Фото: „Нова Македонија“
  • По историскиот пораз во Нивици, состојбите се променија и ние како да се „релаксиравме“, арно ама се појави Софија и повторно нѐ фрли во амбис. Тоа мораше да се очекува, заедно со обиди да се минимизира или да се спречи. Сега, повторно сме во слична позиција, а времето воопшто не работи за нас. Тоа е тежок хендикеп што бара брзи решенија. Во спротивно, ќе се вртиме во маѓепсан круг и ќе одиме прудолу

Пред десетина и повеќе години, американскиот амбасадор Филип Рикер често апелираше – кажете што сакате, знаеме што не сакате! Одговор не добиваше, иако не беше спорно дека тоа го бара Вашингтон. Сѐ до предавството на националните интереси во Нивици, од прашањето за името бегаа сите наши политичари, како ѓавол од оган. Знаеја дека на тоа можат само да загубат и го држеа проблемот под маса. Тоа беше наша непростлива грешка.
По историскиот пораз во Нивици, состојбите се променија и ние како да се „релаксиравме“, арно ама се појави Софија и повторно нѐ фрли во амбис. Тоа мораше да се очекува, заедно со обиди да се минимизира или да се спречи.
Сега, повторно сме во слична позиција, а времето воопшто не работи за нас. Тоа е тежок хендикеп што бара брзи решенија. Во спротивно, ќе се вртиме во маѓепсан круг и ќе одиме прудолу. Новата гарнитура веќе година и пол е на власт и целосно ја промени капитулантската реторика. На Брисел му е прецизно ставено на знаење дека со Македонија веќе не можат да прават што сакаат. ЕУ секако ја прими пораката, ама ние сме повторно на потег. Силен е впечатокот дека и сега немаме јасна претстава што сакаме. Реториката е недоволен исчекор и мора да следува – акција. А таа е практично невозможна, ако не се знае што се сака и како може да се постигне тоа. Без тоа, нема резултати. Ова е обид да одредиме што мора да сака, ама и што може Македонија.
Прво, мора да прецизираме дека нашиот клучен проблем на патот кон Брисел не е ултиматумот за промена на Уставот, туку преговарачката рамка, со која нема теоретска шанса да влеземе во Унијата. Тоа веднаш станува очигледно, ако длабински се анализира самата рамка. Затоа, наш прв приоритет мора да биде – нејзината промена.
Второ, мораме да сфатиме дека апсолутно единствен начин за да се промени рамката е да се откаже вториот протокол со Бугарија. Со него ни е таа наметната и е преполна со бугарски безобразлуци. Ако го сакаме тоа, а друг избор немаме, повеќе е од наивно да очекуваме дека Унијата може сама да ја промени, нека биде и на наши жалби и лелекања. Тоа е апсолутно невозможно и надвор од умот бидејќи ние сме се согласиле со ваквата рамка. Сѐ уште не сме ја прифатиле, што е добро, и тоа треба да се случи на втората меѓувладина конференцијата со ЕУ. Нема теоретски шанси членките на ЕУ сами да ја менуваат рамката, затоа што ние сме се премислиле. Не само заради Бугарија. Во прашање се принципи. Ако сакаме да ја променат, мора да ги присилиме членките. А тоа е можно само со откажување на вториот протокол, кој е целосно вграден во рамката, како (бугарски!) ултиматум за нас.
Трето, мора да ни биде кристално јасно дека, и покрај сите празни реторики на челниците на ЕУ – Кошта, Фон дер Лајен, Кос… дека системот за консензуално одлучување треба да се менува, дека правото на вето треба да се лимитира, дека билатералните проблеми не смеат да бидат пречка за кандидатите за членство…, до тоа нема да дојде. Промени на овој сегмент во ЕУ нема да се прифатат барем во следните 25 години! Можеби – никогаш! Такви очекувања не смееме да имаме. Тоа би било само губење време.

Нагласените ветувања на челниците на ЕУ, пак, дека бргу ќе следува проширување, се чиста лага. Тоа не зависи од нив. Тие ќе си отидат штом ќе им завршат мандатите и ништо нема да се случи. Но тоа не е сега темата.
Четврто, со нашите капитулации во вториот протокол, ЕУ ги реши своите проблеми во врска со Македонија бидејќи изгледаше нефункционална. Затоа, нема никаква причина, камоли повод, што било да менуваат во однос на нас, освен да инсистираат на исполнување на обврските што сме ги прифатиле. Воопшто не треба да нѐ нервира кога постојано ни повторуваат – Уставот, Уставот, Уставот… Во право се – преземена обврска или се исполнува или се откажува. Друго чаре – нема. Значи, и тука сме ние на потег, за да ги исправиме историските грешки. Засега, единствен начин е откажување на вториот протокол.
Петто, идеите за гаранции од Брисел дека, по смена на Уставот, нема да има нови ултиматуми и блокади, се логични, ама – нереални. Во ЕУ нема никакви механизми, ниту мандати за такво нешто. Гаранциите се невозможни. Одлучуваат 27 членки. Нема основа ниту ЕУ да прифати некаква вина за малтретирањата на Македонија. Сѐ беше со наша согласност!
Шесто, незамисливо е Бугарија за милиметар да ја промени својата 150-годишна политика на негирање на Македонија и Македонците. Сега, тие се во право кога велат дека меѓу двете земји – нема проблеми. И, нѐ упатуваат кај ЕУ, која сите нивни фантазмагории, историски синдроми и несонувани соништа им ги вклопи во нашата преговарачка рамка! Точно ни советуваат – договорете се со Брисел!
Седмо, нереални се инсистирањата ЕУ да ја оценува Македонија според реформите или според Копенхашките критериуми. Има рамка со која сме се согласиле и таа го диктира нашиот третман. Причина е вториот протокол! Ние сме на потег. Топката е во нашиот двор (Фон дер Лајен).
Осмо, ни трет, та ни пет други протоколи не можат да нѐ извадат од ќор-сокакот во кој сме фрлени со вториот. А тој е целосно нелегален документ, и тоа од повеќе причини. Првата е дека со него добиваме низа нови задолженија (промена на Уставот), што е недозволиво менување на договорот за (не)пријателство. Второ, обврските што Македонија ги презеде со него, не беа верификувани од ниту еден наш орган. Нема документ со кој Бујар Османи, како тогашен МНР, е овластен да прифати промена на Уставот, заради внесување непостојни Бугари во него. Тоа е чист криминал.
Како нелегален, вториот протокол веќе е тема и на Уставниот суд бидејќи со него уставно се прекројува државата. И без судот, тој мора да се повлече, што е итна службена одговорност и должност на политичарите.

Деветто, ситуацијата е апсурдна и итно мора да се менува, бидејќи нѐ води во неповрат. И утре да го смениме Уставот, и тоа веднаш да влезе во сила – ништо нема да постигнеме! Ќе ги започнеме преговорите, ама нема никаде да стигнеме, не само заради нови блокади и ултиматуми, какви што ќе има безброј, не само од Бугарија туку и од Грција. Во дадените услови, бугарското собрание нема никогаш да го ратификува нашето членство во ЕУ – ако не се согласиме дека сме биле Бугари до 1944 г., дека јазикот е дијалект на бугарскиот и имаме заедничка бугарска историја. Тоа мора сега да се расчисти, преку реципроцитет. Инаку, приказната завршува.
Десетто, не е потреба никаква нова резолуција во Собранието бидејќи СДСМ веднаш ја згази претходната. Единствена цел на новиот предлог е рехабилитација на нивните претходни лидери, за историските предавства на македонските фундаментални интереси. Текстот е и евидентен обид да продолжат со истите капитулации, како потврда за веќе докажаното „визионерство“. Ништо повеќе. Критиките на опозицијата за потезите на власта, пак, се целосно бесмислени и само потврдуваат дека тие остануваат тоа што беа и нивните претходници – предавници на македонската држава и народ. Ништо друго.

Ристо Никовски