Принципиелност наспроти пристрасност – што ќе натежне? Па, тука е и Преспанскиот договор… Предлогот од Париз, преамбулата на македонскиот Устав… Познавачите на дипломатските практики сметаат дека испраќањето на грчкиот дипломат Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ е со намера Унијата да го засили својот мониторинг во Македонија, особено во делот на спроведувањето на Преспанскиот договор, но и околу исполнувањето на условите од предлогот од Париз, со кои се предвидува внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав како малцинство, наметнати како клучни услови за отворање на поглавјата од преговарачката рамка… Во секој случај, пристигнувањето на новиот евроамбасадор, Гркот Михалис Рокас во земјава отвора дополнителни дилеми околу неговата (не)пристрасност кога станува збор за неговиот „поглед“ при давање на „европската генерална оцена околу подготвеноста на земјава за евроинтеграциите“
Новиот евроамбасадор во Македонија стапува на должност
Во услови кога Македонија во процесот на евроинтеграциите со години се соочува со непринципиелни условувања што немаат никакви допирни точки со исполнувањето на европските критериуми, пристигнувањето на новиот евроамбасадор, Гркот Михалис Рокас во земјава отвора дополнителни дилеми околу неговата (не)пристрасност кога станува збор за генералната оцена околу подготвеноста на земјава.
Без оглед што е установена пракса евроамбасадорите да се држат исклучиво до критериумите што земјата треба да ги исполни на патот кон ЕУ, сепак изминатите години Македонија се соочи со редица услови што немаат никаква врска со критериумите од Копенхаген, а токму Грција, земјата од која доаѓа новиот евроамбасадор, беше таа што ја држеше две децении под блокада во делот на евроинтеграциите, условувајќи ја со неевропски услови, односно барајќи таа да го промени уставното име.
Дополнителен проблем е што многу од билатералните условувања прекуноќ се трансформираа во европски услови за Македонија, а амбасадорот Рокас ќе биде тука будно да го следи нивното исполнување, особено во делот на спроведувањето на Преспанската спогодба и на уставните измени со кои се предвидува впишување на граѓаните со бугарска самосвест во македонскиот Устав.
Во граѓаните се крие недоверба?!
Обичните граѓани со кои имавме можност да поразговараме и да направиме теренска анкета околу назначувањето грчки дипломат на позицијата евроамбасадор се доста резервирани околу неговата непристрасност, бидејќи многумина од нив сметаат дека тој многу повеќе ќе ги брани грчките интереси.
– Па, веројатно неговите оцени за земјава ќе зависат и од тоа колку тука се почитува Преспанскиот договор онака како што посакува Грција. Тие сакаат ерга омнес за сите, а овде луѓето не се подготвени за такво нешто. Едно се политичарите, но што е со сите други? Што ќе се случи кога ќе отиде во некоја рурална општина да промовира некој европски проект, а обичните луѓе таму ќе зборуваат за Македонија, без додавката? Тврди се Грците по ова прашање и тешко ќе може новиот евроамбасадор да прогледа низ прсти за ова, така што ќе најде некоја формулација да каже дека, еве, не сме способни да подготвиме издржан проект, дека администрацијата не е компетентна и слично, иако на многу други држави им прогледувале низ прсти за истите пропусти – вели Васил Илиоски, уметник.
Според него, подобро ќе беше ЕУ да назначеше евроамбасадор што е од некоја друга европска земја за да може и неговата оцена да биде непристрасна.
– Видовме како реагираше грчката амбасадорка за време на заклетвата на македонската претседателка, така што исто така ќе реагира и евроамбасадорот утре кога ќе појде на отворање на некоја изложба, на „Галичка свадба“, на „Охридско лето“ или на некои слични манифестации, еве, што не се финансирани од државата, каде што во неформалната конверзација сите го употребуваат името Македонија без никакви географски одредници. Зарем ќе ја напушта секоја манифестација или ќе суфлира „северна“? Затоа сметам дека можеби требаше некое поинакво решение во овој момент – додава Илиоски.
Европски мониторинг на спроведувањето на Преспанската спогодба
и на уставните измени
И додека ставот на обичните луѓе е резервиран, многу повеќе со доза на недоверба, познавачите на дипломатските практики сметаат дека испраќањето на грчкиот дипломат Рокас е со намера ЕУ да го засили својот мониторинг во Македонија, особено во делот на спроведувањето на Преспанскиот договор, но и околу исполнувањето на условите од францускиот предлог со кои се предвидува внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав како малцинство, клучни услови за отворање на поглавјата од преговарачката рамка.
– Очигледно е дека Брисел не сака работите да ги испушти надвор од контрола и сака да има јасна претстава како се спроведуваат европските стандарди и критериуми од страна на новата влада, која со некои свои изјави демонстрираше решителност да се држи исклучиво до европските критериуми. Но, за официјален Брисел европски критериуми се и спроведувањето на Преспанската спогодба и уставните измени, нешто што го немаше за ниту една друга земја. Впрочем, уште кога беше објавено името за наследникот на досегашниот евроамбасадор Дејвид Гир, првичниот впечаток кај македонската јавност беше дека Македонија добива евроамбасадор за спроведување на Преспанскиот договор и францускиот предлог. Со такво (пред)убедување на јавноста во земјата каде што треба да го извршува мандатот доверен од Европската Унија, секако дека поголема е одговорноста на амбасадорот Рокас за креирање објективен и принципиелен однос како претставник на ЕУ со македонските институции, во контекст на македонските евроинтеграции – оценуваат аналитичарите.
Некои од нив сметаат дека евроамбасадорот многу тешко ќе може да го задржи принципиелниот однос бидејќи доаѓа од земја што има сопствена проекција што значи вистинско спроведување на Преспанската спогодба.
– Колку и да сака да биде принципиелен, Рокас сепак доаѓа од една моќна грчка дипломатска мрежа, која со децении работела на македонското прашање и многу тешко ќе може да го набљудува тоа низ непристрасни очила. Несомнено, ние заостануваме во многу области во делот на реформите, така што евроамбасадорот може во секој момент да испрати негативен извештај и да го објасни како застој во реформите, а во заднина да станува збор за притисок од Грција врз Македонија. Се надевам дека амбасадорот Рокас, кој долги години е дипломат и има огромно искуство, ќе ја задржи дипломатската професионалност и ќе работи заедно со македонските власти на забрзување на реформите, усогласување на законите, политиките и сѐ што е важно за постигнување максимална усогласеност на земјава со ЕУ. Впрочем, тоа е неговата вистинска задача, така што сега е важно и амбасадорот Рокас и македонската страна да покажат максимални заложби за што поскоро достигнување на стандардите и зачленување на земјава во ЕУ – заклучуваат соговорниците.
Македонско добредојде за новиот евроамбасадор Михалис Рокас
Уште во април годинава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел официјално го номинира грчкиот дипломат Михалис Рокас за нов амбасадор на Европската Унија во Македонија. Неговиот мандат треба ефективно да започне месецов наследувајќи го Дејвид Гир на амбасадорската позиција во Делегацијата на ЕУ во Скопје. Рокас доаѓа во Македонија по неговата последна мисија како претставник на ЕУ во Малезија.
Михалис Рокас е роден во септември 1964 година, во Атина. Рокас има 26-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи му се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година. Бил вршител на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ во Нов Зеланд, прв секретар на Канцеларијата на Европската комисија во Хонгконг и во Макао, шеф на Одделот за поддршка на делегации во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), како и заменик, а потоа и шеф на Одделот на ЕЕАС за Кина, Хонгконг, Макао и Монголија.
Наследникот на Британецот Дејвид Гир ќе биде првиот Грк на ваква евроамбасадорска функција во земја кандидатката за членство во ЕУ. Неговото назначување од ЕУ во Македонија ги подигнува на повисок степен очекувањата и внимателноста на сите страни (и во ЕУ и во Македонија и во Грција) од неговиот мандат, со оглед на долгогодишниот македонско-грчки билатерален спор, наметнат од Грција за името на нашата земја, кој со децении го блокираше македонското напредување кон ЕУ. Се смета дека со Преспанскиот договор е надмината таа ситуација, но се чини дека и во ЕУ се свесни дека реалноста околу прифаќањето на овој договор во јавноста на двете земји сепак не одговара на нивните „пресметки“. С.Т.