Новата иранска доктрина за војување го менува концептот на модерната војна

  • Децениските анализи на западните интервенции доведоа до стратегија во која државата, во случајов Иран, може да функционира и да се бори дури и кога централното раководство е сериозно разорено

Иран обезглавен, но со функционален систем

Современите конфликти често се водат од стратегијата на т.н. „обезглавување“, односно елиминација на клучните политички, воени и безбедносни лидери, со цел брзо да се распадне државниот систем. Меѓутоа, неодамнешните настани поврзани со Иран отворија ново прашање. Имено, што се случува кога системот е дизајниран да преживее токму таков удар?
Според американски процени, во одреден период биле ликвидирани дури 48 високи политички, воени и духовни лица во Иран. Вообичаената логика на современото војување би претпоставила дека таков удар ќе доведе до институционален колапс и крај. Но, наместо распад, иранската држава покажа изненадувачка стабилност и способност за продолжување на функционирањето.
Овој феномен укажува дека во Иран постои „длабоко осмислен систем на управување и воена организација што не зависи од мал број централни фигури“.

„Дисперзирана мозаична одбрана“ – иранска стратегија создадена
со длабока анализа на западните војни

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи неодамна објасни дека иранските стратези со децении ги анализирале конфликтите во кои западните сили биле директно или индиректно вклучени.
Во фокусот биле војните и интервенциите на НАТО и поширокиот евроатлантски блок во последните пет децении, и тоа од Блискиот Исток, па до Балканот. Иранските воени аналитичари настојувале да ги идентификуваат слабите точки на овие операции, како што е на пример зависноста од централните командни структури, логистички јазли и политички елити.
Резултат на тие анализи е формулирањето на новата доктрина наречена „дисперзирана мозаична одбрана“!
Оваа стратегија подразбира дека огромната територија на Иран е поделена на повеќе региони, како своевидни „мозаични полиња“. Иновацијата е во секое од нив „цивилните власти, верските структури и воените единици да поседуваат значителен степен на автономија“!

Регионалната автономија како самостојно самофункционирачко оружје

Клучната иновација на мозаичната одбрана лежи во способноста за самостојно дејствување на секој сегмент од системот.
Доколку во воени услови дојде до прекин на комуникацијата со централната команда (било поради кибернапад, уништена инфраструктура или елиминација на лидерството), регионалните структури не чекаат нови инструкции. Тие имаат овластување и планови за независно продолжување на воените операции.
На тој начин државата функционира како мрежа од меѓусебно поврзани, но автономни клетки. Уништувањето на еден дел не го парализира остатокот од системот.
Во воена смисла, ова создава асиметрична отпорност: противникот може да постигне тактички успеси, но тешко може да предизвика системски колапс.

Политичко-религиски систем со повеќеслојна наследност

Вториот столб на оваа стратегија е специфичната политичко-религиска структура на власта во Иран.
Во рамките на институциите постои длабока хиерархија на заменици и наследници. Секој функционер има непосреден заменик, а тој свој заменик и така натаму, според принцип што личи на класична воена организација.
Таквата структура овозможува институционалниот систем да продолжи да функционира дури и во случај на масовна елиминација на водечките личности.
Токму оваа организациска логика објаснува зошто очекувањата за брз колапс на системот по елиминацијата на дел од елитата не се остварија.

Нов модел на отпорност во модерната војна

Иранскиот пример отвора поширока дебата за иднината на воената стратегија. Додека многу држави се потпираат на централизирани системи на командување, мозаичната одбрана се базира на децентрализација, автономија и институционална длабочина.
Во услови на современа технолошка војна, на пример со дронови, кибероперации и прецизни удари по командни центри, токму ваквата структура може да се покаже како особено отпорна.
Дали овој модел ќе стане пример за други држави останува да се види. Но едно е сигурно: концептот на „дисперзирана мозаична одбрана“ веќе се наметнува како една од најинтересните стратегиски иновации во современата воена мисла. Р.С.


Доктрината на „мозаичното војување на Иран“ во споредба со стратегиите на големите сили

Децентрализираната иранска воена доктрина се спротивставува на класичните модели на суперсилите и отвора нова ера на асиметрична стратегија

Во последните години воените аналитичари сè почесто ја споменуваат новата иранска стратегија позната како „дисперзирана мозаична одбрана“ – концепт што се развива во рамките на воените структури на Иран.
Основната идеја на оваа доктрина е дека државата и армијата треба да можат да функционираат и да продолжат со војувањето дури и кога централното раководство е сериозно погодено или кога комуникацијата со командните центри е прекината.
Наместо строго централизирана командна структура, иранската стратегија ја дели територијата на повеќе автономни региони – „мозаични полиња“. Во нив локалните цивилни, воени и верски структури имаат овластување самостојно да ја продолжат одбраната.
Овој пристап е резултат на децениско анализирање на западните воени интервенции, особено на операциите на НАТО и воената стратегија на САД.

1. Американската доктрина: супериорност преку централизација и софистицирана воена технологија

Воената стратегија на САД се заснова на сосема поинаква логика. Таа се потпира на концептот на т.н. „мрежно централизирано војување“ (network-centric warfare).
Во овој модел, огромна улога има технолошката надмоќ, и тоа сателитски системи, прецизни оружја, беспилотни летала и глобална разузнавачка мрежа. Целта е да се обезбеди брза координација на сите сили на бојното поле и да се уништат клучните центри на противникот.
Стратегијата често вклучува и т.н. „обезглавување“ на противничките структури, а тоа значи елиминација на политичките и воените лидери за брзо рушење или распаѓање на нападнатиот систем.
Токму во оваа точка се појавува иранската контралогика: систем што е дизајниран да преживее дури и ако такви операции бидат успешни.

2. Рускиот пристап: строга субординација, комбинација од бројност, длабочина и хибридни операции

Воената доктрина на Русија претставува комбинација од традиционална воена сила и современи хибридни методи.
Рускиот модел се потпира на масивни конвенционални сили, стратегија на оперативна длабочина, употреба на разузнавачка информациска и кибервојна.
Иако руската армија исто така применува децентрализирани тактички единици, нејзината структура сепак останува силно поврзана со централното командување и државниот висок воен апарат и строга субординација.
Во споредба со рускиот модел, иранскиот модел оди чекор понатаму во децентрализацијата, пренесувајќи дел од одговорноста за одбраната на регионални структури.

3. Кинеската стратегија: системска и долгорочна подготовка

Воената мисла на Кина се развива околу концептот на „информирано и интелигентно војување“, кој комбинира технологија, економска моќ и долгорочно планирање. Кинеската стратегија најпрвин се фокусира на исцрпување на сите мирнодопски и дипломатски средства за да се спречи инволвирање во воен судир. Но секако дека една од одликите на Кина е концептот на Сун Ву Ву за „уметноста на водење војна“. Концептот на Кина вклучува контрола на информациите и комуникациите, интеграција на цивилните и воените ресурси и постепено зголемување на стратегиското влијание.
Иако Кина исто така развива децентрализирани оперативни способности, нејзиниот модел останува насочен кон силна централна координација и државно планирање.

Иранскиот иновативен модел: отпорност наместо доминација

Во споредба со стратегиите на големите сили, иранската „мозаична одбрана“ има поинаква филозофија.
Додека воените доктрини на суперсилите се стремат кон брза победа и технолошка доминација, иранската стратегија се фокусира на долгорочна отпорност.
Клучните принципи на овој модел се длабока децентрализација на командувањето, локална автономија на одбранбените структури, политичко и религиско институционално наследување, способност за продолжување на војната и при сериозни загуби во раководството.
Така, наместо да се натпреварува во технолошка надмоќ со големите сили, Иран се обидува да создаде систем што е тешко да се уништи.

Модел за идните асиметрични конфликти

Во свет во кој војните сè повеќе се водат со прецизни удари, кибероперации и брзи воени кампањи, концептот на дисперзирана мозаична одбрана може да стане интересен пример за малите и средните држави.
Наместо да се обидуваат да ја копираат воената моќ на суперсилите, тие би можеле да развиваат структури на отпорност и долгорочна издржливост.
Дали иранскиот модел ќе стане нов тренд во воената стратегија е прашање за иднината. Но веќе е јасно дека оваа доктрина претставува значаен експеримент во современата воена мисла, експеримент што сериозно ја предизвикува традиционалната логика на модерното војување. Р.С.