Честит и вечен 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
Утре се навршуваат 131 година од денот кога во Солун биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација (МРО). Овој ден го одбележуваме како државен празник – Ден на македонската револуционерна борба. Тој ден во македонската национална историја е ставен на највисок пиедестал, бидејќи е еден од битните монументални столбови на вековната борба и стремеж на македонскиот народ за формирање своја независна држава.
Внатрешната организација -, име што ја одразува нејзината македонска автохтона суштина
Револуционерната организација е основана на 23 октомври (според стариот, јулијански календар), односно на 4 ноември 1893 година во Солун, од страна на Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров. Организацијата е основана под името Македонска револуционерна организација, но во подоцнежниот период доаѓа до промена на нејзините статутарни акти и, следствено, до промена на нејзиното име. Таа може да се сретне како ТМОРО, ВМОРО и ВМРО, меѓутоа во историјата останува заменета како Внатрешната организација, именување што ја одразува нејзината македонска автохтона суштина.
– Дејците и основачите на Македонската револуционерна организација, чие име и дела ги славиме денес и кои во моментот најверојатно не биле свесни какво големо дело направиле со основањето на организацијата, не ја доживеале слободата, не ја доживеале славата, но тие не ја ни барале славата. Ја барале и се бореле само за слободата. Нивните наследници ги продолжиле и идејата и борбата, и покрај многуте притисоци, пропаганди и убедувања од секого дека не се тоа што се, опстојале како што и опстојуваме до ден-денес. А денес, денес во 21 век, повторно се појави таков што тврди дека не сме тоа што сме. А не можеме да бидеме ни тоа што не сме. Но борбата на оваа генерација е повторно да докажува дека сме тоа што сме, Македонци, ништо помалку, ништо повеќе. Од дедо и прадедо… Но гледајќи ги состојбите во соседството и кај нас, веројатно за некое време и покрај нашата свест што сме и кои сме, повторно ќе има такви што ќе тврдат дека ние сме нивни, дека сме или не сме нешто што сме, но ние ќе ја продолжиме својата борба. Борбата ќе ја продолжиме ние, историчарите, македонистите, бранителите, уставобранителите, патриотите, професорите, работниците, пензионерите, студентите, обичните луѓе на Македонија – секогаш со крената глава, достоинствено. Затоа што борбата продолжува, а идејата е вечна! За многу години нека е споменот на Македонската револуционерна организација – беа зборовите на д-р Игор Јуруков во една неодамнешна пригода за „Нова Македонија“.
Сѐ уште се негира македонската револуционерна борба од крајот на 19 век, како и нејзината идеолошка суштина
Денес, кога македонската држава и нација сѐ уште се под (ирационална, недемократска и бесправна основа) атака на бугарскиот хегемонизам и шовинизам, 23 Октомври има уште посуштинско значење за македонизмот. Бугарската политичко-општествена елита постојано се обидува да ги убеди Македонците дека имаат бугарски корени (?!), не признавајќи ги македонскиот народ, јазик и историја, а честопати можевме да слушнеме дека и револуционерната борба не била македонска, дека ВМРО била бугарска револуционерна организација, која имала цел да ја присоедини Македонија кон бугарската држава, што е далеку од историската вистина. Мора да потсетиме дека со овие изјави, всушност, се негира македонската револуционерна борба од крајот на 19 век, како и нејзината идеолошка суштина, всушност со ова негирање се негираат самостојноста на Македонија и особеностите на македонската нација.
Но зошто се прославува 23 Октомври како ден на македонската револуционерна борба? Одговорот е едноставен. Македонската револуционерна организација (МРО) беше главната движечка сила на целото македонско револуционерно движење и беше создадена во Солун, кој веќе бил оформен како политички, културен и економски центар на Македонија под османлиско ропство. Во Солун се наоѓала и младата македонска интелигенција, особено онаа што била револуционерно расположена и се групирала околу Солунската гимназија…
Странски сведоштва и документи за организираната македонска револуционерна борба
· Вил С. Монро, кој ја посетил Македонија во османлискиот период, пишува дека македонското револуционерно движење честопати било претставувано како продукт на бугарските амбиции, а бугарската влада честопати била обвинувана за нејзино директно вмешување. Но Монро заклучува дека рацете на бугарската влада секогаш биле принудувани од Македонците, која зависела од јавното мислење, печатот и директната пропаганда на водачите. Монро исто така вели дека МРО немала за цел присоединување на Македонија кон Бугарија. Според К. Алемендингер, целта на револуционерната организација била целосна независност на Македонија.
· Водобозов, кој ја посетил Македонија по Илинденското востание и имал средби со македонските водачи, вели дека македонските револуционери се плашеле од насилното присоединување на Македонија кон некоја од балканските држави или нејзина поделба. Затоа на своето знаме напишале „Македонија за Македонците“ и мечтаеле за сопствена власт преку автономија. Рускиот автор исто така вели дека до Младотурската револуција, „македонските автономисти (Внатрешната организација) мечтаеле за создавање посебно македонско царство, независно од Турција“.
Хари де Винд, кој е современик на овие историски случувања, вели дека била јавна тајна дворската поддршка за генералот Иван Цончев. Затоа Де Винд заклучува дека ставовите на Цончев, всушност, биле ставови на бугарската влада, односно бугарска автономија за Македонија и формална анексија на Македонија од страна на Бугарија. Де Винд, анализирајќи ги состојбите во македонското револуционерно движење, вели дека Јане Сандански бил водач што се декларирал како „легален претставник на Македонците“, а неговата цел била создавање „независна држава“, која би влегла во балканската федерација.
· Хенри Ноел Брејлсфорд, кој ја посетува османлиска Македонија и е сведок на македонските револуционерни борби, вели дека водачите на македонското револуционерно движење „не биле Бугари, туку Македонци, кои никогаш не ја предавале својата независност под кој било надворешен притисок“. Според него, меѓу водачите на македонското движење дури има и едно силно течение, кое е склоно да биде критично, а на моменти дури и непријателски настроено кон Бугарија. Брејлсфорд исто така вели дека Македонците својот поглед го држеле кон Егејско Море и немале силна желба својата судбина да ја поврзуваат со онаа на бугарското кнежевство. Според истиот автор, програмата на МРО никогаш не предвидувала присоединување на Македонија кон Бугарија, а нејзините водачи истакнувале дека нивната цел е создавање една „слободна неутрална држава“ под врховната власт на султанот и еднакви права за сите, без разлика на племенската припадност. Брејлсфорд исто така забележува дека при пеењето на бунтовничките песни, зборот Македонија постојано се повторувал и е доказ дека тие веќе имаат своја „татковина“.
· Христо Константинов, кој се занимава со оваа проблематика, анализирајќи ги основите на револуционерната организација, вели дека нејзините основачи ја поставиле девизата: „Македонци, сплотете се во името на Македонија како Македонци!“
· Фредерик Мур ги разграничува врховистите и внатрешните водачи. Според него, генералот Иван Цончев силно ја пропагирал идејата за анексија на Македонија од страна на Бугарија. Наспроти него биле внатрешните дејци што сметале дека Македонија како држава, со својата географска положба, би можела да послужи како јадро за конфедерација на Балканот. Мур исто така вели дека паролата на Македонците е „Македонија за Македонците!“
23 Октомври 1893… 2 Август 1944… 8 Септември 1991 година…
Фактите недвосмислено сведочат за една ноторна вистина, дека историските извори, документи, современиците и учесниците во настаните јасно укажуваат дека Македонската револуционерна организација (МРО), како главна иницијалност на организиран, системски двигател на револуционерното движење, се стремела кон независна македонска држава. Но не смееме да заборавиме дека создавањето на македонската држава е еден историски процес, континуиран процес што започна на 23 октомври, со основањето на МРО, а продолжи со исклучителното значење на Првото заседание на АСНОМ и подоцна со референдумот за независност во 1991 година… Н.М.