- И 23 години по овој договор, кој треба(ше) да ги регулира меѓуетничките односи во Македонија по оружениот конфликт во 2001 година, во македонското општество постојано се појавуваат иницијативи што се повикуваат на него како основа за некакви права, кои, според некои политички експерти, се во колизија со главната цел на Охридскиот договор – зачувување на унитарниот карактер на државата
- Актуелноста на темите за „замрзнување“ на балансерот и упорноста на албанскиот политички блок за формирање етничка академија на науките и уметностите повторно ја наметнаа дилемата дали во дваесет и тригодишната сеприсутност во општествено-политичкиот амбиент во Македонија Охридскиот договор придонесе за стабилизирање не само на меѓуетничката туку и на меѓучовечката доверба во општеството
Секој обид за анализа и барање решение за унапредување на довербата во меѓуетничките односи во Македонија некако почнува и завршува со навраќање и толкување на Охридскиот договор од 2001 година. И 23 години по овој договор, кој треба(ше) да ги регулира меѓуетничките односи во Македонија, по оружениот конфликт во 2001 година, во македонското општество постојано се појавуваат иницијативи што се повикуваат на него како основа за некакви права, кои, според некои политички експерти, се во колизија со главната цел на Охридскиот договор – зачувување на унитарниот карактер на државата.
Различни перспективи во јавноста
Во таков контекст на различни перспективи на читање на Охридскиот договор се развива и општествената дебата по одлуката на Уставниот суд за „замрзнување“ на примената на алатката балансер (етнички критериум) при вработување во јавната администрација и преиспитување на неговата уставност во контекст на уставната категорија – правична и соодветна застапеност на малцинствата (етникумите) во јавниот сектор. Партиите од албанскиот блок (и од власта и од опозицијата), и покрај различната аргументација, привремената одлука на Уставниот суд за балансерот ја доживуваат како „одземање на стекнато право (привилегија)“, без оглед што низ годините на примена на оваа алатка има многубројни примери за нејзина злоупотреба, покрај базичната дилема уште од нејзиното воведување – дека со нејзина примена се загрозува принципот на мериторност и стручност при вработувањата.
Претходно, во текот на летото, повторно од албанскиот политички блок „воскресна“ и идејата за албанска академија на науките и уметностите, некаков пандан на МАНУ, за почеток како своевидна невладина организација. Оваа иницијатива ја застапува коалицијата Вреди, која е дел од владејачкото мнозинство. Неодамна, претседателот на Алтернатива, Зеиќирија Ибрахими, кој е дел од владината коалиција Вреди, во интервју изјави дека албанската академија на науките и уметностите во Македонија ќе почне со работа во 2025 година. Првично за да се реализира оваа нивна идеја ќе ја финансираат четири општини.
И покрај упорноста на албанскиот коалициски партнер во Владата за формирање паралелна етничка академија на науките и уметностите, кај најголем дел од политичката и интелектуалната јавност ваквата иницијатива е оценета како политизација и етнизација на науката, што е спротивно на нејзината суштина дека науката нема ниту политичка ниту етничка припадност. Иако за научни теми не е соодветно да се користат етнички аргументи, сепак во дебатата за оваа „академска иницијатива“ беше укажано дека во МАНУ има и четири академици од албанска етничка припадност.
Враќање на меѓуетничката или на меѓучовечката доверба?
Во дваесет и тригодишната „сеприсутност“ во општествено-политичкиот амбиент на Македонија, Охридскиот договор речиси секојдневно е ставан на тест дали успеа во стабилизирање не само на меѓуетничката туку и на меѓучовечката доверба во општеството. Вонредниот професор по политички студии и меѓународни односи на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, д-р Мурат Алиу, во својата анализа со наслов „Национализмот како неизлечива балканска болест“ констатира дека: „Охридскиот договор донесе мир во земјата, во однос на стабилизирање на меѓуетничките односи. Тој суштински придонесе за остварување на правата на Албанците во Македонија. Но, никогаш не ја постигна својата втора цел: помирување на Македонците и Албанците и создавање интегрирано општество, каде што би биле безначајни етничките разлики“.
Професорот Алиу во својата анализа заклучува дека 23 години по Охридскиот договор, Македонците и Албанците во Македонија живеат во две различни стварности.
– Македонија сè уште е поделена држава од секој аспект и по 23 години по потпишувањето на Охридскиот договор. Македонците и Албанците живеат во две сосема различни стварности. Градовите, населбите, училиштата, универзитетите, општествените простори се речиси одделени со (фактички и симболични) граници. Дури и во 2024 година ништо не е сменето – ја открива својата перцепција на македонската реалност професорот Мурат Алиу.
Во заклучокот на анализата, Алиу, порачува дека „на Македонија ѝ треба сега нов непишан ’договор’ меѓу Македонците и Албанците, со кој ќе се договорат дека ќе ги остават настрана националистичкиот јазик и политичките барања со етничка содржина во име на подобрата иднина за сите“.
– Затоа на Македонија ѝ треба сега нов „договор“ меѓу Македонците и Албанците, со кој овие две заедници ќе се договорат дека ќе ги остават настрана националистичкиот јазик и политичките барања со етничка содржина, во име на подобрата иднина за сите: во име на економскиот развој, на општествената благосостојба, на подигнувањето на нивото на образование, на здравството… Македонците и Албанците мора еднаш засекогаш да го прифатат и да го почитуваат постоењето на другиот, како етнички, културен и историски и политички колективитет. За да се оствари духот на Охридскиот договор, наместо да остане празно парче хартија што никој не го почитува – вели д-р Мурат Алиу.
Потребна е сериозна анализа за импликациите на Охридскиот договор врз развојот и перспективите на Македонија
И покрај „сеприсутноста“ на Охридскиот договор во аргументацијата на иницијативите за државна поддршка на одредени во суштина етничко-политички проекти, академик Катица Ќулавкова смета дека во овие 23 години нема ниту една издржана анализа за ефектите и импликациите врз државниот буџет на овие проекти што се повикуваат на рамковниот договор.
– Во актуелната дебата во јавноста за одлуката на Уставниот суд за „замрзнување“ на балансерот, ми се чини дека никој не се праша дали воопшто постои закон, односно врз која законска основа сиве овие години се практикува оваа алатка при вработувања во јавниот сектор? Дали сиве овие години институциите, како на пример Заводот за статистика, ги следеле ефектите од примената на балансерот? Дали се знае колку вработени има во секоја институција според тој критериум за правична и соодветна (етничка) застапеност? Постои ли анализа со валидни и релевантни податоци за ефектите и импликациите врз државниот буџет на проекти врз основа на Охридскиот рамковниот договор? Не ми е познато дека некоја државна институција сериозно се занимавала со овие прашања, па сите анализи за (не)успешноста на Охридскиот договор претставуваат во најголема мера претпоставки врз основа на перцепција. Но за аргументирана дискусија и процена на потребата од нови иницијативи што се повикуваат на Охридскиот договор потребна ни е сериозна анализа од државните институции, со опипливи елементи, која со валидни и релевантни податоци ќе аргументира за досегашното влијание на овој договор во развојот и општественото обликување на Македонија, но и какви ни се перспективите со неговото понатамошно проширување на „рамката“ – вели академик Катица Ќулавкова.