Новата 2026 година достоинствено пречекана низ целата земја
- Една од најубавите вести на првиот ден од 2026 година беше раѓањето на првото бебе во земјата. Точно на полноќ, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, се роди Евгенија, женско бебе што е трето дете во семејството на 38-годишната мајка
Со пригодна програма и со голем ентузијазам беше пречекана 2026 година низ повеќето градови во Македонија. Илјадници граѓани се собраа под отворено небо на плоштадите, уживајќи во новогодишната програма подготвена од локалните власти, при што на минусни температури беа забавувани од голем број домашни естрадни уметници.
На плоштадот „Македонија“ во Скопје меѓу илјадниците граѓани што решија да ја пречекаат 2026 година беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој им посака здравје, успех и заедништво во новата година.
– Заедно со нашиот народ на плоштадот „Македонија“ да ја дочекаме новата година.
Да посакам добро здравје, разбирање и успеси за секој човек на нашата Македонија.
Среќна Нова година! – објави премиерот неколку минути по полноќ, објавувајќи фотографии од плоштадот „Македонија“ во Скопје каде што со сопругата, градоначалникот на главниот град, Орце Ѓорѓиевски, и со присутните граѓани ја пречека новата година.
За пречекот на новата година во Скопје настапија познати домашни музичари како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Лара, како и други македонски уметници.
Спектакуларен беше пречекот на новата година на плоштадот „Свети Климент Охридски“ во Охрид, каде што пред повеќе домашни гости, но и туристи од соседните земји, присутните ги забавуваа Влатко Лозановски, Ефто Пупиновски, Ѓоко Танески и диџеи. Точно на полноќ, присутните уживаа во огномет над езерското пристаниште.
Првите бебиња во 2026 година – симбол на нов живот
Една од најубавите вести во првиот ден од 2026 година беше раѓањето на првото бебе во земјата. Точно на полноќ, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје се роди Евгенија, женско бебе што е трето дете во семејството на 38-годишната мајка.
На истите клиники се родија уште две близначки, додека во други градови како Штип, Прилеп и Струмица, исто така беа регистрирани први новороденчиња – симбол на раѓање, надеж и плодна година.
Сопругата на премиерот, Рози Мицкоска, на првиот ден од новата година ги посети мајките родилки во ГАК и во Гинекологија-Чаир и ги даруваше првороденчињата што се родија неколку минути по полноќ.
Во посета на новороденчињата таа беше заедно со градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за здравство Азир Алиу, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а во Чаир и со градоначалникот Изет Меџити.
Дебармаалци ја продолжија традицијата стара безмалку сто години
Традицијата стара речиси еден век. Со македонска музика и оро на среде улица, дебармаалци точно напладне на 1 јануари ја честитаа Нова година.
По обичај, кафеана „Идадија“ и оваа година беше местото каде што се собраа сите продолжувачи на обичајот. Со вртење погача со паричка најпрвин го избраа новиот кум, кој за наредната треба да се погрижи да продолжи традицијата, но и дружбата.
Инаку, историјатот на овој настан ги влече корените од далечната 1928 година кога најстарата скопска кафена бил кантина наменета за машката гимназија – каде што се вареле јајца и се правело чај. Оттогаш првите генерации на овој обичај со знамето во рака на калдрмата започнале да го вијат македонското оро. Традицијата продолжува, а за две години ќе слави еден век постоење.
Повозрасните се горди што традицијата се пренесува и ја прифаќаат и помладите генерации. А традицијата од година на година зачинета и со спортски дух. Пред кафената „Идадија“ беа поздравени група атлетичари.
Безбедносна и црна хроника за новогодишната ноќ
И покрај многубројните апели на надлежните, сепак прекумерното консумирање алкохол и повредите од употреба на пиротехника се повторуваат од година на година.
Безбедносната состојба генерално беше оценета како мирна, иако беа пријавени 29 кривични дела, а 33 лица беа приведени, од кои дел беа поврзани со дрога.
На локација во старата скопска чаршија на новогодишната ноќ еден турски државјанин бил убиен, а еден повреден. Осомничениот за убиството е приведен во Косово. Двегодишно дете беше тешко повредено исто на новогодишната ноќ, кога заедно со својата мајка го набљудувало огнометот. И покрај обидите на лекарите на Клиниката за детска хирургија да го спасат, детето почина, а патолозите во следниот период треба да соопштат за каков метален предмет станува збор, кој беше фатален за малото дете.
Во текот на новогодишната ноќ голем број луѓе побараа медицинска помош – 31 лице беа згрижени на токсиколошката клиника, меѓу кои 13 малолетници со разни симптоми, најмладиот на возраст од 14 години.
Овие настани ја потсетија јавноста дека покрај радоста и веселбата, потребни се внимание и одговорно однесување за безбедно прославување. Н.М.


































