Стариот и дотрајан мебел најчесто завршува на дивите депонии / Фото: „Нова Македонија“

Денеска екоорганизациите собираат 1,3 милион тони отпад од мебел. Речиси половина е за еднократна употреба, не може да се поправа или рециклира и се пали во печки за согорување или се закопува на депонии, пренесува „Еуроњуз грин“

Евтин мебел што брзо се амортизира, и уште побргу завршува како отпад, ни ја загадува животната средина

Минатиот месец имаше многу работа за вработените во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, со оглед на тоа што само во тој еден месец работниците успеаја да соберат дури 1.800 кубни метри отпад. И како и секојпат така и овој, дивите депонии распослани на недозволените локации во голем дел беа составени и од стар мебел и друга покуќнина што повеќе не им биле потребни на луѓето, па одлучиле да ги остават среде паркови и улици.

Депонии никнуваат на сите страни

И во Скопје ништо ново на полето на непрописното фрлање отпадоци. Мини-депонии се создаваат речиси насекаде, а ниту улиците не ни се нешто баш многу чисти. Факт е дека причината за тоа е некултурата кај граѓаните, бидејќи изминатите години на надлежните устата буквално им фати пена од апелирање да не се фрла ѓубрето на места несоодветни за тоа.
Изминатиот период исто така беше погоден за граѓаните да си ги средат домовите и да го исфрлат стариот и дотраен мебел, па така, си ги фрлаа старите душеци, столчиња и друг мебел покрај контејнерите каде што воопшто не им е местото. Па така, вработените во комуналното претпријатие се соочуваа со вистински предизвик да ги соберат, иако оние камиони што поминуваат за да ги празнат кантите и контејнерите не се опремени на тој начин да можат да собираат и кабаст отпад.
Па тоа дополнително значи ангажирање ресурси и работници, кои треба да дојдат специјално да го подигнат отпадот, бидејќи истиот тој не може со денови да стои покрај улиците.
– Интервенирано е на улиците Христо Батанџиев, Воин Драшковиќ и Борис Сарафов во скопската општина Ѓорче Петров, на улиците Васил Чакаларов и Теодосие Гологанов, како и во населбата Жданец во општината Карпош, на паркинг-просторот пред скопските гробишта во општината Бутел, на повеќе локации во општините Аеродром и Кисела Вода, на улиците Вуковарска, Џон Кенеди и на булеварот Македонско-косовска бригада во општината Чаир, како и на булеварот Партизански одреди во скопската општина Центар.
Наедно, за време на изминатиов викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје подигнаа приближно 20 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) спроти Амбасадата на САД – информираа комуналците.

Мебел за брз декор, но и за прекор, поради тоа што
брзо завршува на отпад

Она што најмногу загрижува во загадувањето на животната средина е трендот што изминатиот период зема сѐ поголем замав, а кој, од страна на експертите е наречен „брз декор“. Овој тренд се однесува на постојаното менување на модата во декорирањето на домовите, па оттука и е потребата за продажба на евтин мебел, кој може да се замени за година-две.
Оттука е и главната причина поради која се формираат диви депонии со кабаст отпад, бидејќи модата постојано се менува, па и потребите за декорирање на домовите.
Во понудата на социјалните мрежи врие од евтини имитации на скапи брендови, кои, според експертите, се всушност енормно големи количества евтини производи за брзо обновување на домовите.
– Очигледно, гигантите на брзата мода, е-трговијата и масовната дистрибуција, како и новите играчи во царинењето и е-трговијата, направија сѐ за да го зајакнат овој тренд за да остварат што е можно поголем профит, со катастрофални последици за планетата – вели Полин Дебрабандере, координатор на кампањи за „Нула отпад“ во Франција.
За време на пандемијата, многу луѓе инвестираа во реновирање на своите домови, што доведе до бум на купувањето.
Студијата објавена во францускиот финансиски весник „Лез еко“ покажува дека меѓу 2017 и 2022 година, бројот на парчиња мебел што се пласираат на пазарот во Франција се зголемил за 88 отсто.
Дури и сега, 46 отсто од купувачите на производи за подобрување на домот ги обновуваат елементите на дневната соба најмалку еднаш годишно.
Со зголемувањето на откупот се зголеми и количеството отпад. Помеѓу 2014 и 2020 година, отпадот од мебел двојно се зголеми во Франција.
Денеска екоорганизациите собираат 1,3 милион тони отпад од мебел. Речиси половина е за еднократна употреба, не може да се поправа или рециклира и се пали во печки за согорување или се закопува на депонии, пренесува „Еуроњуз грин“.
– Соочен со заситеноста на стоката, секторот за украсување одлучува да го забрза своето производство до нивоа што се неодржливи за планетата, секогаш со иста цел: да создаде желба од површна потреба.
Во време кога се преминуваат планетарните граници, мора итно да го регулираме секторот за да ја ограничиме неговата прекумерна потрошувачка на ресурси – вели Пјер Кондамин, менаџер на кампањата против хиперпродукција од француската организација за заштита на животната средина и луѓето „Пријатели на Земјата“ од Франција.

Еколошките групи се залагаат за повторна употреба, поправка или
рециклирање

Еколошките организации сакаат брзото украсување да се замени со култура на повторна употреба и поправка. Според процената на РРЕУСЕ, европската мрежа на социјални претпријатија за повторна употреба, членовите успеале да спасат околу еден милион тони стоки и материјали од депониите во 2022 година. Ова заштедува еквивалент на годишните емисии на јаглерод диоксид на повеќе од 108.000 европски граѓани.


Според новото истражување, пластиката со светли бои побрзо се распаѓа и формира микропластика од онаа со помалку светли бои

Екозабелешки и поуки
Пластиката со светла боја повеќе загадува

Експертите од Универзитетот во Лестер покажаа дека боите како црвена, сина и зелена можат значително да влијаат на брзината со која пластиката се распаѓа. Ова потенцијално може да значи дека повеќе штетни микропластики се внесуваат во животната средина.
Студијата објавена во списанието „Енвајрментл полјушн“ го докажува овој ефект.
Тим од Универзитетот во Лестер во Велика Британија и Универзитетот во Кејп Таун во Јужна Африка користеа две дополнителни студии за да покажат дека пластиката се деградира со различни стапки во зависност од тоа каква боја е додадена на неа.
Едната студија користела капачиња од шишиња со различна боја поставени на покривот на зградата на универзитетот, изложени на сонце и стихии три години. Другата студија користела пластични предмети со различни бои пронајдени на оддалечена плажа во Јужна Африка.
Двете студии покажаа дека црната, белата и сребрената пластика генерално не се под влијание на климатските влијанија. Сините, зелените и црвените примероци, сепак, станаа многу кршливи и фрагментирани во истиот временски период. Во јужноафриканската студија, постарите пронајдени примероци беа цврсти, но песокот беше полн со светлообоени фрагменти.
Истражувачите велат дека боите како црната, белата и сребрената боја ја штитат пластиката од штетното ултравиолетово (УВ) зрачење, кое ја менува нејзината полимерна структура, правејќи ја кршлива, пренесува „Еуроњуз грин“.
– Неверојатно е што примероците оставени на покрив во Лестер, Велика Британија, и оние собрани на ветровитата плажа во јужниот дел на африканскиот континент покажуваат слични резултати – вели д-р Сара Ки, која го водеше проектот.
Она што го покажаа експериментите е дека, дури и во релативно студена и облачна средина, огромни разлики во формирањето на микропластика може да се видат за само три години.
– Честопати сум се прашувал зошто ми се чини дека микропластиката во песокот на плажата често е од сите бои на виножитото. До нашето проучување претпоставував дека моите очи се измамени и дека гледам само повеќе шарени микропластики затоа што полесно се забележуваат – додава коавторката, професорката Сара Габот од Факултетот за географија, геологија и животна средина на Универзитетот во Лестер.
Сепак, професорката Габот вели дека излегува дека светлообоените микропластики веројатно ќе бидат поконцентрирани во околината бидејќи се поподложни на фрагментација на „милиони ситни, но шарени микропластични честички“.
Истражувачите велат дека студијата има значителни импликации за дизајнот на материјалот бидејќи некористењето светли бои може да помогне да се намали загадувањето со микропластика. Овие ситни честички од пластика во распаѓање влегле во облаците, „непроменети“ праисториски остатоци, па дури и биле пронајдени во човечки тестиси.
– При дизајнирање на пластични предмети и амбалажа, производителите треба да ја имаат предвид можноста за рециклирање на тој материјал, како и веројатноста дека ќе ја загади околината. За предмети што се користат на отворено или се силно изложени на сончева светлина, како што е пластичен надворешен мебел, размислете да избегнувате бои како црвена, зелена и сина за да траат што е можно подолго – додава таа.

[email protected]