Фото: ЕПА

Многу мали земји, како Исланд, Словенија, Чешка, своевремено играа некаква улога на посредници или домаќини на важни средби на светски лидери во насока на наоѓање решенија што ќе значат мир и надминување на конфликтните ситуации. Токму тие настани ги дефинираа како држави што може да имаат своја улога во глобалниот свет, без оглед на нивната големина. Мора да го промениме малку менталниот склоп и да разбереме дека малите земји ќе останат секогаш мали доколку не прават големи работи. Македонија покажа дека има капацитет за организација на големи настани

Организирањето лидерска средба Трамп-Путин како повод

Новите геостратегиски предизвици пред кои е исправен светот бараат проактивна улога на сите, вклучувајќи ги и малите земји доколку сакаат подобро да се постават во тие нови светски трендови, но во исто време на тој начин да се најдат во подобра позиција во остварувањето на сопствените стратегиски интереси.
Затоа од исклучителна важност е Македонија да излезе од мантрата дека е мала земја и конечно да почне да игра проактивна улога на сите полиња, па дури да се залага да добие посредничка улога за надминување на проблемите во регионот, во Европа, па и пошироко.
Впрочем, многу мали земји, како Исланд, Словенија, Чешка, своевремено играа некаква улога на посредници или домаќини на важни средби на светски лидери во насока на наоѓање решенија што ќе значат мир и надминување на конфликтните ситуации. Токму тие настани ги дефинираа како држави што може да имаат своја улога во глобалниот свет, без оглед на нивната големина.

Швајцарија и Србија заинтересирани да бидат домаќини на средба
Трамп-Путин

Како што наближува инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп и стапувањето на сцена на новата американска администрација, станува јасно дека многу процеси ќе претрпат сериозни промени. Имено, деновиве повторно е актуелна идејата за средба меѓу новиот американски претседател Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, во насока на наоѓање решение со кое ќе ѝ се стави крај на тригодишната војна во Украина.
Во таа насока повеќе држави веќе се понудија да организираат американско-руски самит на кој ќе се запре безумната војна на европско тло и работите ќе се пренасочат кон обнова на Украина и повторно воспоставување на меѓународното право, како единствен начин да се спречат сите идни агресии.
Во игра за организација на средба меѓу Трамп и Путин се јави Швајцарија, која се обидува сопствениот неутрален статус да го искористи како можност двајцата светски лидери токму на нејзино тло да постигнат мировно решение.
Интерес кај меѓународната јавност побуди и идејата Србија да им понуди гостопримство на првите луѓе на САД и Русија, идеја соопштена од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој нагласи дека Србија е официјално заинтересирана да биде домаќин на средбата Трамп-Путин бидејќи „не само што формално е надвор од воените блокови туку во суштина е надвор од двата блока, независна и суверена земја“ и исто така е „подготвена да им гарантира целосна безбедност на двајцата претседатели“.
Вучиќ уште посочи дека Србија е земјата во која Трамп има најголема поддршка во цела Европа, нагласувајќи ја и популарноста на Путин.
– Нема земја што може да се спореди со Србија во однос на нивото на поддршка за претседателот Трамп – рече Вучиќ.
Тој истакна дека Србија е исто така земја во која претседателот Путин останува многу популарен.
– Мислам дека тоа е место што би им одговарало и на двајцата – истакна Вучиќ.
Несомнено, ваквата активност од страна на српската дипломатија е во насока да обезбедат поширока меѓународна поддршка во време кога земјата е заглавена на евроинтеграцискиот пат поради неусогласената надворешната политика со ЕУ, нерешеното прашање со Косово, блиските односи со Русија, како и новите санкции што САД ги најавуваат за српската економија.
Без оглед дали ќе ја добие или не организацијата на ваква средба, она што е особено важно, тоа е проактивното дејствување во насока на промоција на Србија како држава што сака да изгради меѓународен кредибилитет, кој подоцна може да го користи за реализација на сопствените интереси.

Скопје беше домаќин на министерскиот совет на ОБСЕ во 2023 година / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија организираше големи настани, може и средба Трамп-Путин

Колку и да изгледа неверојатно во прв момент, сепак и Македонија треба активно да се вклучи во нејзините напори и таа да се понуди како место што може да ги соочи двајцата претседатели на САД и Русија.
Имено, Македонија веќе има бекграунд за организирање големи настани, а најсвеж е примерот со организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во ноември 2023 година во Скопје, организација со која земјава претседаваше токму во моментот кога почна руската агресија врз Украина. Во исклучително напната атмосфера, Македонија успеа на иста маса да ги седне сите претставници, вклучувајќи го и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чие присуство беше неизвесно до последен момент.
Во 2007 година Македонија организираше висок форум на НАТО, при што присуствуваа 50 делегации на држави и високи функционери на Алијансата. Своевремено Македонија претседаваше со Советот на Европа, но и со Генералното собрание на Обединетите нации, а во 2019 година земјава ја посети и папата Франциск. Во март 2023 година Охрид беше домаќин на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти, при што беше постигнат договор за надминување на недоразбирањата меѓу двете земји.
Сите овие примери се јасна потврда дека иако Македонија е мала земја, сепак има капацитет успешно да менаџира настани од голем калибар. Токму затоа е важно да се искористат сите канали за да се издејствува еден американско-руски самит, а таква можност за промоција на оваа идеја е претстојната инаугурација на Трамп, каде што е поканет и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и универзитетски професор Васко Наумовски смета дека секоја тема, вклучувајќи ја и оваа Македонија да биде домаќин на лидерска средба меѓу Трамп и Путин, е отворена за размислување и дека нема ништо лошо да се разгледа и една таква можност.
– Не е тоа табу-тема. Не треба да заборавиме дека во минатото бевме претседавачи со ОБСЕ, претседававме со Советот на Европа, имавме претседавач со Генералното собрание на ОН, Македонија е држава помеѓу Истокот и Западот, условно кажано, и сите историски влијанија што биле присутни тука биле присутни од повеќе страни. Не можеме да знаеме дали вакво нешто би се реализирало, но имаме претстојна посета на македонска делегација во САД, така што може и оваа идеја да се промовира – истакна Наумовски во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Според него, една од клучните придобивки што може да ги имаме во насока на остварување на нашите стратегиски интереси, тоа е пристапот, односно директниот пристап што македонската влада го има со водечките луѓе во новата американска администрација.
Поранешни дипломати сметаат дека Македонија не треба да исклучува каква било можност меѓународно да се етаблира, па и преку обиди да биде домаќин на една ваква голема средба.
– Нема ништо лошо да се напипа пулсот дали земјава би можела да биде домаќин на една ваква средба Трамп-Путин. Мора да го промениме малку менталниот склоп и да разбереме дека малите земји ќе останат секогаш мали доколку не прават големи работи. Македонија покажа дека има капацитет за организација на големи настани, така што во секој случај треба да се проба, па ако ова сега не помине, утре ќе помине нешто друго. Важно е да бидеме присутни, упорни и истрајни, особено во она што значи остварување на националните интереси – заклучуваат дипломатите.