фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу набрзо по пристигнувањето на Гир во земјава се интензивира и ескалира опструктивниот и уценувачи однос на Бугарија спрема македонските евроинтеграции, па менаџирањето на таа криза во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија се чини непланирано се наметна како главен предизвик во мандатот на амбасадорот

Завршува мандатот на евроамбасадорот Дејвид Гир во Македонија

Успешноста на мандатот на еден дипломат на професионално ниво веројатно се оценува според утврдени критериуми, но во перцепцијата на јавноста во земјата домаќин процените вообичаено тргнуваат од гледна точка на квалитативното напредување на односите со земјата од која доаѓа амбасадорот. Во случајот со мандатите на евроамбасадорите, вниманието на јавноста е секако пофокусирано на нивната работа, оценки, препораки, со оглед на децениските напори и национални жртви на Македонија да се приближи до точката на преговори за членство со Европската Унија, во процес што стана мошне контроверзен и сосема нестандарден според базичните принципи на ЕУ и копенхашките критериуми за проширување. Некои поискусни домашни политички аналитичари улогата на евроамбасадорите во Македонија, со доза на искуствен цинизам, ја нарекуваат – гувернерска.(?!)
„Нова Македонија“ упати покана за интервју до евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир, што требаше да биде своевидна лична рекапитулација на амбасадорот за неговата работа, предизвици и постигнувања за време на четиригодишниот мандат во земјава, но неговиот распоред во последните денови од мандатот во Македонија е толку згуснат со проштални посети, како оние во државните институции со кои најмногу соработуваше (Владата, Министерството за надворешни работи, како и во она за европски прашања…), и со утврдена агенда, така што не успеа да дојде до реализација на поканата. Според информациите од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Гир заминува од Македонија на 20 август.
Амбасадорот Дејвид Гир во Македонија пристигна во екот на пандемиската 2020 година, кога и земјава и ЕУ и целиот свет функционираа со ограничувања во движењето и комуникациите. Таа година, во март, Македонија доби препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ, сепак две години подоцна по најголемата жртва, со промена на името на државата, која претходно од Унијата беше наведувана како „последен вонкритериумски услов“ за македонските евроинтеграции.
При предавањето на акредитивите на тогашниот претседател Стево Пендаровски, амбасадорот Гир го нагласи овој момент како „историска одлука на Советот на Европската Унија“.

 

– Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки што го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на меѓувладината конференција. Тоа ќе биде значајна пригода што ќе го потврди долгогодишниот став дека иднината на целиот овој регион e во ЕУ. Како што рече претседателката Фон дер Лајен во своето годишно обраќање минатата недела, ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. Западен Балкан е дел од Европа – а не само попатно место на Патот на свилата. Пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството. Владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ-реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори што меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци – кажа евроамбасадорот Гир пред четири години, кога го започна мандатот во Македонија.
Многу набрзо по пристигнувањето на Гир во земјава се интензивира и ескалира опструктивниот и уценувачи однос на Бугарија спрема македонските евроинтеграции, па менаџирањето на таа криза во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија се чини непланирано се наметна како главен предизвик во мандатот на амбасадорот. Во Европската Унија сакаат да го гледаат како решен тој анахрон билатерален предизвик на бугарските уцени за македонските евроинтеграции, со понудата на т.н. француски предлог, т.е. преговарачката рамка за Македонија со услов за активирање на преговорите со еднострано спроведување уставни измени за имплементирање на Бугарите како малцинство во македонскиот устав. Европската Унија сака да гледа дека преговорите со Македонија се „во процес“, од 19 јули 2022 година, но активното преговарање со отворање на поглавјата започне по исполнување на условот со уставните измени. Во изминатите две години амбасадорот Гир се носеше доследно со таа задача од европската „централа“ да ја убедува македонската јавност, која е револтирана и за која не е прифатлив францускиот предлог, дека „тоа е најдоброто што можело да се добие во тие услови“.

– Што се однесува до уставните измени, тоа прашање доминираше во голем дел од мојот мандат. Имаше разлики со Бугарија за тоа како да се продолжи со пристапниот процес. Тие беа надминати со договорот од јули 2020 година и тој договор нуди пат напред и овозможува отворање прием. Новата влада стави до знаење дека не е среќна со тој договор и верува дека може да репреговара нешто поинакво. Ги следев преговорите одблизу од есента 2020 до јули 2022. Тоа беше тежок процес. Компромиси беа направени од двете страни и мое лично мислење е дека она што се постигна на крајот беше компромис – не совршен, но беше најдобриот што можеше да се постигне во тоа време. Јас сум доста скептичен околу можноста да се дојде до нешто подобро од она што е веќе постигнато. Секако дека останува до Владата да се обиде и важно е да се седне со Бугарија во соодветно време, но, како што кажав, имајќи го предвид моето искуство и она што беше добиено досега, скептичен сум околу можноста – го повтори уште еднаш пред заминување „европскиот став“ за македонските евроинтеграции амбасадорот Гир.
Во текот на мандатот на амбасадорот Гир забележлив беше неговиот ангажман околу помошта за подобрување на состојбата со владеењето на правото и подобрување на довербата во македонското судство. Таквиот добронамерен ангажман понекогаш го доведуваше во ситуација да мора да реагира и интервенира во текот на некои особено контроверзни интерни случувања во судството, со скандалите околу изборите и разрешувањата на членови и претседатели на Судскиот совет. Принципиелната улога на амбасадорот Гир беше доаѓањето на Оценската мисија на ЕУ, која резултираше со препораки за македонското судство. Сепак, пред неговото заминување во македонската јавност е отворена дебата со различни ставови како да се спроведуваат реформите во судството, во насока колку радикални да бидат чекорите во однос на промените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители – целосно распуштање и одново формирање, или без големи бранувања, исклучиво според насоките на Оценската мисија.
Пред крајот на мандатот, евроамбасадорот Дејвид Гир беше ставен и во позиција да „биде загрижен“ за почитувањето на Преспанскиот договор од македонска страна поради неупотребата на географската одредница во новото име на државата во (не)формалните обраќања на високите претставници од новоизбраната македонска власт. Секако, и таа загриженост беше еднострано насочена, со одбегнување да се забележи континуираното непочитување на истиот договор од страна на Грција, која е членка на Европската Унија, исто како и Бугарија. Се чини дека како заклучна перцепција во македонската јавност за придонесите на амбасадорскиот мандат на Дејвид Гир се наметнува дека доследно ги застапуваше интересите на ЕУ и нејзините земји членки, додека националните интереси на Македонија во процесот на евроинтеграциите, сепак, не беа примарен фокус на Делегацијата на ЕУ во Скопје.


Поголема е одговорноста на амбасадорот Михалис Рокас за креирање објективен и принципиелен однос како претставник на ЕУ со македонските институции, во контекст на македонските евроинтеграции. Секако, од македонска страна, како коректни домаќини треба да се однесуваме според традициите на познатото македонско гостопримство, во духот на демократијата, почитувањето на меѓународното право и правда, да му посакаме добредојде на ценетиот грчки дипломат Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Македонија! Секоја страна треба да ги вложи своите капацитети во градење меѓусебна доверба и принципиелен однос!

Михалис Рокас од Грција доаѓа како евроамбасадор во Македонија

Уште во април годинава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел официјално го номинира грчкиот дипломат Михалис Рокас за нов амбасадор на Европската Унија во Македонија. Неговиот мандат треба ефективно да започне во септември, наследувајќи го Дејвид Гир на амбасадорската позиција во Делегацијата на ЕУ во Скопје. Рокас доаѓа во Македонија по неговата последна мисија како претставник на ЕУ во Малезија.
Михалис Рокас е роден во септември 1964 година, во Атина. Рокас има 26-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи му се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година. Бил вршител на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ во Нов Зеланд, прв секретар на Канцеларијата на Европската комисија во Хонгконг и во Макао, шеф на Одделот за поддршка на делегации во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), како и заменик, а потоа и шеф на Одделот на ЕЕАС за Кина, Хонгконг, Макао и Монголија.
Наследникот на Британецот Дејвид Гир ќе биде првиот Грк на ваква евроамбасадорска функција во земја кандидатката за членство во ЕУ. Неговото назначување од ЕУ во Македонија ги подигнува на повисок степен очекувањата и внимателноста на сите страни (и во ЕУ и во Македонија и во Грција) од неговиот мандат, со оглед на долгогодишниот македонско-грчки билатерален спор, наметнат од Грција за името на нашата земја, кој со децении го блокираше македонското напредување кон ЕУ. Се смета дека со Преспанскиот договор е надмината таа ситуација, но се чини дека и во ЕУ се свесни дека реалноста околу прифаќањето на овој договор во јавноста на двете земји сепак не одговара на нивните „пресметки“.

За повеќе аналитичари, номинацијата на грчкиот дипломат Рокас е резултат на тенденцијата на ЕУ да го засили својот мониторинг во Македонија околу спроведувањето на Преспанскиот договор, но и исполнувањето на условите од францускиот предлог, за уставни измени со внесување на Бугарите во преамбулата како малцинство во Македонија, за отворање на поглавјата од преговарачката рамка. Очигледно е дека Брисел сака да има јасна претстава како се спроведуваат европските стандарди и критериуми (и оние копенхашките и оние „специјалните“ за Македонија) и врз основа на тоа да се развива нашата идна соработка. Преспанскиот договор и францускиот предлог се секако во категоријата „специјални“, нестандардни и наметнати критериуми само за Македонија.
Уште кога беше објавено името за наследникот на досегашниот евроамбасадор Дејвид Гир, во македонската јавност се создаде предубедување дека Македонија добива евроамбасадор за спроведување на Преспанскиот договор и францускиот предлог.
Со такво (пред)убедување на јавноста во земјата каде што треба да го извршува мандатот доверен од Европската Унија, секако дека поголема е одговорноста на амбасадорот Михалис Рокас за креирање објективен и принципиелен однос како претставник на ЕУ со македонските институции, во контекст на македонските евроинтеграции. Секако, од македонска страна, како коректни домаќини треба да се однесуваме според традициите на познатото македонско гостопримство, во духот на демократијата, почитувањето на меѓународното право и правда, да му посакаме добредојде на ценетиот грчки дипломат Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Македонија! Секоја страна треба да ги вложи своите капацитети во градење меѓусебна доверба и принципиелен однос!