Собранието на Република Македонија на 20 март 1991 година ја избра првата влада по воведувањето на политичкиот плурализам и по првите повеќепартиски парламентарни избори одржани во 1990 година. Токму по тој повод, 31 година по изборот на тогашната влада, ги пренесуваме сеќавањата на еден од највозрасните и најискусни дописници на „Нова Македонија“, Киро Кипроски, за неговите средби, сведоштва и разговори со премиерот на првата експертска влада, академик д-р Никола Кљусев
Од новинарските архиви, мемоари и белешки
Законот за трансформација на општествениот капитал, донесен во 1989 година, во Собранието на СФРЈ, познат како закон на Анте Марковиќ, во Македонија почна да се спроведува во 1990 и во 1991 година. За овој период беа трансформирани 240 претпријатија во приватни, преку интерни акции.
Токму во врска со моделот на приватизација, во средината на јуни 1992 година, во хотелот „Радика“ на брегот на Мавровско Езеро, во селото Леуново, се одржа советување на темата кој модел да го избере Македонија за приватизација на општествениот капитал. Организатор беше експертската влада на премиерот академик Никола Кљусев. На советувањето присуствуваа голем број економски и правни експерти на државата, министри на економскиот сектор, менаџери, односно директори на големи гиганти – фабрики, претпријатија.
Во дискусијата мислењата беа поделени кој модел да се примени во практиката и да се донесе закон. Еден дел ја поддржуваше тезата приватизацијата на општествениот капитал да продолжи според законот на Анте Марковиќ, појаснувајќи дека е добар и веќе ги дава резултатите. Спротивставената страна ги оспори интерните акции за приватизација со образложение дека биле поделени на нелегален начин без да ги платат давачките на државата, па на мала врата директорите и блиските до нив стануваат богаташи, а средната класа почнала да се „топи“. И не само тоа: новите газди почнале да ги отпуштаат работниците и да ја менуваат дејноста на претпријатијата. Премиерот Кљусев, министрите на економскиот сектор и голем дел од економските и правните експерти се залагаа и во Македонија да се примени тезата за ваучерска приватизација, со поделба на специјални приватизациски документи (ваучери) на граѓаните, кои со нив можат да купуваат акции во претпријатијата. Ваучерите ќе им се доделуваат на работниците по неколку критериуми: должината на работниот стаж, возраста, примањата и други принципи. Ваков модел, како што беше речено, се спроведува во Чешка, Словачка, Словенија и во други држави. По неколку часа дебата, спротивставените страни останаа на своите ставови што ги бранеа, сметајќи дека нивниот модел е подобар од спротивставениот. Поради тоа не беше донесен заклучок кој модел на приватизација да се усвои, дискусијата да продолжи во наредниот период и да се усвои најдоброто решение а државата.
По околу два месеца од советувањето, пратениците на седница на Собранието на Република Македонија, која ја одржаа на 17 август 1992 година, ѝ изгласаа недоверба на експертската влада на премиерот Кљусев. Краткото образложение гласеше дека „на државата за побрз развој и просперитет ѝ е потребна политичка влада“. Јавноста беше сведок дека за недовербата гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, која беше најмногубројна. Збунувачки изгледаше фактот што пратениците на споменатата партија не ѝ ја дадоа својата доверба на експертската влада, иако поголемиот број министри беа многу поблиску до политичката опција на ВМРО-ДПМНЕ.
На 5 септември 1992 година, Македонија ја избра првата политичка влада на чело со Бранко Црвенковски, претседател на СКМ-ПДП. Претходно, претседателот на Републиката, Киро Глигоров, мандатот за состав на политичка влада им го понуди на Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и на Петар Гошев, претседател на СКМ-ПДП, кои го вратија мандатот.
По две години од разрешувањето на експертската влада, со експремиерот Никола Кљусев имав подолг разговор. Чудно ми беше како пратениците без подлабока анализа за работењето на Владата, која успеа без потреси да изврши монетарна самостојност на Македонија, ѝ изгласаа недоверба.
„Бев изненаден кога дознав дека пратениците ќе дискутираат за изгласување недоверба на Владата. Тоа се случи.
Во средината на јуни 1992 година, во хотелот „Радика“ на брегот на Мавровско Езеро, во селото Леуново, се одржа советување на темата кој модел да го избере Македонија за приватизација на општествениот капитал. Организатор беше експертската влада на премиерот академик Никола Кљусев. На советувањето присуствуваа голем број економски и правни експерти на државата, министри на економскиот сектор, менаџери, односно директори на големи гиганти – фабрики, претпријатија, се сеќава Кипроски
И министрите беа изненадени, бидејќи 17 месеци, Владата активно работеше, внимаваше да не даде повод раздружувањето од заедничката држава, од Федерацијата на СФРЈ, да го изврши без војна, без потреси, без човечки жртви и материјални штети. Од одделенијата на народна одбрана во општините прекуноќ да ја одземеме воената документација на резервните војници. Поради моја безбедност да не паднам во рацете на воената полиција на ЈНА, без да знам каде ме евакуираат, секој ноќ ја минував на различни локации. Тоа беше страшно и неизвесно по мојот живот. Но, сѐ добро се заврши.“ Ме интересираше кој беше поводот или причината што неочекувано ѝ беше изгласана недоверба на Владата и својот глас да го дадат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Академикот се подзамисли и ни рече: „Минат е мал период од изгласувањето на недовербата, не знам која беше причината. Владата беше компактна по речиси сите точки што беа на дневен ред на седниците. Но, можам да претпоставам, не мора да е точна, но и колегите и моите блиски се сложуваат. На некои од политичките партии не им се допаѓаше концептот за приватизација за кој се залагавме Владата и јас“.
Во мај 1996 година, на меѓународниот аеродромот во Франкфурт, во аеродромската чекалница подолго време разговарав со Доста Димовска и со Ѓорѓи Наумов, високи партиски функционери и основачи на ВМРО-ДПМНЕ. Доста Димовска го критикуваше својот сопартиец што ја поддржал партиската иницијатива пратениците да ѝ изгласаат недоверба на експертската влада. Како причина за недовербата бил цврстиот став на Владата, приватизацијата на општествениот капитал да се изврши со ваучери. Времето потврди дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со гласањето за недоверба на експертската влада направиле голема грешка, погрешно го ставиле темелот на државата, мал број луѓе прекуноќ станаа богаташи, а многу работници останаа на улица. Од ваквата непромислена одлука на тој состав на пратениците, допрва граѓаните на Македонија ќе се соочат со последиците, констатираа моите соговорници.