Потребите за електрична енергија (потрошувачката) во Македонија се на ниво од 7.300 до 7.800 GWh/y, од кои од 1.500 до 3.000 GWh, во зависност од годината, треба да се увезат/купат. Тоа значи дека недостига енергија еднаква на производството од два блока по 200 MW (два блока во РЕК „Битола“).
Првиот наједноставен одговор е ДА, можеме без увоз, ако не трошиме енергија. Тоа би значело да се откажеме од редица погодности што ни овозможуваат пристоен живот. Како, на пример, дома да седиме без светло. Или да загреваме кус период само една просторија. Или… Значи едноставното штедење не е правилното решение. Цел е да ги задоволиме потребите, ама да не увезуваме/купуваме електрична енергија.
Следниот чекор би бил да изградиме сопствени капацитети со кои ќе ги задоволиме во целост потребите за електрична енергија во Македонија. Како брзо решение е изградбата на две когенеративни централи од по 200 MW. Претходно треба целосно да се стави во функција гасоводот до Битола. Алтернатива е изградба на системот хидроцентрали на Црна Река. Тој зафат во принцип трае подолго време во споредба со когенеративните постројки.
Македонија има можност да го искористи сопствениот највреден ресурс, а тоа е примената на мерките за енергетска ефикасност (ЕЕ); да се задоволат потребите со помалку потрошена енергија.
Прва мерка во оваа насока е да се пристапи кон значителна реконструкција на објектите/зградите, кои се сопственост на државата, за да ги исполнат условите што се бараат од сите членки на ЕУ, како и од Македонија, како членка на Енергетската заедница. ЕУ-директивата за енергетски карактеристики на згради (2010/31/ЕУ) во март о.г. е преработена (recast) и дополнета од Советот на Европската заедница и наскоро ќе биде објавена како нова директива. Во неа се бара (а тоа важи и за нас):
• Сите нови згради во ЕУ ќе мора да бидат со нулта емисија од 2030 година; во случај на нови јавни објекти (сопственост или закуп) заклучно од 2028 година;
• За нестанбените згради, земјите на ЕУ ќе дефинираат минимални стандарди за енергетски карактеристики, за да се реновираат 16 отсто од најлошите згради до 2030 година и 26 отсто до 2033 година;
• За станбените згради, земјите на ЕУ ќе обезбедат траекторија за прогресивно реновирање на целиот нивен градежен фонд, намалувајќи ја нивната просечна потрошувачка на примарна енергија од најмалку 16 отсто до 2030 година и во опсег помеѓу 20-22 отсто до 2035 година.
При почитување на новите прописи за енергетска ефикасност се намалува потребата за енергија за новите згради (просечно околу 400.000 m2 годишно) за 36 GWh, а за реконструираните (при квалитет на градба 1965-1980) 32 GWh. За следните пет години тоа е веќе смалена потреба за енергија од 342 GWh. Јасно, во зградите што користат електрична енергија за греење/ладење.
Во истава директива се бара да се поставуваат сончеви колектори на јавните и нестанбени згради, а особено и во сите нови станбени згради. Во делот нестанбени згради спаѓаат 71.228 комерцијални и производни претпријатија. Секој од нив, во согласност со Правилникот за обновливи извори, има право да постави сончеви колектори со капацитет од 40 kWp и со тоа да стане производител потрошувач т.е. „просјумер“. Само 20 отсто од овие објекти да се опремат со сончеви колектори, ќе обезбедат 728 GWh електрична енергија на годишно ниво. Дел за сопствени потреби, дел за потребите на системот. Од околу 600.000 домаќинства, ако 100.000 инвестираат во сончеви колектори со дозволениот капацитет од 6 kWp (сега е толкав максимумот за да бидат просјумери), очекуваното годишно производство е 780 GWh.
Вкупно произведената/заштедената електрична енергија со овие мерки, на годишно ниво изнесува 1.850 GWh. Како бројка ова звучи многу добро, но дали е изводливо? Што треба да се преземе за да се заинтересираат граѓаните и компаниите и да инвестираат во овие мерки за ЕЕ? Владата има две можности, јасно и третата која е нивна комбинација.
ПРВА МОЖНОСТ: Зголемување на цената на произведената електрична енергија! АД ЕСМ ја продава електричната енергија со цена од 60 евра за 1 MWh на универзалниот снабдувач – ЕВН. Вредноста/цената на произведената електричната енергија во РЕК „Битола“ е над 120 евра за 1 MWh, при цена од 65 евра/тон јаглен купен од Грција. На берзата цената се движи од 100 до 105 евра/MWh. Ако се почитува економската логика, електричната енергија е стока со своја цена. АД ЕСМ има право да ги следи закономерностите на пазарот и да го продава својот производ со најповолна цена за себе. Но тоа болно ќе се одрази на домашниот буџет. Претпријатијата веќе се на слободен пазар.
ВТОРА МОЖНОСТ: АД ЕСМ е компанија изградена со средствата на граѓаните/потрошувачите, ја управува Владата, а со задача да произведе доволно количество енергија со најповолна цена за потрошувачите. Владата може, како и досега, електричната енергија да ја смета како социјална категорија, да не ја покачи цената и да издвојува од 100 до 200 милиони евра годишно за покривање на трошоците на АД ЕСМ. Дали е тоа правилно решение? Владата не создава средства, единствено ги распределува. Дали тие средства ќе ги земе од успешните компании како данок за да го полни буџетот, или ќе се задолжи, на крајот одново потрошувачите ќе ја платат сметката. Нема кој друг.
ИНВЕНТИВЕН ПРИСТАП: Како прво: умерено зголемување на цената на електричната енергија до 80 евра/ MWh. Убеден сум дека мнозинството граѓани нема да сакаат ниту да чујат за ова и ќе ми ја „спомнуваат фамилијата“, што дури сум помислил за таква можност. Но тоа е економска категорија, која Владата не мора да ја прифати, иако е оправдана. Цената ќе мора да се зголемува, а ќе треба да се изнајдат форми да им се помогне на најранливите слоеви на општеството. Како корисници редно е да ги споредиме домашните трошоци за електрична енергија и за телефон. И да процениме што навистина ни е попотребно. Не е проблемот во цената на електричната енергија, туку во ниските плати и пензии.
Покрај зголемената цена паралелно веднаш да се понудат субвенции за граѓаните, кои се подготвени да инвестираат во сончеви колектори и до 30 отсто од инвестицијата.
Зголемувањето на цената на електричната енергија ќе предизвика голем број граѓани да размислат дали е поповолно парите да им стојат во банка или да инвестираат во сончева енергија. Во банките граѓаните имаат депонирано околу шест милијарди евра. Пари што „мувлосуваат“, ако не се користат. Според тоа, зголемената цена на електричната енергија, поврзана со субвенции за поставување сончеви колектори, ќе предизвика зголемен интерес и ќе се достигнат овие претпоставени бројки од 100.000 покриви со колектори.
Владата, со подготовка на измените на Законот за енергетика, Законот за енергетска ефикасност и Правилникот за обновливи извори на енергија треба да предвиди можност за поставување поголем капацитет на колектори на покривите од зградите. Денешните дозволени 6 kWp не можат да придонесат за зголемување на интересот на сопствениците на зградите да инвестираат. Во периодите на денот кога имаат потреба за енергија, а тоа е наутро или попладне, нема сонце. Или е со мал, недоволен капацитет за потребата на домаќинството. На следната слика е прикажано како се движи производството на енергија од инсталирани 6 kWp, во три карактеристични сезони (зима, лето и пролет/есен) за услови во Македонија. Во зимскиот период може да се добие само од 1 до 1,5 kW, додека во пролет/есен од 10 до 15 часот имаат на располагање капацитет над 2 kW.
Оптималното решение е да се инвестира во сончеви колектори со двојно поголем капацитет, батерија со капацитет над 50 отсто од капацитетот на колекторите и топлинска пумпа. Оваа варијанта е оптималното решение за секоја фамилија. Со тоа решение трошокот за електрична енергија во најмала рака се преполовува. Се користи енергија за сопствени потреби, не се плаќа ниту мрежарина, а во исто време делот од купената енергија ќе биде во пониска категорија т.е. од трета, ќе биде во прва.
Дали Владата ќе биде заинтересирана да вложи средства за субвенционирање на граѓаните? Убеден сум дека ќе биде заинтересирана да вложи, според мене, со задоволство. Претходната влада беше подготвена да му додели државна помош од 50 милиони евра на „Митилинеос“ за да изгради когенеративна постројка во Скопје, а потрошувачите да ја откупуваат енергијата. Ова е можност Владата да предвиди 50 милиони евра за субвенции, за потребите на граѓаните во Македонија. Тие ќе вложат сопствен капитал, од два до трипати повеќе во однос на субвенциите и со тоа ќе се намали увозот/купувањето на скапата електрична енергија. Владата нема да има потреба да инвестира за изградба на блок со 200 MW. Тие средства ќе може да ги пренамени за други капитални инвестиции (болница, училишта, спортски објекти). Ќе се произведува зелена енергија. Ќе се придонесе да се исполнат националните задолжителни цели за производство на зелена енергија. Се исполнуваат и обврските од новата директива.
Дали овој проект може да се реализира? Зошто да не! Во Полска (2023 год.) просјумерите учествуваа со 80 отсто од вкупно инсталираниот капацитет од над 17 GW сончеви колектори, од кои 75 отсто се во резиденцијалниот сектор!
Верувам дека и ние можеме!