Ендрит Фетаху се осврна на положбата на Македонците во Албанија и на предизвиците со кои се соочуваат, како и на потребата да останат обединети со цел да се изборат за своите права
Интервју со Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија
Не смееме да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик, не смееме да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби поради негрижа или дискриминација од државата, нагласи потпретседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Ендрит Фетаху. Тој во разговорот се осврна и на положбата на Македонците во Албанија и на предизвиците со кои се соочуваат, како и на потребата да останат обединети со цел да се изборат за своите права.
Како ја оценувате положбата на Македонците во Република Албанија?
– Положбата на Македонците во Албанија, за жал, останува кревка и нерамноправна, и покрај ветувањата и постојните закони. Албанската држава, иако формално направи одредени чекори за признавање на малцинствата, во пракса не покажа вистинска волја да им обезбеди на Македонците целосна еднаквост. Сè уште нѐ третираат како граѓани од втор ред, со јасен недостиг од образование на мајчин јазик, без инвестиции во областите во кои живееме и со минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата.
Кои се најголемите проблеми на Македонците во Република Албанија?
– Проблемите се многубројни, но клучен останува фактот дека албанската држава не ги спроведува законите што самата ги усвои. Образованието на македонски јазик е речиси непостојно надвор од Преспа, иако тоа е основно право. Многу села и македонски заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостиг од развојни проекти од страна на владата. Истовремено, Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за една земја што тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права.
Која е вашата порака како потпретседател на Македонската алијанса за европска интеграција до Македонците во Република Албанија?
– Мојата порака е јасна: доста беше молк и покорност! Мора да останеме обединети и гласно да го бараме она што ни припаѓа. Не смееме да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик, не смееме да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби поради негрижа или дискриминација од државата. Македонската алијанса за европска интеграција нема да застане сè додека Македонците не добијат еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојна политичка застапеност. Нѐ очекува долга битка, но нема да се повлечеме, затоа што сме убедени дека правдата е на наша страна.
Ви благодарам за интервјуто и ви посакувам лични и професионални успеси.
– Ви благодарам и вам. Вашата улога како медиум е клучна за одржување живо на македонското прашање во Албанија. Ве уверувам дека овој глас никогаш нема да замолкне, затоа што ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во оваа земја.
Автор: Никола Ѓурѓај