Денешниот граѓански бојкот на трговските синџири поради високите маржи како повод
Македонија стартува со бојкотот на трговските синџири. Први во регионов таков чекор направија граѓаните на Хрватска, но се прошири и во голем дел од балканските земји, како Црна Гора, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. По примерот на Хрватска, каде што денеска по вторпат ќе се бојкотира пазарењето во работен ден, на социјалните мрежи многу наши сограѓани споделуваат јавни повици граѓаните во земјава да не пазарат во маркетите поради високите цени. Поддршка за бојкотот во Македонија дојде и од пензионерските здруженија, кои исто така ги повикаа пензионерите да не пазарат денеска, за да се испрати сигнал до трговците дека цените се превисоки и мора да се намалат.
Економистите на два ума: едни дека бојкотот ќе даде плод, други дека нема да има ефект
Од разговорот со повеќе економски експерти, се доаѓа до заклучок дека едни веруваат во силата на граѓанската мобилизација и притисокот што ќе биде направен врз трговците и трговските синџири. Други, пак, велат дека бојкотот е неекономска мерка и нема да го реши проблемот.
– На страната на побарувачката е потребно да се дејствува на свеста на купувачите за од една страна да ги пријавуваат ваквите нефер трговски практики, а од друга страна на некој начин да ги блокираат или да не купуваат од таквите трговски синџири што имаат нефер трговски практики, и тоа мора да даде плод – укажуваат од Институтот за економски истражувања и политики.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија исто така го поддржуваат бојкотот.
– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните мрежи, со цел да се поттикне бизнис-секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи, бидејќи тие се навистина поскапени. Иако знаеме како се формираат цените на производите, сепак постои нешто што се вика стандард на граѓаните. Се надеваме дека Владата ќе ги поддржи граѓаните и ќе се направи нешто подолгорочно – вели претседателка Мирјана Лончар.
За разлика од нив, професорот Трајко Славески, пак, посочува дека бојкотот нема да го постигне посакуваниот ефект и истакнува дека пазарот е тој што ги креира цените.
– Нема да има никаков ефект, она што нема да го купите в петок, ќе го купите за викенд, бидејќи не можете да се лишите од потребите. Најдобро е како сите што сме правеле, да се истражува по маркетите за да се добијат пониски цени за производите – вели Славески и додава дека најголем успех за стабилност на цените ќе има ако се намали инфлацијата, но и барањата за раст на платите, кои ја подгреваат инфлацијата.
И економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии смета дека бојкотот со еден ден нема ништо да реши.
– Не треба да се има илузии и да се очекува дека бојкотот ќе има некакви огромни ефекти. Во макроекономијата постои една законитост: дека цените се ригидни кога треба да одат надолу, ретко се намалуваат кога веќе претходно ќе бидат покачени, тоа е потврдено во безброј случаи во светот, вклучувајќи и кај нас. Но кога веќе цените не може да се намалат, поефективна политика во вакви случаи е да се покачат платите. Кога веќе не може да ги намалите цените, зголемете ги примањата и така заштитете ја куповната моќ. Владата треба да ги покачи минималната плата и платите во јавниот сектор, што ќе направи притисок врз сите плати, а сите вработени треба да побараат повисоки плати од нивните работодавци и да се заканат со штрајкови – истакна Јовановиќ.
Но токму на последнава изјава, дадена вчера во јавноста, во редакцијата се јавија и реагираа низа економисти, професори и експерти дека „толку аналфабетски економски процени, загадени со политикантство со амбиција за предизвикување анархија и дополнителен импулс за внатрешна инфлација, одамна не слушнале“. Соговорниците дури одбиваат да ги коментираат ваквите изјави, отфрлајќи ги со индигнација. Нив ги сметаат не само за несериозни туку уште повеќе за некаква форма „економски анархолиберализам“, односно „многу повеќе анархизам и неолиберализам“, во кој „под плаштот на заштита на граѓаните“ се потура и креира политички амбиент на „неолиберална пазарна економија, која граѓаните ги претвора во роботи во функција на одредена либерална каста што има амбиции да генерира нереди, инфлација, незадоволство, да урива и држави и влади и да деноминира нации“.
Во еден поширок контекст и аналитички приод на овој општествен феномен кај нас, одговорот на нашите соговорници е со цитирање на изјавите на нобеловците Семјуелсон, Стиглиц и Кругман.
– Таканаречените експерти што заговараат повисоки плати, штрајкови и нереди, без притоа да обрнат внимание на продуктивноста како фундаментален фактор, само треба да ги потсетиме на изјавите на нобеловецот Пол Семјуелсон, таткото на модерната економија и добитник на Нобеловата награда за економија, кој вели дека растот на продуктивноста на една нација е централниот фактор за зголемување на реалните плати и животниот стандард! Друг нобеловец по економија чии истражувања треба да се земат предвид (исто така за продуктивноста) е Џозеф Стиглиц, кој ја поставил теоријата на маргиналната продуктивност, која вели дека „сите што учествуваат во процесот на креирање нова вредност добиваат надоместок еднаков на нивната маргинална продуктивност, односно она што тие го внесуваат во процесот“. Или, како што би рекол нобеловецот Кругман, „продуктивноста не е сè, но на долг рок тоа е речиси сè“ – истакнуваат нашите соговорници.
Поддршка на акцијата на македонските граѓани и од страна на премиерот Мицкоски
На социјалните мрежи сѐ уште се споделуваат апели да се бојкотира пазарењето денеска и граѓаните да се воздржат од купување и користење услуги на маркетите, за да испратат јасна порака до одговорните за оваа економска состојба.
– Повикуваме на масовен бојкот в петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања – се наведува на социјалните мрежи.
Поддршка за акцијата што се организира на социјалните мрежи дојде и од највисоките државни инстанци, меѓу кои и од самиот премиер Христијан Мицкоски. Тој од првиот ден кога се најави бојкотот порача дека има разбирање за акцијата за бојкот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи и повтори дека институциите ја следат состојбата и реагираат кај оние трговци што генерираат висок профит.
– Го разбирам повикот за бојкот на маркетите како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано – напиша Мицкоски вчера на својот фејсбук-профил, на кој сподели дека како Влада остануваат посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите што директно влијаат на животниот стандард.
Наедно тој укажа дека на средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик-министерот за економија и директорот на пазарната инспекција, наложил засилени контроли и итна реакција на терен.
– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите за кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и доставувачите. Заедно ќе им се спротивставиме на сите што мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените – објави Мицкоски.
И владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите и нагласи дека институциите ќе ги истражат сите злоупотреби. Оттаму додаваат дека нема никаква економска причина за зголемување на цените надвор од своеволноста на трговците. Е.Р.
Примери од светот за тоа на кој начин граѓаните се бореле против
високите маржи на трговците и кои дале плод
Како Израел, а како Италија го надмина проблемот со високите маржи на трговските синџири?
Дека бојкотот или заштитата на граѓаните од „алчноста“ на трговците може да резултира со фер цени говорат и одредени светски искуства, од кои би требало да се црпат одредни знаења, вештини или навики.
Консултантот и експерт за статистика Марко Криштоф претстави многу едноставно, но потенцијално ефикасно решение за проблемот со поскапувањата, на примерот со Израел и со Италија, што всушност резултирало со намалување на цените.
– Израелскиот закон за транспарентност на цените е успешно копиран во Италија. Законот е многу едноставен и бара од супермаркетите да ги објавуваат цените на сите производи на нивните веб-страници. Тоа доведе до создавање неколку услуги за споредба на цените и им овозможи на потрошувачите лесно да одредат каде може да се најде најевтино одреден производ. Интересно е што оваа мерка драстично ги намали регионалните разлики во цените, бидејќи супермаркетите почнаа да поставуваат исти цени во сите свои продавници – објави Криштоф.
На овој начин, како што укажува Криштоф, се зголемува транспарентноста на цените и конкурентноста. Потоа тој потенцира дека во овој период во Хрватска, слично е и во Македонија, тешко е да се споредат цените, а тоа им создава одредена предност на трговците, кои потоа се натпреваруваат само за цените на одредени продукти. Криштоф нагласува дека најважниот аспект од спроведувањето на израелското право се транспарентноста и достапноста на цените за сите производи.
– Во Хрватска моментално се достапни само промоции. Промоциите не служат за продажба на производот што е на продажба, туку за привлекување клиенти во продавницата. А она што не е заработено на производот со попуст, се заработува на други производи на полицата – објасни Криштоф.
Тој е убеден дека по транспарентното објавување на сите цени, брзо би се појавиле голем број услуги и апликации за нивно споредување, со што потрошувачите полесно ќе ги најдат најприфатливите опции.
Израелскиот Закон за храна беше донесен во 2014 година, по големите немири предизвикани од цената на основните потреби. Законот вклучуваше обврска за сите супермаркети да ги објавуваат и ажурираат цените на сите артикли онлајн.
Од мај 2015 година, кога стапи во сила законот, израелските потрошувачи можат да користат голем број бесплатни платформи за споредба на цените, што им го олеснува планирањето на трошоците.
Истражувањето на израелските економисти Орен Ригби и Итаи Атер, објавено во 2018 година на веб-страницата на Центарот за истражување на економската политика (CEPR), покажа значително влијание на овој закон, при што домаќинствата успеваат да заштедат околу 27 долари месечно. Е.Р.