, па летовите се пренасочуваат кон Охрид. Дополнително, може да се инвестира и во неколку помали писти во согласност со тактичките потреби на Алијансата, кои би се користеле и за цивилни потреби за обука на спортски пилоти, при гаснење пожари за дотур на гориво на „ер тракторите“ и слично – предлагаат експертите.
Понатаму нафрлаат уште можности како најдобро да се искористат средствата што НАТО ги бара за одбраната, а кои може да се користат и за цивилни цели.
– Може да се интервенира на железничките линии, да се пуштат краци до некои магацини, кои сега може да се користат како дистрибутивни центри, а во воени услови да бидат складишта за некаква опрема во зависност од нивната локација. Посебно може да се инвестира во софистициран радарски систем низ земјава, кој во делот на цивилната намена може да биде полезен за рано предупредување од временски непогоди, а за воените потреби да има поинаква намена. Доволно е граѓаните да добијат навремени предупредувања за град, силен ветер, можност од поплави и слични временски непогоди, за да се превенираат некои ситуации. Има технологии и треба да се инвестира во нив, а тоа ќе биде од полза и за НАТО, но и за граѓаните – посочуваат експертите.
Проектите треба добро да се осмислат и објаснат
За нив од посебна важност за воените капацитети на една земја е стабилното снабдување со електрична енергија, па од тие причини предлагаат дел од овие издатоци за одбраната да се инвестираат во такви капацитети.
– Со НАТО-сојузниците споделуваме дел од чувствителната нуклеарна технологија, така што на тоа поле можеби треба да се размислува во инвестирање во централи со мали нуклеарни реактори, слични на оние во атомските подморници, а кои би обезбедиле снабдување со електрична енергија на голем дел од земјата. Во воени услови овие централи би биле во функција на НАТО, снабдување со струја на командните центри, на полигоните, касарните и слично, но во мирни времиња тоа е одлична можност граѓаните да добијат евтина електрична енергија.
Кога говориме за ресурсите, под воена ставка може да се сметаат и резервоари и каптажи низ повеќе делови на земјата, кои треба да обезбедат доволни количества вода за потребите на Алијансата, но тоа во мирни времиња ќе значи и дополнителни водни резерви за земјава, па дури и снабдување на местата каде што или нема вода или ја нема доволно – објаснуваат експертите.
Според нив, пет отсто од БДП за одбраната се големи пари за Македонија и од тие причини е од исклучителна важност пред сојузниците добро да се објаснат проектите во кои ќе се инвестира, за да добијат оправданост и да бидат прифатени како инвестиции во одбраната.
– На нашите сојузници треба да им објасниме кој проект зошто би бил стратешки важен за Алијансата, што би добиле, но и да објасниме дека секој објект најдобро се одржува во кондиција ако постојано се користи. Со други зборови, сѐ додека НАТО нема потреба од него, да се користи за цивилни цели, а ако се појави потреба, тогаш прекуноќ да се претвори во воен капацитет во функција на Алијансата. Тоа е најдоброто решение како овие дополнителни средства што треба да ги издвојуваме за одбраната да ги инвестираме во капацитети што ќе ни останат на располагање на сите – заклучуваат воените експерти.