ЛАЖНА ДЕМОГРАФИЈА НАМЕСТО ПОЧИТУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
- Јасно е дека Бугарија ќе продолжи да штанца пасоши, можно е и да го олесни тој процес. Но во академските кругови во Софија има колебања по ова
прашање. Зошто? - Второ, но во истиот контекст, за каква нова Албанија зборува политичарот и адвокат Крешник Спахиу и што значи паролата „една нација еден пасош“?
- Македонија не треба да ги игнорира овие нови форми на асимилациски
појави и треба да биде подготвена на ова балканско пребројување со своја
sмакедонска стратегија
На Балканот се чини сѐ е наопаку, па, така, и основната премиса дека добивањето државјанство е основно човеково право. На нашиве простори тоа значи како да се биде поголем и поброен. Така, некои држави всушност преку багателно издавање пасоши, при што предничи Бугарија, всушност прават вештачка демографска експлозија, зад која стојат и политички аспирации. И покрај таквата политика на Софија, нагласена во последниве дваесетина години, сепак Бугарија е една од земјите што бележат рекорден демографски пад. Бугарија не само што нема природен раст на населението туку има и огромна имиграција. Историските факти велат дека дури и за време на Студената војна, двојното државјанство во голема мера се сметаше за неприфатливо. Државјанството беше обврзувачки пакт што претставуваше нечија политичка лојалност кон националната држава, додека, пак, двојното државјанство стандардно би било нелојален и непатриотски чин. Иако пред неколку децении било и потешко да се добие двојно државјанство, затоа што државјанството значеше и задолжително служење воен рок. Во многу земји и не можеше да се отиде во странство пред да се отслужи воениот рок. А, секој што сакаше да стекне ново државјанство мораше да се откаже од старото, законска обврска што уште важи во некои земји на ЕУ.
Се променија и ставовите кон самото државјанство
Сега државјанството наместо да се гледа како договор меѓу државата и нејзиниот народ, тоа се гледа како човеково право. Декларацијата за човековите права на ОН предвидува дека секој има право на националност. Двојното државјанство може да се гледа како начин да се спречи бездржавјанството, апатридството, и да се заштити националноста како човеково право, како и важен дел од идентитетот на луѓето. Двојното државјанство, исто така наречено повеќекратно државјанство, е правен статус што го има едно лице истовремено во две или повеќе држави. Овие процеси беа поттикнати од масовните емиграции, како и потребата на земјите да ги обноват своите врски со своите сонародници во светот. Македонија, секако, е типична земја што мора да гради политика на „помакедончување на илјадната дијаспора со овозможување масовно издавање македонски пасоши“.
Ќе тргне ли Албанија по стапките на Бугарија?
Лидерот на националистичката Црвено-црна алијанса во Албанија, инаку адвокат по професија, Крешник Спахиу, побара сите Албанци, без разлика дали се од Косово, Црна Гора, Прешево или Македонија, да имаат албански пасош.
– Првпат се натпреварувавме на ЕП кога имавме фудбалери од Косово, Македонија, Прешево. Ако треба да направиме чекор за нова Албанија, итно треба да одиме со нов принцип – една нација еден пасош. Секој што има родители Албанци има право да добие албански пасош, било од Косово, од Црна Гора или од Македонија, тоа го прават Германците, Грците, Британците… Земете пасош каде и да живеете. Ова е националност. Само ние ја одвојуваме националноста од државјанството – вели тој.
Според него, Законот за државјанство мора да се смени и да им се даде приоритет на оние од албанска крв. По овие пораки останува неодговорено прашањето каква нова Албанија заговара Спахиу и ќе останат ли овие негови барања само негови или ќе фатат корен. Дали таа нова Албанија е креирања голема Албанија првин преку издавањето пасоши, а потоа и на поинаков начин?
Европската конвенција за државјанство од 1997 година ја нормира проблематиката, при што дефинира дека „државјанство значи правна врска помеѓу едно лице и држава и не го означува етничкото потекло на лицето“, а „повеќенационалност“ значи истовремено поседување две или повеќе националности од исто лице. И оваа европска дефиниција и правна норма на Балканот се фрла во вода.
Бугарија најавува уште полиберална политика во издавањето пасоши
Дали ќе помине овој предлог на Спахиу засега е неизвесно. Она што е поизвесно е дека Бугарија најавува уште полиберална политика во издавањето пасоши, но целиот процес е запрен затоа што земјата е во правен вакуум поради неможност да формира нова влада. Се предлага и воведување свечена заклетва за тие што ќе добијат пасоши, а пред неколку месеци имаше најава и дека со новото законско решение Софија ќе го објави целиот список на лицата и нивните лични податоци што добиле бугарски пасоши, пред сѐ мислејќи на граѓаните од Македонија. Некои политичари изнесоа податок дека дури околу 150.000 македонски државјани се стекнале и со бугарски пасоши, односно влегле во графата на лица со двојно државјанство, но и практично влегле преку Бугарија во зоната на ЕУ, при што имаат право да ги уживаат и тамошните привилегии. Иако статистиката не го потврди ова, туку регистрира едвај околу 3.000 Бугари во Македонија. Исто така, не знаеме колку од тие 150.000 трајно се населиле во Бугарија и дали уживаат некакви бенефиции од бугарската држава или од некоја земја членка на ЕУ.
Од друга страна, Бугарија не престана со политиката на „натурализација“ на Македонци и во Албанија, притоа нудејќи како морков и стипендии за студирање, реновира некоја училница и на тој начин тврди дека бугаризирала 7.000 тамошни Македонци. Кон таа цифра треба да се додадат и носителите на бугарски пасош од областа Гора во Косово. Бугарија својата пасошка политика ја спроведува и во Албанија, Молдавија, Украина, Србија. Во моментов процедурата за добивање бугарски пасош трае само девет месеци.
И покрај тоа, во академски кругови во Софија се смета дека Бугарија не успеала со Македонците, односно „таму ретко ќе најдете бугарско чувство, па дури и тоа се казнува“. Зошто високите софиски кругови сега сметаат дека не им оди со проектот за бугаризација на Македонија, па и се тврди дека македонскиот идентитет е запечатен и ќе мора да се бара нова стратегија? Дали токму поради овој факт сега се пласираат тезите дека „Македонија ќе биде распарчена“? И дали зад ова стојат и повиците од извесни албански центри дека „Македонија виси на конец“?
Познатиот адвокат Тони Менкиноски има интересно размислување и смета дека едно од можните решенија за одбрана од оваа „поплава со бугарски пасоши“ е носење закон со кој на лицата што имаат двојно државјанство нема да им биде дозволено да работат во јавната администрација
Како против „поплавата од бугарски пасоши“?
За разлика од Македонија, на Бугарија на пример не ѝ пречи тоа што стотици и стотици Македонци што зеле бугарски пасош имаат адреса на живеење со ист број на иста улица.
Познатиот адвокат Тони Менкиноски има интересно размислување и смета дека едно од можните решенија за одбрана од оваа „поплава со бугарски пасоши“ е носење закон со кој на лицата што имаат двојно државјанство нема да им биде дозволено да работат во јавната администрација.
– Пасошот е цврста врска меѓу поединецот и државата, но со него се покажува и лојалност кон сопствената држава, а токму тоа е потребно во јавната администрација – вели Менкиноски.
Соговорници, професори од Правниот факултет во Скопје, во таа насока коментираат дека со тоа што имаш пасош не значи дека си Бугарин, но де факто си, зашто имаш пасош.
– Може да си Бугарин по државјанство, а да се чувствуваш како Македонец по етничка припадност, тука има поента – подвлекуваат повеќето од соговорниците.
И токму тука се поставува големиот прашалник – а што со тие во Бугарија што се чувствуваат како Македонци, кои велат дека се над еден милион – како да се допре до нив и да им се овозможи македонски пасош? Дали ќе донесеме таква стратегија или ќе останеме пасивни и во дефанзива?
Ова се прашања на експерти и на некои политичари, кои велат дека целиот Балкан сега е во престројување и пребројување. „По оној несреќен попис, Македонија треба да тргне во поставување врски со Македонците секаде каде што ги има. Имено, според повеќе активисти од македонската дијаспора, „на Македонците треба и мора да им се овозможи да ги вратат врските со својата матична држава и да им се олеснат процедурите за вадење пасоши. Не може никој разумен да го свари апсурдот дека се потврди фактот што некој и на криминалци им дал наши македонски пасоши, а Македонци што си ја сакаат татковината и се подготвени да се вратат и да инвестираат, да не можат да си го остварат тоа право“, порачаа македонски активисти од дијаспората.
Македонската држава веќе подолг период го има запрено издавањето пасоши на Македонци во соседството и во дијаспората
Институциите на нашата држава веќе подолго време го запреа процесот на издавање пасоши на Македонците во соседството и дијаспората, иако кај апликантите постои законски основ за стекнување (според универзално прифатени принципи во внатрешното право на демократските држави), односно во согласност со принципот на стекнување државјанство по местото на раѓање (jus soli), а другиот е по крвните врски (по потекло или jus sanguinis), принцип што тежишно го практикува Македонија.
А за потсетување, постојат и примери кога Македонија дури беше и ригидна во однос на носители на македонски пасоши на граѓани од Пустец, Албанија, кога јавно ги обвини за вмешување во изборниот процес, па и ги лишуваше од слобода, поради тоа што наоѓаше основи на сомневање за вмешаност во изборни измами. Се разбира дека тие имаа двојни државјанства, имаат адреса на живеење во Македонија и имаат право да гласаат. Но матицата никако не смее да го остави настрана и да не се грижи за дел од населението во Голо Брдо и Гора, каде што има голема концентрација на Македонци. А еден од начините е и по соодветните критериуми за издавање македонски пасоши во Албанија.
Има ли разлика меѓу државјанство и националност?
Некои држави прават разлика помеѓу државјанството, кое може да го имаат само жителите, и националноста. Во принцип, постојат два основни начина за стекнување со државјанство – едниот е по местото на раѓање, а вториот е по крвните врски (по потекло), принцип што го практикува Македонија.
Двојното државјанство понекогаш неправилно се користи како синоним за двојна националност. Меѓутоа, европското право и теорија велат дека додека националноста се однесува на членството и потчинувањето на државното право и моќ, државјанството се однесува на поимот за колективно самоопределување, слободите и правата гарантирани со членството во политичка заедница. Така, терминот повеќекратно државјанство се однесува само на правниот статус во неколку држави и не ги специфицира правата и обврските што ги има едно лице во однос на државата со второ или трето државјанство каде што лицето моментално не престојува.