Фото: „Нова Македонија“

Потсетување на некои концепти и експертски ставови за реформите на ЕУ

Уште кон крајот на минатата година француско-германски експерти претставија предлог за сеопфатна структурна реформа на Европската Унија. Според тој предлог, реформите би течеле во четири концентрични круга. Имено, би имало т.н. внатрешен круг на ЕУ, потоа придружни членки, како и Европската политичка заедница (ЕПЗ), лабава заедница на европски лидери што се состануваат двапати годишно. Предлогот го конципира група од 12 експерти, кои предлагаат радикални реформи на структурата на ЕУ. За издвојување е предлогот за промена во одлучувањето, односно укинување на правото на вето (построги правила и воведување мнозинско гласање наместо сегашниот систем, кој бара едногласност во Европскиот совет)! Концептот може да се покаже како контроверзен токму за нарачателите на предлогот за реформи на ЕУ (имено Франција и Германија), кој содржи и предлози за поголема гласовна тежина во Европскиот совет да се прераспредели на помалите земји од ЕУ

Експертски ставови за реформите на ЕУ искажани на панелот на „Карнеги Европа“: На Европа ѝ треба стратегиска визија

На редовниот панел за најважните европски политички прашања организиран од „Карнеги Европа“ во јули годинава, повеќето учесници се согласија дека реформите се неопходни, но дека не треба да се чека премногу долго со приемот на нови членки, бидејќи тие земји може да изгубат интерес за приклучување во ЕУ.
Роза Балфур, директорка на „Карнеги Европа“, смета дека проширувањето на ЕУ е амбициозен проект за редизајнирање на безбедносната архитектура на Европа, со силна демократска основа во принципите и правилата на ЕУ.
– ЕУ ќе мора да ги реформира своето функционирање и политики. Кога и како ќе се случи тоа ќе зависи и од темпото на пристапување и од тоа кои земји всушност сакаат да се приклучат… Иако ЕУ бара политички реформи во земјите кандидати, можеби ќе сака да размисли за зајакнување на демократските вредности што ги поврзуваат нејзините членки за да се обезбеди нивната идна издржливост и да се спречи демократското распаѓање – истакна Балфур.
Високиот соработник во „Карнеги Европа“ Димитар Бечев рече дека ако ги прашате тешкашите од блокот, одговорот ќе биде „потребни се реформи“. Тој потсетува дека во 2023 година Франција и Германија изработија документ со „список на рецепти за успех“, но ништо од тоа не се случи.
Кшиштоф Бледовски, визитинг-професор на Универзитетот за информатички технологии и менаџмент во Жешов, истапи со становиште дека „проширувањето на Унијата веројатно нема да поттикне реформи“…
Спротивно на тоа, Иан Бонд, заменик-директор на Центарот за европски реформи, смета дека проширувањето може да ги поттикне реформите на ЕУ, но нема да биде доволно само да се направат мали промени.
– Фундаментална пречка за реформите е тоа што некои од промените често се спомнати во контекст на проширувањето, особено гласањето. Некои земји членки, иако ентузијасти за проширувањето, не сакаат да го изгубат правото на вето од страв дека ќе бидат надгласани за прашање од витален интерес… ЕУ треба да биде храбра, проширувањето е итна геополитичка неопходност, додека реформите можат да продолжат со полабаво темпо – заклучи Иан Бонд.

Добрата вест е што договорите на ЕУ веќе вклучуваат одредби што
овозможуваат премин од едногласно кон квалификувано мнозинство во надворешната политика на ЕУ

Агњешка Легуцка, виша научна соработничка во полскиот институт за меѓународни односи, смета дека мора да се престане да се гледа иднината на ЕУ како избор помеѓу проширувањето и продлабочувањето на интеграцијата.
– Ова е лажна дилема бидејќи проширувањето е стратегиски витално и може да ги турка институционалните реформи во вистинската насока. На Европа ѝ треба стратегиска визија, а проширувањето е сеопфатен концепт, кој ќе ја зајакне глобалната позиција на ЕУ. Сепак, треба да најдеме рамнотежа помеѓу предлогот на Европската комисија за поширока употреба на гласањето со квалификувано мнозинство и Европа со повеќе брзини. Иако предлозите на Европската комисија служат како критична референтна точка за идните дискусии за проширувањето и реформите на ЕУ, тие веројатно нема да бидат имплементирани во скоро време – заклучува Легуцка.
Виктор Сеп, доцент на Универзитетот во Гронинген, вели дека идното проширување на ЕУ веројатно ќе поттикне дополнителни дискусии за институционалните и процедуралните реформи.
– Конкретно, барањето за едногласност во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика веќе предизвикува главоболки во Брисел. Доколку Унијата прифати нови членки од Западен Балкан и од Источна Европа, секако ќе ѝ треба поголема флексибилност во процедурите за донесување одлуки. Додека некои од овие земји кандидати покажуваат речиси целосна усогласеност со одлуките на ЕУ за надворешната и безбедносната политика, други заостануваат и постојат стравувања дека овој јаз не може целосно да се премости – вели Сеп.
Тој додава дека добрата вест е што договорите на ЕУ веќе вклучуваат одредби што овозможуваат премин од едногласно кон квалификувано мнозинство во надворешната политика на ЕУ. П.Р.