„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за демографската состојба во земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија. Денеска го објавуваме четвртото продолжение
Истражување на „Нова Македонија“ за демографската состојба во државата (4)
Ги претставуваме податоците за умрените лица што се наоѓаат во рамките на делот насловен „Население и социјални статистики“, кој е во публикациите „(С. Македонија во бројки…“, објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во публикацијата од 5 јули годинава, на страница 13, во претпоследниот пасус, пишува: „промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрените лица во земјата. Бројот на умрените лица придонесе за зголемување на стапката на морталитет, која во 2023 година изнесува 11,1 отсто, споредено со 2013 година кога изнесуваше 10 отсто (умрени на 1.000 население)“.
Во публикацијата објавена во 2023 година, на страница 12, во претпоследниот пасус, се наведува: „бројот на умрените лица придонесе за зголемување на стапката на морталитет, која во 2022 година изнесува 12,3 отсто, за разлика од 2012 година, кога изнесуваше 9,8 отсто (умрени на 1.000 илјада лица).
Зголемување на морталитетот за пет отсто во десетгодишен период
Во период од 10 години, од 2013 до 2023, бројот на умрени се зголемил од 19.208 лица (во 2013 година) на 20.187 лица (во 2023), при што пресметавме дека бројот на умрени лица за споменатиот период се зголемил за пет отсто. Анализирајќи ги податоците во текот на периодот од 2013 до 2023 година, констатиравме три заклучоци.
Прво, во периодот од 2011 до 2018 година, по неколкупати се намалувал и се зголемувал бројот на починати лица. Тие промени биле во, според нас, незначителен сооднос, при што, во овој осумгодишен период, разликата – меѓу најмалиот број починати лица (19.465 умрени во 2011 година) и најголемиот број умрени лица (20.421 починати во 2016 година) – била помала од илјада лица. Притоа, во последните две години од овој период има значајно намалување: во 2017 година починале 20.317 лица, а во 2018 година починале околу шест проценти помалку – поточно 19.727 лица.
Вториот заклучок е што во период од четири години, од 2018 до 2021, секоја година значително се зголемувал бројот на умрени лица, споредено со претходната година. Поточно, во овој период, по година имало: 19.727 лица во 2018 година, 20.446 умрени во 2019 година, 25.755 во 2020 година и 28.516 умрени во 2021 година.
Изразено во проценти, во 2022 година, споредено со 2019, бројот на умрени лица се зголемил за околу 44,6 проценти, што претпоставуваме дека во најголем дел се должи на оние лица што починале како последица на пандемијата на ковид-19.
Значително намалување на починатите во последните две години
Затоа, пак, третиов заклучок е мошне охрабрувачки. Радува што во (по)следните две години, во 2022 и 2023, значајно се намалила бројката на починати – во 2022 година умреле 22.459 лица (за разлика од 28.516 починати во 2021) и во 2023 починале 20.187.
Констатиравме дека минатата година, бројот на починати (20.187 лица) е приближно во рамките на распонот и грубиот просек на починати лица во првиот деветгодишен период (2011 – 2019).
Ги анализиравме и податоците за умрени лица според припадноста по пол. Карактеристично за сите тринаесет (од 2011 до 2023) години е што е поголем бројот на умрени машки лица во однос на починати женски лица, при што издвојуваме, според нас, три периоди.
Единствено во првиот период, кој траел девет години, од 2011 заклучно со 2019 година, разликата била помала од илјада лица. Поточно, распонот на повеќе починати машки од женски лица се движел помеѓу 671 и 951 умрени.
Во вториот период, особено во, според нас, врвот на кризата предизвикана од ковид-19, сметаме дека тоа се две години, 2020 и 2021 година, во кои починаа значително повеќе лица од другите години, констатиравме дека бројот на повеќе починати лица бил во просек поголем за близу две илјади лица. Умреле 2.073 повеќе машки од женски лица во 2020 година. Починале 1.794 повеќе машки отколку женски лица во следната (2021) година.
За трет период ги сметаме последните две години. Утврдивме дека имало 1.277 повеќе починати машки лица во 2022 година и за 1.093 повеќе починати машки лица во 2023.
Македонија меѓу земјите со најмалку починати на илјада лица
Ги истражувавме и ги споредувавме со земјите од регионов и податоците од веб-страницата на Светската банка за 2022 години, кои се однесуваат на починати на илјада лица. Констатиравме дека, од вкупно дванаесет земји што ги анализиравме, Македонија е меѓу земјите со најмалку умрени на илјада лица во регионов.
Имено, во Македонија преклани имало 12 починати на 1.000 лица. Помалку починати од нас имале само три земји: Косово (шест починати на илјада лица), Албанија и Словенија (двете по единаесет). Повеќе починати на илјада лица отколку во Македонија имало во следните седум држави: Бугарија (18 починати), Србија, Босна и Херцеговина (двете по 16), Хрватска (15), Унгарија, Романија (двете по 14) и Грција (13). Ист број починати (десет), како во Македонија, во 2022 година имало и во Црна Гора.
Живко Здравкоски
продолжува