Во земјава со години има иницијативи од голем број правни експерти што сметаат дека сите меѓународноправни аргументи се на наша страна и од тие причини се залагаат Македонија да ја продолжи битката за своето уставно име токму во Обединетите нации, имајќи го предвид фактот дека под името Република Македонија беше признаена од над 130 држави во светот
Враќањето кон меѓународното право ќе го врати и кредибилитетот на Светската организација
Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации (ОН) ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН поради извештаите за „грубо и систематско прекршување на човековите права“ со навлегувањето на руските војници во Украина. Одлуката беше донесена со 93 гласа „за“, односно со двотретинско мнозинство од членовите со право на глас, кои се вкупно 193 на број.
Не навлегувајќи во содржините на споменатата последна одлука на Генералното собрание, туку само анализирајќи ја процедурата, односно формата на постапувањето на оваа најголема мултилатерална организација, може да се заклучи дека со оваа постапка се демонстрира дека Обединетите нации сѐ уште имаат моќ да носат одлуки што се однесуваат на сите земји-членки, без оглед дали станува збор за светски сили и постојани членки на Советот за безбедност или, пак, за сите други.
Според мислењата на меѓународноправни експерти, процедурално, постапката беше во согласност со правилата на работењето на организацијата и со тоа одлуката стана полноважна. Што се однесува до содржината и материјалната расправа што им претходеше на заклучоците, експертите и таму забележуваат дека тоа секогаш треба да се прави во духот на меѓународното право и аргументирано да се настапува и образложува дали меѓународното право е погазено или не.
Некои паралели на споменатиот случај со случајот „Македонија во ОН“
Во слична позиција се најде и Македонија, на која, спротивно на меѓународното право и постулатите на ОН, ѝ беше оспорено правото на употреба на уставното име Република Македонија.
Во земјава со години има иницијативи од голем број правни експерти што сметаат дека сите меѓународноправни аргументи се на наша страна и од тие причини се залагаат Македонија да ја продолжи битката за своето уставно име токму во Обединетите нации, имајќи го предвид фактот дека под името Република Македонија беше признаена од над 130 држави во светот.
Еден од тие борци за враќање на уставното име преку телата на Обединетите нации е универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, според кого постои многу едноставен начин да се направи тоа.
– Јас три децении предлагав иста тактика, односно да се префрли прашањето за продолжување на членството на БЈРМ/Северна со „Република Македонија“ во Генералното собрание на ОН. Секако, пред да се изнесе предлогот за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, неопходно е да се раскине Преспанскиот договор. Потоа, во Генералното собрание би следувало гласање за Резолуцијата за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, со просто мнозинство од присутните и оние што гласаат. Овде нема право на вето – вели професорот Јанев, образложувајќи ја тезата како може да се искористат ОН во борбата за враќање на уставното име на државата.
Тој појаснува дека одлуката да се врати името Република Македонија во Генералното собрание на ОН може да помине со просто мнозинство и никој не може да ја спречи.
– Имено, ако Резолуцијата се најде во Генералното собрание на ОН, во сала во која да речеме има претставници на 100 држави, од нив ќе бидат потребни 51 глас „за“ за предлогот „Република Македонија“ повторно да биде наше уставно име. Во Генералното собрание на ОН никој нема право на вето, сите се еднакви, за разлика од Советот за безбедност, каде што пет членки имаат право на вето – нагласува Јанев.
Македонското прашање во ОН е процедурално!
Професорот понатаму додава дека секоја донесена резолуција од страна на Генералното собрание на ОН ја обврзува Светската организација да постапува кога станува збор за членските прашања.
– Резолуциите на Генералното собрание на ОН не обврзуваат по безбедносните прашања, но ја обврзуваат ООН по членските прашања. Нашето прашање сега е процедурално. Ако помине Резолуцијата на Генералното собрание на ОН со просто мнозинство, тогаш ќе добиеме право одново државата да ја именуваме како „Република Македонија“. Со тој чекор проблемот со идентитетот и името завршува – категоричен е професорот Јанев.
Негово мислење е дека ако се издејствува ова во ГС на ОН, тогаш сите проблеми со Бугарија и со Грција ќе бидат ставени во втор план.
– Нормално, препорачливо е да се раскине Договорот со Бугарија од 2017 година, исто како што треба да се раскине еднострано и Договорот од Преспа – заклучува Јанев.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски се согласува дека Македонија може да си го врати уставното име во ОН, но дека за да се случи такво нешто, земјата треба да има исклучително способна дипломатија и изградени предуслови за таква дипломатска акција.
– Апсолутно дека може, но, за жал, македонската дипломатија во моментов не е дорасната за една таква битка. Ние имаме сега една провинциски поставена дипломатија, без нејзино реално присуство во новите центри на политичка, економска и културна моќ во светот. Немаме амбасади во сите главни градови на земјите-членки на Г20, немаме генерални конзулати во сите клучни глобални градови, немаме мисии во клучните воневропски регионални организации и интеграции. Немаме ни мисии во сите центри на ООН – вели Боцевски.
Според него, со години едно од најзатворените катчиња на македонската дипломатија е мултилатералата, па Македонија не може да се пофали со многу успеси на тоа поле, затоа што воопшто и не учествува во многу мултилатерални натпревари, а не се ни обидува да ги вклучи сите потенцијали од македонското општество во мултилатералата.
– Оттука, одговорот е – да, секако, Македонија може да си го врати името и да издејствува осуда за целата брутална епизода со срамното преименување на една европска земја во 21 век. Но за да се случи тоа, потребни се предуслови што се развиваат со години и со децении – заклучува Боцевски.