Гоце Стојановски, пензиониран новинар и вљубеник во старата архитектура
Гоце Стојановски е пензиониран новинар и уредник на РТВ Кратово, телевизиски снимател и монтажер, кој пензионерските денови рационално ги користи за реализација на проектите од повеќе хобија што ги носел со себе со години. Многубројните проекти не можеа да бидат реализирани во деновите со многу работни обврски, но кога станал пензионер, со помалку обврски и ангажмани, еден по друг неговите замисли видоа бел ден. Воден од голема љубов и желба, а со вроден уметнички талент, успева да го ископа од домашните архиви во Македонија и да го зачува вредното исконско македонско културно наследство, особено она што се однесува на Кратово и Кратовско. Како резултат на неговата упорност досега од печат излегоа следниве книги: „Староградска македонска архитектура“, „Книга за Кратово: кратовски времеплов“, „Монографија за јубилејот од 30-годишното постоење на Домот на култура „Лазар Софијанов“ во Кратово“, како и неколку книги со различни групи автори.
– Како поранешен новинар и уредник на Радио Кратово, а денес пензионер, можам да кажам дека немав време да се посветам на ниту едно од моите хобија – го започна разговорот колегата Стојановски на терасата на хотелот „Кратис“ во Кратово, од каде што со воодушевување имав можност да ја видам кратовската архитектура, односно куќите, кулите, мостовите и други значајни архитектонски зданија во градот на кулите. Тој подзастана малку да земе здив и да ја срочи мислата што ја носи со децении.
– Искрен да бидам пред колегата и пред читателската јавност на дневниот весник „Нова Македонија“. Со децении бев дописник од Кратовско, но многу жалам што ова што го работам не го работев пред многу години порано, бидејќи многу значајни културно-историски објекти, поради негрижа, повеќе не постојат – ми вели колегата Стојановски.
Тој додава дека професијата новинар бара целосен ангажман, а пропуштеното не може да се надомести.

– Дел од проектите од хобијата почнав да ги реализирам кога престанав да се занимавам активно со новинарската професија, од 2006 година, кога се пензионирав. Тоа беше тешко време за новинарите поради лошите законски решенија и трансформацијата на локалните радија и телевизии, поради што најголемиот дел престанаа со работа. Во тоа време мојот професионален ангажман беше насочен кон НВО-секторот, во кој веќе имав проекти од областа на екологијата и НВО за заштита на културното наследство. Мојата главна активност беше изработка на проекти, аплицирање на повици и конкурси за еколошки проекти. Посебно поле на интерес ми беше богатото културно и историско наследство. Најголем дел од активностите ги посветив на староградската архитектура на Кратово. Моето тридецениско искуство во новинарството ми послужи да соберам обемен фотоматеријал, кој го искористив за изработка на мозаици во 3Д-техника за дваесетина стари градски куќи на Кратово. Тоа беше моето прво хоби што го претворив во интересен и уникатен проект – промоција на книгата со наслов „Ајде да ја зачуваме староградската македонска архитектура“ – додава нашиот соговорник. Тој истакнува дека промената на новинарската професија со уметничка работа му овозможила да му се отворат нови визии со кои се обидува да ја зачува автентичноста на староградската архитектура на Кратово и на другите градови од нашата земја.
– Од новинарството засекогаш ќе носам убави спомени, а притоа обезбедував пристојна егзистенција за семејството, децата ги образував и ги вклучив во малиот семеен бизнис. Инспириран од специфичната стара македонска архитектура во мојот роден град Кратово и во градовите Охрид, Берово, Крива Паланка, Велес… јас одлучив да ги овековечам старите градби, кои полека исчезнуваат на еден уникатен начин. Всушност, почнав да изработувам слики во 3Д-техника како макети на традиционалната архитектура. Бројката на овие специфични дела што ги имам изработено е околу 50, а со нив учествував на повеќе изложби, саеми и настани. Моите дела се изложени во семејната сувенирница „Кратискара“ во Кратово. Со овие изработки се надевам дека успеав да овековечам некои градби, кои, за жал, веќе не постојат или се пред целосно уништување, успеав да ги оттргнам од заборав. Ова хоби ќе продолжам да го негувам, да овековечам што е можно повеќе градби во Кратово, како еден од најстарите и најуникатни градови на Балканот и пошироко.
Македонските стари куќи – автентични, неповторливи…
„Во Македонија старите градски населби како што се: Охрид, Битола, Кратово, Велес, Берово, Крива Паланка, донекаде и Крушево, Тетово, Штип, до неодамна изобилуваа со голем број стари градски куќи. Иако помалку или повеќе се разликуваат, тие навистина се автентични. Разликата може да се воочи во стилот, градбата и специфичноста на нивното поставување. Нивната трајност зависи од начинот на градењето, ориенталното поставување на фасадата и слично. За градењето и неимарството мора да се спомене фактот дека има долга вековна традиција кај нашиот народ и другите народи на балканското поднебје“.
Извадок од поговор на книгата „Староградска македонска архитектура“ на авторот Гоце Стојановски.
Калемење на традиционален начин
Вие имате уште едно интересно хоби што нема допирна точка со уметноста. Тоа е калемењето овошки, нешто што го практикувате последниве години?
– Од мојата младост, како ученик во прва година во гимназијата „Митко Пенџуклиски“, често го следев мојот вујко Трајчо, кој во текот на месеците март и април ги собираше калемите, потоа ги ставаше во песок и правеше „калемарски восок“ со кој ги премачкуваше спојките на калемите со кората, која служеше како подлога за калемите. Така и јас почнав да калемам на два стари традиционални начини познати како во прва година на глава и на лист. Денеска имам над десетина нови техники на калемење, најчесто го правам на овошни дрвја: дива круша, дива цреша, дива јаболка, мушмула што се калеми на подлога од дива дуња. Интересно е дека кај младите луѓе се пројави интерес за облагородување на дивите дрвца и затоа решив да спроведам обука за калемење овошни дрвца од сите видови – вели Стојановски.