Процени на официјален Париз за политички и безбедносни ризици во Франција: Извештај за влијанието на организацијата „Муслиманско братство“
- Контроверзен уште пред да биде објавен, извештајот нарачан во пролетта 2024 година од Жералд Дарманин, тогашен министер за внатрешни работи, за влијанието на „Муслиманското братство“ во Франција, беше презентиран во средата, на 21 мај, пред францускиот Совет за одбрана и национална безбедност. Извештајот укажува на политички ризик, со аргументирање појава на феноменот наречен „општински исламизам“. Извештајот беше објавен и во „Ле фигаро“, кој му даде многу алармантно толкување, поткрепено со коментарите на францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо, според кого „’Муслиманското братство‘ сака да воведе шеријатски закон низ цела Франција“…
- Опасноста од таканаречениот „општински исламизам“, идеолошки сложен, но многу милитантен, со растечки ефекти во јавниот простор и локалната политичка игра, изгледа многу реална за француската јавност…
Иако овој документ требаше веднаш да биде објавен, неговото објавување беше одложено до крајот на неделата. Во согласност со желбите на Емануел Макрон, извештајот во пречистена верзија го виде и француската јавност, од онаа што протече и циркулира денес. Документот беше и нашироко преземан од водечките француски дневни весници, како „Фигаро“, „Монд“, „Либерасион“ итн.
Во знак на несогласувања на највисоко ниво, францускиот Совет за одбрана не даде никакви коментари, ниту презеде мерки или активности, по официјалното претставување на извештајот.
– Со оглед на важноста на прашањето и сериозноста на утврдените факти, Емануел Макрон побара од владата да формулира нови предлози, кои ќе бидат разгледани на претстојниот состанок на Советот за одбрана на почетокот на јуни – соопшти Елисејската палата.
Во привремениот текст од 75 страници чии делови протекоа во медиумите, внимателно се отстранети повеќето имиња на интервјуираните лица од безбедносни причини, но и за да се заштитат странските разузнавачки служби што придонесоа за него. Дури и имињата на двајцата автори – дипломати, поранешен амбасадор во Алжир, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Либија и во Тунис, и префект што служел во Об и Ивлин – кои биле објавени од Министерството за внатрешни работи во времето на комисијата, биле избришани во завршната верзија.
Многу загрижувачки извештај
Овој официјален извештај во голема мера е инспириран од Обединетите Арапски Емирати, кои „водат војна против ’Муслиманското братство‘“, низ целиот свет. Извештајот, со своите „сурово прикажани содржини“, се приближува до тезите и експликациите на истражувачката Флоренс Берго-Блеклер (новата миленичка на француското МВР по Бернар Ружие, кој го популаризираше феноменот „исламистички сепаратизам“, и Жил Кепел, дизајнерот на терминот „атмосферски џихадизам“).
Извештајот, за кој Елисејската палата верува дека е нејзин, во последниве денови беше предмет на жестока борба и лицитирање меѓу министерот за внатрешни работи и Претседателството на републиката. Иако министерот за внатрешни работи Бруно Ретајо имаше намера да го направи извештајот „клучен елемент на неговата комуникациска стратегија насочена кон исламот и исламизмот“, Елисејската палата го спречи извештајот и најавите што произлегоа од него со тоа што свика Совет за одбрана на оваа тема. Извештајот потоа беше објавен во „Ле фигаро“ во вторникот, кој му даде многу алармантно толкување, поткрепено со коментарите на министерот за внатрешни Ретајо истиот ден, според кого „’Муслиманското братство‘ сака да воведе шеријатски закон низ цела Франција“.
Текстот, пак, во други медиуми со поумерен наслов „’Муслиманското братство‘ и политичкиот исламизам во Франција“ – (иако овој наслов е тавтологија, бидејќи исламизмот е политичка верзија на муслиманската религија) – е понијансиран отколку што изгледа.
– Доколку навистина постои „ризик по слободата“, тој мора правилно да се процени, особено на национално ниво – уверуваат авторите. За нив, „опасноста од општински исламизам, идеолошки сложен, но многу милитантен, со растечки ефекти во јавниот простор и локалната политичка игра, изгледа многу реална“. Ова е, како што се приближуваат локалните избори во 2026 година, главната лекција од оваа студија, која, згора на тоа, не дава никакви поголеми откритија од тоа што веќе се знаеше.
Плодна почва за ширење на исламизмот
Двајцата автори спроведоа интервјуа со 45 француски и странски академици, реализираа околу десет патувања во Франција и четири во Европа, како и средби со национални и локални муслимански лидери. Тие го започнуваат својот извештај со историски потсетник и идеолошка рамка што датира од основањето на братството од страна на Хасан ал Бана во 1928 година. Тие ја разоткриваат неговата фундаменталистичка визија за исламот, која не прави разлика помеѓу приватниот и политичкиот живот, неговото пирамидално функционирање и неговата опсесија со проповедање на сите нивоа на општеството. Но сето ова важеше сè до Арапската пролет, која го донесе „Муслиманското братство“ на власт, или барем во владата, особено во Египет, Тунис и во Мароко.
По врвот во 2012 година, дојде реакцијата, контрареволуција предводена од генералот Ал Сиси во Египет, активно поддржана од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, решена да го спречи влијанието на Катар врз „Муслиманското братство“. Оттогаш, пејзажот на братството е поле од урнатини: искоренето во Египет, во опозиција во Тунис, протерано од власт во Мароко, поделено во Либија и забрането во Јордан, преземено од салафистичките џихадисти во Сирија. Братството е во опаѓање насекаде на Блискиот Исток. Освен во Турција на претседателот Ердоган, која денес е „блискоисточен епицентар на братството“ и каде што може да се потпре на државни ресурси, особено во својата стратегија за развој во Европа, каде што исламот на Турското братство е многу активен, вклучително и во Франција, но се бори да се издвои од турскојазичната јавност.
Во Европа, основањето на браќата, особено во Германија, Австрија и во Швајцарија, датира од 1950-тите и 1960-тите. Тие пронајдоа плодна почва во земји каде што заедницата е прифатена, дури и охрабрувана, како што се Обединетото Кралство и Белгија, и каде што религиите се признаени од државата, па дури и финансирани со доброволно оданочување, како што е во Германија. Но Египетското братство никогаш не успеа да ја консолидира својата хиерархиска контрола врз европските ограноци на братството, и покрај амбицијата, ораторскиот талент и генеалошката лоза на Тарик Рамадан, внук на Хасан ал Бана, кој секогаш негираше дека е член на братството, без да убеди никого.
Потфрлање на државата
Денес, извештајот се однесува на Советот на европски муслимани (CEM) како „чадор-структура“ на братството во Европа. Но неговиот годишен буџет од 300.000 евра укажува на границите на неговото дејствување и влијание. Според извештајот, негова главна цел се европските институции, особено Европскиот парламент и Советот на Европа, кои тој се обидува да ги убеди во својата централност и „умереност“ во однос на исламските прашања – дури и ако тоа значи прибегнување кон „двоен говор“ – за неговата подготвеност да се вклучи во привид на меѓурелигиски дијалог и за постоењето „државна исламофобија“ во многу земји, почнувајќи од Франција и нејзината концепција за секуларизам.
Во Франција, извештајот особено го издвојува Здружението на муслимани на Франција, наследник на Унијата на исламски организации на Франција (УОИФ), кон која се поврзани 139 места за богослужба, или 7 отсто од вкупниот број. Но во извештајот се нагласува дека „верник што посетува џамија на движењето, далеку од тоа, не е член“. Понатаму, извештајот проценува дека само помеѓу 400 и 1.000 муслимански браќа имаат право да положат свечена заклетва. Генерално, муслиманите во Франција губат предност во споредба со 2000-тите, кога УОИФ организираше годишни собири на 100.000 луѓе за време на викенд во Ле Бурже (Сен-Сен Дени). Понатаму, во извештајот се идентификувани 21 училиште (од 74) како поврзани со движењето „Муслиманско братство“. Исто како и двете установи за обука за проповедање на Европскиот институт за хуманистички науки (ИЕСХ).
Сето ова не опишува непосредна или масовна закана, особено затоа што со протерувањето на имамот Хасан Икиусен и Ахмед Џабала, распуштањето на Комитетот против исламофобија во Франција (ЦЦИФ), кој се етаблираше во Белгија под европското име ЦЦИЕ – неколку француски члена беа приведени, а потоа ослободени минатата недела како дел од истрагата за реконституирање на распуштената организација – дејствијата на државата насочени кон спречување на средното училиште „Авероес“ во Лил и училишната група „Ал Кинди“ во близината на Лион, во последниве години, главните центри на „Муслиманското братство“ во Франција веќе беа цел на државата, односно на нејзините безбедносни служби.
Конечно, извештајот, во своја одбрана, посочува очигледен и повторлив неуспех на политиката на државата, имено, „постојаниот недостиг од структурирање на организацијата на муслиманската вера“ што постојано го ветува државата и секогаш идејата се одложува во недоглед.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Франција