Фото: „Нова Македонија“

Бриселски иницијативи за формирање европска централизирана разузнавачка служба

  • Разузнавачките агенции од одредени земји членки на ЕУ, сакајќи да ги надминат децениските недоверби меѓу безбедносно-разузнавачките служби, почнуваат конкретни иницијативи да градат таква заедничка служба. Оваа иницијатива е мотивирана и од две дополнителни причини:
    1. Разузнавачки тајни операции против Русија;
    2. Амортизирање на американската каприциозност во поддршката на европските држави на безбедносно-разузнавачки план.На оваа иницијатива подетално се осврнува влијателниот портал „Политико“

Формирањето „европска ЦИА“ со седиште во Брисел како пандан на американската Централна разузнавачка агенција повторно се појавува како тема, една година по неуспехот во врска со сличен предлог од поранешниот фински претседател Саули Нинисте.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нему, во март минатата година, му ја довери задачата да поднесе детален извештај за „подготвеноста на Европската Унија за воена и цивилна одбрана“ и предлози за унапредување на капацитетите, додека Нинисте во октомври објави дека „на Унијата ѝ е потребна сопствена централна разузнавачка агенција“ што ќе им помогне на земјите „да се одбранат од закани, саботери и странски агенти што дејствуваат во главните градови низ целиот континент преку поголема размена на информации“.

Планот за европска ЦИА забрзан од војната во Украина и селективното
споделување информации од САД и од НАТО кон ЕУ

Влијателниот портал „Политико“ неодамна објави дека разузнавачките агенции низ Европа ја закопуваат децениската недоверба и почнуваат да градат заедничка разузнавачка операција за спротивставување на Русија, но и дека овој потег „е забрзан од новата американска каприциозност во поддршката на нејзините традиционални сојузници“. Се тврди дека Американците, како и структурите на НАТО, повеќе нема да пренесуваат информации од украинското бојно поле до Брисел, а други податоци сега им се даваат само селективно.
– Постои чувство дека Соединетите Американски Држави би можеле да бидат помалку посветени на споделување на разузнавачките податоци што ги поседуваат – и во рамките на НАТО и воопшто – дипломатски рече Антонио Мисироли, поранешен помошник-генерален секретар на НАТО.
Треба да се истакне дека веќе постои разузнавачки и ситуациски Центар на Европската Унија (ЕУ-ИНТЦЕН) што функционира како цивилна разузнавачка агенција во рамките на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС). Тој анализира информации од земјите членки за да обезбеди разузнавачки процени на донесувачите на одлуки во ЕУ, особено за заедничката надворешна и безбедносна политика. Оваа агенција има и воен пандан, и тие работат заедно за да го формираат Единствениот капацитет за разузнавачка анализа (СИАЦ), клучен дел од разузнавачката рамка на ЕУ. Сепак, и членките на ЕУ се сомничави едни кон други, а камоли администрацијата во Брисел, која дејствува како отуѓен центар на моќ кон националните влади, некогаш отворено непријателски настроени.

Има и скептицизам за реализација на проектот „европска ЦИА“

Се јавува скептицизам за реализација на идејата за формирање „европска ЦИА“, бидејќи се смета САД нема да се откажат од својот примат.
– Во суштина, приказната за „европската ЦИА“ е бесмислена, бидејќи се смета дека САД и нејзината разузнавачка заедница никогаш нема да се откажат од приматот во атлантистичкиот свет – наведува проф. д-р Љубиша Деспотовиќ од Институтот за политички студии во Белград во изјава за „Новости“.
Францускиот центар за разузнавачки истражувања (ЦФ2Р) заклучува дека создавањето заедничка европска разузнавачка агенција би можело да ги поттикне САД да ги заобиколат сите европски национални администрации и да почнат да ја „диригираат“ Европа преку „подземни“ активности!
Деспотовиќ тврди дека зад проектот стои „Европската комисија на Урсула фон дер Лајен – хегемонот на ЕУ во кој се засолниле кадри на стариот глобализам од ерата на американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека оваа идеја покажува воскреснување на проектот за пангерманизам во кој Германија добива поддршка од своите стари сојузници од Втората светска војна, како и од Велика Британија. Но истовремено се смета дека ваквата состојба нема да наиде на одобрување од сите членки на ЕУ, првенствено на Франција и Полска, кои имаат многу лошо историско искуство со пангерманизмот.
Ова мислење е потврдено со пишувањето на ЦФ2Р.
– Постои скептицизам во врска со можноста за формирање вистинска европска разузнавачка агенција, бидејќи некои земји членки ја сметаат размената на разузнавачки податоци за прашање на национален суверенитет. Фон дер Лајен веќе призна дека собирањето разузнавачки податоци традиционално е прерогатив на националните држави и дека многу земји би можеле да се противат на наднационален ентитет што се занимава со вакви чувствителни прашања – наведува ЦФ2Р.
Познавачите на состојбите посочуваат дека е потребно и многу време за координирање на ресурсите и оперативците на таква агенција.
– Да, технички е можно земјите од ЕУ да создадат централизирана разузнавачка служба, но потребно е многу време за координирање на технолошките ресурси и оперативците, па затоа таа сигурно не може брзо да функционира во пракса. Тоа е теорија, но прашањето е колку доверба имаат земјите од ЕУ една во друга, бидејќи не е тајна дека тие активно „братски“ се шпионираат една со друга, а да не ги спомнуваме Американците, кои го прават истото тоа со сите свои европски сојузници. Исто така, тешко е да се каже дали Германија и Франција би можеле да се согласат за првенството, бидејќи двете имаат големи национални разузнавачки мрежи со долга традиција, а нивните интереси не секогаш се совпаѓаат. Верувам дека зад целата приказна стои Германија со нејзините потчинети земји, првенствено оние на Балканот, но и дека приказната за „европска ЦИА“, која би била надвор од контрола на САД, е многу малку веројатна – вели проф. д-р Зоран Милошевиќ од Институтот за политички студии во Белград.

Зошто се отвора проектот по неславното пропаѓање на идентична иницијатива?

Прашањето е зошто кампањата за создавање „европска ЦИА“ повторно се отвора од Брисел токму сега, неформално и во медиумите, по неславниот крај на минатогодишната идентична иницијатива на Фон дер Лајен и Нинисте. Двајцата заеднички презентираа план во кој приоритет беше создавањето „служба за разузнавачка соработка на ниво на ЕУ што може да служи и за стратешки и за оперативни потреби“ и потребата од создавање „антисаботажни мрежи“ за заштита на инфраструктурата. Како аргумент за создавање тајна служба со единствен центар за собирање информации, иако не беше нагласено дека во тој случај командата на таа служба би била одговорна и пред Европската комисија, тие го наведоа фактот дека голем број дипломати се протерани од европските престолнини поради шпионажа, затоа што „Брисел стана фокусна точка за агенциски активности“ од надворешни сили.
Нинисте, промовирајќи ја идејата за „европска ЦИА“, рече дека Европејците споделуваат разузнавачки податоци со мрежата „Пет очи“, која ги поврзува агенциите во САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија, па затоа би било корисно за ЕУ ​​да има таква централизирана агенција. Сепак, фактот дека англосаксонскиот свет не ѝ верува на иницијативата на Брисел и дека протокот на информации е насочен кон САД, кои не реагираат во иста мера, го потврдува пораката на Нинисте: „Мораме да си веруваме едни на други“.
„Политико“ сега цитира изјава од европски разузнавачки службеник, кој наводно добил дозвола од својата агенција анонимно да зборува за односите со американските колеги. Во текстот се наведува дека европските разузнавачки служби го преиспитуваат начинот на кој споделуваат информации со САД, но и веста дека „холандските воени и цивилни разузнавачки служби му кажаа на локалниот весник „Де волкскрант“ дека престанале да споделуваат одредени информации со своите американски колеги, наведувајќи политичко мешање и загриженост за човекови права. Р.С.


Како гледаат бриселските елити кон проектот „европска ЦИА“?

Чекор напред кон Макроновата иницијатива за „Стратешка автономија на ЕУ“

Во анализата на ЦФ2Р се истакнуваат и теоретски предности на „европска ЦИА“, што би ѝ овозможила на ЕУ да одговори на заедничките закани, како што се тероризмот, саботажата и шпионските операции, на покоординиран и побрз начин. Таквата служба би можела да ја намали фрагментацијата на информациите меѓу националните служби, да обезбеди побрз и посигурен проток на податоци и „да им овозможи на земјите членки да донесуваат информирани и добро основани одлуки“.
Француските аналитичари исто така наведуваат дека централизираната тајна служба на ЕУ би можела да ја зајакне безбедноста на европските институции, особено во Брисел, но и дека би претставувала „чекор напред кон стратешката автономија на ЕУ, делумно намалувајќи ја зависноста од информации од надворешни сојузници, особено САД“. Р.С.